fbpx

Мојата приказна за мајчинството

19.11.2015

Мојата приказна за мајчинството

AcibademSistina Banka kosticСекоја приказна е различна, но зад секоја успешна без исклучок стои големо количество љубов, посветеност и безрезервна поддршка.

Новинарката Бранка Костиќ Марковиќ е препознатлив лик во македонскиот медиумски простор кога е во прашање културата и е своевиден синоним за телевизиското негување на вистинските музички вредности. Таа веќе деветнаесетта година работи како музички уредник во ТВ Телма, а според дипломата е магистер по музички науки. Вели дека од сите скалила во музичкото образование (кое го започнала уште на 6-годишна возраст) ѝ останало само да ја одбрани докторската дисертација, која морала да биде пролонгирана поради многу поважни животни настани. Тоа можело да чека, но не и Марко, зашто веројатно токму тогаш, пред четири години, му беше вистинскиот момент да се роди (се смее). Нејзината животна приказна за многумина би била невозможна, но кога е љубовта во прашање ниту генерацискиот јаз, ниту различните државјанства, ниту фуриозното темпо на работа на сопружниците во две различни држави не може да ја наруши нивната заемна хармонија, која трае речиси тринаесет години, од кои десет години во официјален брак.

Посакував да станам мајка

Никогаш посебно не се оптоварувале со прашањето за проширување на семејството, ниту, пак, некој им вршел притисок, што не значи дека не посакувале. Кариерите им оделе во нагорна линија, тој како професор, но и како клавијатурист, композитор и продуцент (во тој период создава и повеќе хитови за истакнати изведувачи на македонската забавна сцена, како Тоше (комплетен автор е на химната за Уницеф), Каролина, Кристина, Биба, Ѓоко Танески…), а таа во својата работа во Телма како музички уредник, но и како автор и водител на емисијата „Музика“. Исто така, Бранка во меѓувреме ја прифаќа и понудата да предава етномузикологија на тогашниот новоотворен Штипски универзитет и така двајцата влегуваат во машината на секојдневната динамика која несопирливо ги носи низ годините.

„Посакував да станам мајка, особено откако во 2006 се роди мојот внук од сестра, Борис. Секој слободен миг му го посветував нему, а тој и денес е моја голема љубов.  Очекував и моето дете да си дојде спонтано. Но, годините поминуваа, а јас во еден момент по трите напорни години паралелна работа во Скопје и во Штип почувствував дека не само што сум физички исцрпена туку едвај се справував и со психолошкиот товар. Бев научена на квалитетно образование, на високи критериуми, а сега кога требаше тоа да го пренесам на студентите се бараше од мене да правам компромиси. Со трката по поголем број студенти и адаптацијата кон кредит-трансфер образовниот систем наменет за сите, а не за најдобрите, паѓаа и стандардите. Јас ги учев нотите на 6 години, а сега се дозволуваше тоа да се прави на академско ниво. Кореографите се поистоветуваа со кореолози, а играорците со теоретичари. Тоа ме фрустрираше, дадов отказ, но нервозата си го зема својот данок. Му реков на Младен дека чувствувам дека нешто не е в ред, дека имунитетот ми е паднат, дека не ќе е лошо да појдам на лекар. А, конечно, крајно време беше да ѝ кажам стоп и на трката со времето и сериозно да се посветам на проширување на семејството. Така и направив, а обичниот гинеколошки преглед кај доктор Слободан Лазаревски се претвори во не толку обичен“.

Никогаш до тој преглед не се соочила со каков било сериозен гинеколошки проблем, но овој пат на пап тестот го добила резултатот ХПВ – Цин 3. Итно била закажана биопсија и таа покажала „канцер инситу“, кој доктор Лазаревски целосно го отстранил со ласерска конизација. Неговата стручност и прецизно отстранување на минимален дел од грлото на матката ѝ ја оставила шансата на Бранка да може да се надева на мајчинство.

Си го добив Марко во мојата матка токму на мојот роденден. Тоа ембрионче, денес четиригодишно детуле, е мојот најубав роденденски подарок

„Мојата приказна за мајчинството, иако сложена и полна со предизвици, стресни моменти и стравови, е во основа многу убава и среќна. Познавам жени кои војуваат битка и над десет години, така што би било грев  да се пожалам. Кај мене сé се случи брзо“.

Нова пречка на патот до дете

Откако ја премостила првата сериозна здравствена пречка, Младен ѝ рекол дека сега апсолутно ништо друго не е важно туку само нејзиното здравје. Тој ќе ја сака дури и  никогаш да не успеат да имаат дете. Таа безусловна љубов и безрезервна поддршка Бранка ја смета за клучна во сé што ќе се случува понатаму. Со оглед на возраста и состојбата на Бранка (тогаш 39-годишна), но и на Младен (49-годишен), доктор Лазаревски им препорачува веднаш да почнат со подготовките за ин витро. Тестовите покажуваат дека и сопругот, кој како белграѓанец ги поминал стресните и штетни бомбардирања во 1999 година, е во многу лоша состојба со семенскиот материјал. Тоа било големо изненадување со оглед на тоа што тој веќе имал 19-годишен син од својот прв брак и очекувал дека барем кај него сè ќе биде во ред. Урологот, доктор Александар Мицковски, го подложил на операција при која се обидел директно од ткивото да му извади поквалитетен спермичен примерок и да го зголеми процентот на веројатност за забременување на Бранка, но и тука резултатот бил далеку од охрабрувачки. Тоа не им го нарушило расположението на сопружниците, па на секоја тешкотија ѝ приоѓале со позитивна мисла и шега.
„Доктор Мицковски беше фрапиран од нашите шеги на лична сметка и велеше дека кај него во ординацијата најчесто гледа солзи и слуша лелеци, а не смешки. Особено беше вчудовиден кога ќе видеше дека сериозно го мислиме она за што навидум се шегувавме. Нема да заборавам како нè гледаше кога рековме ’па добро де, доколку не ни успее да имаме заедничко дете, ќе се обидеме со донор од скандинавската банката на сперма која ја користи болницата и тамам ќе си добиеме русокос потомок кој ќе ги има моите сини очи’“ – се присетува Бранка. „А ако и тоа не ни успее, сигурно ќе израдуваме некое оставено детенце кои копнее по родителска љубов “.

Подготвена за следна борба

Потоа сé беше набрзина. Искуството со цинот, иако негативно, добро влијаело во процесот кој следувал. Бранка била среќна што е здрава и тоа ѝ давало мотив за следната борба, а воедно била и подготвена за евентуалните разочарувања. Со скратено грло на матката, со ендометриоза на едниот јајчник, со одмината возраст (и нејзина и на Младен), со лош семенски материјал, шансите за зачнување биле мали, но вербата и расположението големи.  

„Доктор Лазаревски нè советуваше веднаш и директно да почнеме со ин витро. Не бевме финансиски подготвени, но јас решив да почнам да се боцкам со хормонските инјекции, па во од да се снаоѓаме. Така и беше. Сфативме дека нема да имаме можност да ги истуркаме сите формалности со Фондот за здравство за бесплатна постапка, па тука влета несебичната помош на најблиските и банките за кредитирање. Знаевме дека кога тогаш ќе ги направиме и ќе ги вратиме позајмените пари. Така неподготвено подготвени и со сите негативни аспекти кон кои се придружија и малиот број извадени фоликули и оплодени јајце клетки, јас забременив од првиот обид. Верувале или не, токму на 18 јануари, на мојот 39. роденден (нешто што не може да се темпира) ми ги вратија оплодените јајце-клетки во матката. Јас однесов торта, а доктор Лазаревски ме почести со најубавиот подарок во мојот живот, со Марко“.

Секоја етапа од бременоста беше нов предизвик, нова пречка за прескок

„Едвај го дочекав петнаесеттиот ден и резултатот од тестот за бременост. Цел живот ќе ја памeтам сцената со прекрасната Наташа Чокревска-Зографска, која ја сретнав во ходникот и која ми рече дека таа лично ќе појде по резултатот и лично ќе ми го врачи. Со насмевка отиде, со насмевка се врати. На радоста ѝ немаше крај. Но, потоа следуваа уште многу исчекувања, многу стравови и радости, многу прегледи и досадни прашања од моја страна од типот: Сигурни сте дека сè е в ред? Но, од друга страна, покрај таа загриженост се чудев од каде доаѓа и целата храброст. Цел живот пред тоа кога одев на боцкање за обична крвна анализа им велев на сестрите да ми подготват кревет за да легнам зашто од страв имав чувство дека ќе се онесвестам, а кога почна приказната со ин витрото почнав сама да се боцкам, да немам гајле од канили,анестезии, болки. Тоа е таа одушевувачка енергија која ја имаат жените, но ипосветеност на реализација на сонот наречен мајчинство. Не верував и дека ќе можам да бидам толку дисциплинирана и дека беспоговорно ќе го следам секој совет на доктор Лазаревски, дека јас, која не застануваше ни кога спиеше, сега ќе мирувам и сé ќе ставам во втор план. Но, тоа е начинот – дисциплина, трпение, спокој, поддршка од најблиските, верба во докторот, добра мисла и, се разбира, музика. Ме паметат и болничките сестри дека кога и да бев хоспитализирана постојано крај мене беше малиот лаптоп на кој без престан ми свиреа Бах, Моцарт, Кит Џерет, Јан Гарбарек, а домашните и сега знаат да кажат дека со Новак Ѓоковиќ паралелно редевме успеси – јас го бодрев него во победите, а тој мене во исполнувањето на времето со среќа додека лежев пред телевизорот. Затоа на сите идни мајки со патолошка бременост би им препорачала во тој период да го прават она што најмногу ги радува, успокојува, што им причинува задоволство. Но, да серазбереме, животот знае да биде и немилосрден и да ни приредува и помалку убави работи, како онаа кога мајка ми мораше да оди на тешка операција токму во најкритичниот втор месец на мојата бременост или кога пред крајот на Младен му почина најблискиот братучед кој му беше како брат. На нас е да ги најдеме најдобрите механизми да ги премостиме сите проблеми. Универзален рецепт не постои, но советите и споделувањата на искуствата се од голема корист. Токму затоа и јас ја раскажувам оваа приказна. Знам дека таму некаде можеби некоја жена ќе го прочита ова мое интервју и ќе добие макар мал морален потстрек да истрае во борбата со стерилитетот, но и да не биде тажна и да знае дека е исто толку вредна и доколку не успее, ќе се охрабри да проговори за својот проблем, ќе добие елан да преземе нешто во своја полза и конечно ќе си рече ’не сум единствена во проблемите’. Јас сум им благодарна на сите за секој еден совет и споделено искуство. Тоа е бесценето. Затоа сум фрапирана што темата ин витро е сé уште баук-тема кај нас. Луѓето молчат, се плашат да побараат помош. Институциите бомбардираат со конзервативни кампањи наместо отворено да даваат едукативни совети, соочување со проблемите и превенирање на истите, да им ги посочи сите можности за лекување, да ги информира дека и во земјава имаме светски стручњаци како доктор Лазаревски. Државата треба да ѝ гонаправи животот на секоја жена полесен – и на тие што решиле да бидат домаќинки и на тие што избрале да бидат успешни во кариерата, и на тие кои решиле да станат мајки и на оние кои не сакаат, но и на тие што секојдневно се борат да ги избалансираат сите овие опции. А ние, кои сме јавни личности мораме да бидеме општествено одговорни. Тоа е сметам наша должност. Несебичност во споделувањето на нашите животни искуства може некому да биде од витално значење. Молчењето не е секогаш злато“.

И покрај проблемите, Бранка ќе рече дека, сепак, нејзината бременост била убава, а за таквото чувство пред сé се погрижиле најблиските. Вели дека станува збор за еден вид успешен, крајно синхронизиран животен проект во кој бил вложен голем медицински и семеен ангажман.

[widgetkit id=57]

„Сфатив колку е важна поддршката, а таа доаѓаше од Младен, моите родители, сестра ми, зет ми, внук ми, од мојата Телма. Јас, освен до тоалет и на преглед, не станував од креветот цели 8 месеци, еден за мене готвеше и ме служеше, друг ми го продолжуваше боледувањето и беше на ’готовс’ ако треба итно да ме вози до болница, трет прашуваше што е следното што треба да се стори. Кога Младен патуваше некој од моите родители спиеше до мене, а внук ми (тогаш петгодишен) при секоја негова посета му пееше на бебето во стомакот. Како возрасна и проблематична трудница постојано одев на прегледи и тестирања. Во вториот месец од бременоста крвавев без престан, а последните месеци имав постојани контракции, па речиси секоја седмица завршував на ургентниот оддел. Од самиот почеток на бременоста доктор Лазаревски рече дека син ми ќе биде висок на татко му, а дека јас со мојата ситна конституција и скратеното грло на матката треба да очекувам дека нема да ја истерам бременоста до крајот. Така и се случи, но сè беше добро зашто стручноста на докторот не дозволи да има непредвидени моменти. На време ми направи серклаж, на време ме упати на сите потребни прегледи, ми беше направена и амниоцентеза, добив инјекции за брзо созревање на белитедробови на бебето, ми направија тридимензионално ехо, се одреди вистинскиот миг за породување и се роди Марко. Се разбира дека не можеше баш сé да се предвиди, па така денот кога доктор Лазаревски заминуваше на одмор, контракциите станаа неиздржливи и не смееше да се чека. Јас загрижена, тој загрижен, ми го извади серклажот и ме предаде на мониторинг кај искусниот доктор Јовковски, кој ми даде морална поткрепа да се борам за час повеќе за да ѝ дадам шанса на втората доза инјекции за матурација на дробовите на Марко. Кога дојде моментот да не смее повеќе да се чека, д-р Јовковски ме предаде на прекрасниот доктор Јован Костадинов, кој го направи царскиот рез. Така, на 26 август 2011 година, во 15 минути пред 18 часот се роди Марко, шест седмици порано, но со висока оценка и опкружен со радост и среќа од сите страни“.

Марко се родил 2 килограми и 600 грама, а Бранка била поправена само 4 килограми. Денес тој има четири години и е главниот јунак во приказната на мама и тато. Велат дека е целиот на тато, но ги има земено слатките дупчиња на образите од мама. А целиот пркос, магарешки инает, своеглавост, љубопитност и музикалност ги земал од двајцата и ги квадрирал. Тие двајцата се рамноправно предадени на неговото растење, но со силна поддршка од најблиските. Од неодамна го носат и во градинка за полесно да го внесат во реалниот живот каде, за жал, тој нема да биде единствениот центар на светот. Се разбира, за нив секогаш ќе остане тоа. Велат му посакуваат да биде здрав, чесен, добар и задоволен човек, а дали ќе биде музичар или нешто друго, е апсолутно неважно.