fbpx

Благослов е што ве имам сите вас околу мене

04.07.2017

Maja Milan 1

Едно октомвриско утро ме разбуди тежина што ја почувстував на себе и кога ги отворив очите видов дека Леа, моето милениче, лежи врз моите гради. Гледајќи ме директно во очи забележав дека сака нешто да ми каже, но место со зборови, тоа го стори со удар по левата града. Во тој момент болката од тој удар ја почувствував како забиен нож во градите, ја трнав од мене, станав и држејќи се на левата страна од болка под прстите почувствував нешто тврдо, како една долга плочка. За првпат во животот ме обзема чудно непријатно чувство, ме облеа пот и во истиот момент почувствував мала треска и гласно изговорив дека денеска е денот за разговор со доктор.

За првпат времето ми минуваше многу бавно, денот ми се стори година. Попладнето се упатив кај д-р Маја Чапова. Таа веднаш ме прегледа, ми направи ехо и мамографија. Сето тоа траеше 30 минути, до моментот на првичното соопштување на мојата првична дијагноза. Зборовите „Мајче, за жал, морам да ти кажам, спреми се за сериозен зафат, не ми се допаѓа наодот. Доколку се согласиш, веднаш ќе направиме пункција за биопсија“ беа изговорени со мил и топол глас од страна на  д-р Маја Чапова. По изминување на 48 часа, наодот од биопсијата ја потврди дијагнозата – карцином на дојка А3 стадиум.

Д-р Митко Караѓозов беше изборот на хирург за оперативен третман

По сите иследувања, следеше одлука за оперативен зафат, за кој довербата му беше доверена на д-р Митко Караѓозов. Постоперативниот третман продолжи на Одделот на д-р Мите, како што сите го знаеја. Оддел во кој работи вреден, професионален и љубезен персонал на медицински сестри и техничари, болничари  посветени на пациентите и на своите работни обврски под раководство на сестра Сашка Ленц, како и персоналот за хигиена, кој несебично се вложува за одржување на хигиената на највисоко професионално ниво. Големо благодарам до целиот персонал на овој оддел со кој преку шеги и насмевки ми го направија престојот пријатен не дозволувајќи ниту еден момент да почувствам ниту физичка ниту психичка болка. Оперативниот зафат и пристигнување на наодот од патохистологија ја потврдија потребата од продолжување на лекувањето со хемотерапија и радиотерапија. За жал, лекувањето морав да го продолжам на одделот во кој при првата мојата професионална  посета не само што помислив туку и гласно реков ,,никому не посакувам тука да биде пациент’’. Одлуката на моите најблиски, мојот брат и моите внуци, беше лекувањето да го продолжам на Одделот за онкологија и радиотерапија  во „Аџибадем Систина“.

Одделот каде што се комуницира со поглед

Мојот онколошки третман, кој се состоеше од 8 хемотерапии и 25 радиотерапии,  продолжи на Одделот за медицинска онкологија, под стручен надзор на д-р Дева Петрова и д-р Славица Кралева. Секој 21 ден, ден среда во месецот, беше ден одреден како ден на хемотерапија. Секое прво искуство се памети најмногу, така и мојата прва хемотерапија. Измешани чувства, особено од очекуваните нус појави од хемотерапијата, кои се на граница помеѓу страв и неочекувани изненадувања што може да следат. Но, кога ве пречекува, за вас се грижи и ве испраќа љубезен персонал кој зрачи со својата добрина, љубов и посветеност на пациентите секоја мака полесно ќе ја надминете, а болката ќе ја преболите. За професионалниот третман, покрај докторките, заслужни се и сестрите Ирена и Елена и болничарката Маре.

Maja Milan 2

По завршување на хемотерапијата, по три недели пауза дружењето го продолжив со персоналот на Одделот за радиотерапија, каде што 25 дена секој работен ден се дружев со најтивките момци во болницата, кои пленат со својата добрина, љубезност и професионалност, а тоа се Никола, Даре и Јасин, како и физичарот Соња.

Овој оддел го нареков одделот каде што се зборува со поглед бидејќи погледот на истоштените лица и тагата во очите на пациентите и на нивните најмили не ви дозволува премногу да трошите зборови, доволно е само да се погледнете и со поглед помеѓу себе да се разберете.

Периодот поминат на хемотерапија и радиотерапија е несомнено многу тежок период, кој поради тешката интоксикација од цитостаците и низата промени во организмот може да го разбере само оној кој минал низ него. Сета мака и болка не би ги поминала лесно ако зад себе ја немав несебичната помош и поддршка на д-р Дева Петрова, која беше достапна во секое време, како и на д-р Славица Кралева.