fbpx

Внесовте среќа и радост во нашите животи

28.06.2017

ivana dejan leskaroski 1

Нашето патешествие и желбата за потомство почнаа пред 5 години, кога се роди Паоло, нашата прва среќа, нашата прва радост и круната на нашата љубов. Паоло се роди, но набргу среќата се претвори во бескрајна тага. По три дена почина од респираторен дистрес. Во тој миг ја изгубив целосно смислата на животот, сè до моментот кога по година и пол се роди Аритон. Повторно породување со царски рез во 32. недела од бременоста, и повторно почнува нашата борба, која ја водевме малку подолго од два месеци за на крај да ни соопштат дека го изгубивме и Аритон. Целиот свет се урна врз нас и изгубивме воља и желба за живот. Последно нешто на што помислував е да бидам мајка, бебиња не сакав да гледам, а секоја бремена жена што ќе ја видев ја мразев од една едноставна причина што најубавите моменти во животот за мене беа вистински пекол.

Повторно бременост и повторно тага, овој пат спонтан абортус. Веќе бев навикната да ми се случуваат само лоши работи. Останав бремена и по четврти пат. Прва мисла ми беше подготви се да го изгубиш и ова дете. Но, мојата драга пријателка, која е дел од моето семејство, Миа Костовска, ме посоветува да свртам нов лист и ме предаде во најсигурните раце на целиот свет. И тоа се случи кога го запознав мојот спасител, д-р Слободан Дракулевски.

Д-р Дракулевски вети дека од болница ќе заминам со бебе и тоа го оствари

Од тој миг почнува една поинаква приказна. Д-р Дракулевски и целиот тим заедно со сестра Анета беа нашето семејство, наше секојдневние. Секој ден сестра Анета едноставно ја „гушев“ со моите телефонски повици. Мојот живот 29 недели беше на релација кревет – „Аџибадем Систина“ – кревет. Во 29. недела Роман почна да прави проблеми, и д-р Слободан Дракулевски ме породи на 21.02.2015 со итен царски рез. Роман се роди со родилна тежина од 1690 грама и 43 см должина. Овој пат бев сигурна дека сум во вистински раце и дека сè ќе биде в ред. Целиот тим во болницата ми даде неверојатна сигурност и надеж, а д-р Дракулевски цело време ме охрабруваше, дека јас од оваа болница ќе заминам, за првпат, со бебе в раце.

Новиот спасител д-р Душко Фидановски

ivana dejan leskaroski 2Со раѓањето на Роман се појави и новиот спасител, д-р Душко Фидановски, и ангелите од неонатална интензивна нега. Точно еден месец се грижеа за Роман. Нивната топлина ме заменуваше мене кога не бев до него. На почетокот сите резервирани поради мојата болничка историја. Но, јас силно верував во д-р Фидановски, и целиот тим доктори од неонатална интензивна нега. Пред сè верувавме во топлината и грижата на сестрите Снеже, Сузе, Тина, Весна, Елена, Даниела, Стојанка, Милена, Мартина и Тина. Ве сакам подеднакво и бескрајно што несебично дававте мајчинска љубов на мојот Роман кога јас не бев покрај него.

 

„Аџибадем Систина“ го оствари нашиот сон

Денот кога д-р Фидановски ни соопшти дека Роман ќе си оди дома за нас беше празник, но воедно и неверување дека ние дома ќе донесеме бебе. Поминаа речиси две години, а „Аџибадем Систина“ и понатаму е нашиот втор дом, болница која ни го оствари сонот.  Ivana dejan leskaroski 3

Д-р Дракулевски и д-р Фидановски за нас имаат бесценета вредност. Нашиот живот не би бил ист без нив. Тие внесоа голема среќа и радост. Пишувајќи го ова писмо, повторно потекуваат солзи, но овој пат солзи радосници.

ivana dejan leskaroski 4

 

Роман го очекува повторно борба. Треба да ги оперира бронхијалните цисти кои ги има од раѓање. Но, ние веруваме дека повторно ќе бидеме победници.

„Аџибадем Систина“, ви благодарам што постоите.

Ивана и Дејан Лешкароски