fbpx

Д-Р НЕДА ТРАЈКОВСКА МОДЕРАТОР И ПРЕДАВАЧ НА СВЕТСКИОТ КОНГРЕС WCО IOF-ESCEO

19.04.2024
Kolazh Trajkovska

Во периодот од 11 до 14 април во Лондон, по 24. пат, се одржа Светскиот конгрес за остеопороза, остеоартритис и мускуло-скелетни болести, водечка светска клиничка конференција за здравјето на коските, зглобовите и мускулите. Научната програма беше дизајнирана од Интернационалната фондација за остеопороза (IOF) и Европското друштво за клинички и економски аспекти на остеопороза и остеоартритис (ESCEO). Она што го прави уникатен конгресот е средба на лекари од сите медицински гранки кои се инволвирани во третманот на остеопорозата и нејзините последици – ендокринолози, ревматолози, физијатри, хирурзи…

Секоја година се пренесуваат и споделуваат резултатите од најновите студии, искуствата од најновите лекови и процедури. Се дискутира важноста на превенцијата, дијагностичките и терапевтските модалитети, со акцент на потребата од мултидисциплинарен пристап.
Како претставник од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ учествуваше д-р Неда Трајковска, специјалист по трауматологија, која беше предавач и модератор на настанот.
„Учествував како предавач и модератор на симпозиумот SICOT-ESCEO-IOF – ‘Хируршки третман на фрагилни фрактури’ за дилемите во третманот на спиналните остеопоротски фрактури и потребата од општоприфатен протокол за постигнување на оптимален ефект од конзервативна и хируршка терапија. Задоволство беше да се дискутира со колегите од различни гранки за улогата на хирургот во третманот на последиците од остеопорозата – фрактурите. Чест беше да се претстави искуството на нашиот тим и резултатите од лекувањето на многу пациенти со комплексни остеопоротски фрактури на ‘рбетот. Со оглед на поразителните податоци од статистиката, на нашата земја и нашиот здравствен систем им се повеќе од неопходни вакви средби и обиди за приближување на ставовите, како и следење на светските трендови. Потребен е национален план за превенција, дијагностика и адекватен третман на остеопорозата и нејзините последици“ – вели д-р Трајковска.

За битноста на остеопорозата како здравствен проблем и колкаво оптоварување претставува за здравствените системи покажува статистичкиот податок дека: 1 од 3 жени и 1 од 5 мажи над 50-годишна возраст имаат остеопоротска фрактура; на секои 3 секунди во светот се случува по една остеопоротска фрактура; на секои 22 секунди по една остеопоротска фрактура на ‘рбет. И кај најразвиените здравствени системи, неможноста за обезбедување на адекватна и навремена дијагностика, а уште повеќе отсуството на консензус во поглед на третманот се горлив проблем.