fbpx

Доктор Никола Панчевски ми ја подари Матеа

05.03.2015

Mајчинството е дел од природата. Благослов за кој мечтае секоја жена. Највеличествениот миг во животот. Но, законите на природата знаат да си поиграат со нашите животи. Да нè стават на предизвик и да нè тестираат колку можеме да ги издржиме тие удари за да го добиеме тој единствен и неповторлив миг во животот да добиеш свое чедо и да станеш мајка. 16 години го чекав мајчинството. За сето тоа време имав безброј инсеминации и ин витра, но сето тоа на крај завршуваше со неуспех. Причина беше интервенцијата на грлото на матката уште пред многу години. Останував бремена, но плодот го губев секогаш кога грлото на мојата матката ќе попуштеше.

По долги години борба веќе беа исцрпени и последните медицински постапки кои ми даваа надеж дека сепак, на крајот ќе станам мајка. Колку и да беше тешко, колку и да беше мачно и болно, јас ја имав таа среќа покрај мене да бидат вистинските луѓе, мојот сопруг Тони Трендевски и д-р Никола Панчевски, со кои заедно на крајот ја издвојувавме победата. Тие беа мојата најголема поддршка!

Иако секој месец очекував позитивни вести, сепак, времето поминуваше, без никакви позитивни резултати. По неколку консултации со доктори, решив да ја прифатам подадената рака на д-р Никола Панчевски и заедно да дојдеме до посакуваната цел.

Д-р Панчевски ми соопшти дека потребно е да ми се направи интервенција ткн. трансабдоминален серклаж која дава надеж дека ќе успеам да го задржам бебето доколку повторно забременам. Требаше да чекам да ми заврши циклусот па да ја направам интервенцијата. Во меѓувреме заминав на одмор за да заборавам на сè, да соберам сили за да почнам одново. Помина еден месец, па уште еден, третиот веќе одминуваше, а јас немав циклус. Решив да се консултирам со д-р Панчевски. Кога ми направи ехо сите бевме стаписани од веста дека сум бремена во 6. гестациска недела.

Повторно доживеав шок. Немав сили пак да доживеам разочарување и да го изгубам детето. Мислев дека ќе морам да абортирам, за да се направи интервенцијата, а дополнително требаше и да се отстрани тумор на јајникот. Но, д-р Панчевски одлучи да ја направи интервенцијата без да имам потреба од абортус.

На наше огромно задоволство, сè испадна како што треба. Времето полека поминуваше, а бременоста се одвиваше нормално. На крај, во 38. гестациска недела станав МАЈКА.

Кога се разбудив од анестезија веднаш се сетив зошто сум тука, знаев дека станав мајка. Веднаш ми го донесоа тоа мое толку посакувано и очекувано бебе. И овој пат имаше солзи, но по толку години за првпат тоа беа солзи радосници.

Никогаш не треба да очајувате и да се обесхрабрувате! „Најубавите и најпосакуваните желби немаат цена, едноставно треба само искрено да ги сакате и да се борите за нив докрај. А, кога во тоа ќе ви помогнат професионалци кои ќе застанат како заштитник на патот, тогаш успехот е повеќе од сигурен!

Неизмерна благодарност до целокупниот тим во „Аџибадем Систина“, а посебно до мојот доктор Панчевски, кој ми ја подари Матеа.

[widgetkit id=33]