Пациентот со вештачко срце си замина дома

13.08.2018

Пациентот со првото вградено целосно вештачко срце во Македонија си замина дома, по едномесечен постоперативен период во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Четириесет и шестгодишниот пациент од Штип не го криеше задоволството од заминувањето дома, во кругот на семејството. Во Клиничката болницa се и повеќе од задоволни од неговата општа здравствена состојба и од брзото закрепнување по една од најтешките и најкомплицирани операции во кардиохирургијата.

Оперативниот зафат на вградување целосно вештачко срце, којашто беше изведена во ноќта помеѓу 11 и 12 јули и траеше повеќе од пет и пол часови, комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ.

Со оваа операција, Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија…