fbpx

НА КАФЕ СО ДОЦ. Д-Р АЛЕКСАНДАР ЃОРЕСКИ: ИНТЕРВЕНТНАТА ОНКОЛОГИЈА Е МОЈОТ ПРЕДИЗВИК

30.04.2024

Доц. д-р Александар Ѓорески е шеф на Одделот за радиологија во „Аџибадем Систина“ и важи за пионер во изведувањето бројни интервентни радиолошки процедури во земјава. Со медицината и радиологијата се запознава уште од мали нозе, како дете на двајца радиолози, но желбата да продолжи по стапките на родителите кај него доаѓа сосема природно. Целосно е посветен во грижата на пациентите и желбата да се воведат нови методи во работата. Во секојдневната трка со времето и стресот што го носи професијата, релаксација наоѓа во спортувањето и музиката, а она што најмногу го исполнува во слободно време се разговорите со неговата ќерка Камелија.

Д-р Ѓорески, потекнувате од докторска фамилија, па дали одлуката да се насочите кон медицината беше очекувана?

Искрено, кога ќе се обидам да се присетам на периодот на моите гимназиски денови, веројатно во првите години воопшто не сум размислувал за тоа што ќе студирам. Едноставно тој период беше исполнет со многу други поубави секојдневни активности, дружење, спорт, излегување со друштво, безгрижност, повремено и учење, така што сѐ до четврта година од гимназија прилично сум сигурен дека немам размислувано за тоа што ќе студирам. Е потоа, во второто полугодие на четврта година, како што се наближуваше крајот, веројатно морав да одлучам на кој факултет ќе се запишам и по некоја инерција, мојот брат претходната година се запиша на медицина, моите родители беа лекари, мојот татко професор на Медицинскиот факултет, така што целата таа средина ме занесе да се запишам на медицина. Искрено, и немав баш некои други опции за размислување, не ме бидуваше баш за математика и физика (со мака стигнував до петка), така што опциите за Електро или Машински факултет отпаднаа лесно.

CAN f

Зошто ја одбравте радиологијата како специјалност?

Моите родители се радиолози, но не ја одбрав радиологијата поради тоа, искрено. Можеби некаде потсвесно сум ја имал како опција, да, иако никогаш сериозно. За време на моите студии имав можност да присуствувам на еден импозантен настан со мојот татко, а тоа е Европскиот конгрес на радиолози во 2005 г. во Виена, Австрија и во тоа време за мене тоа беше прилично голем и интересен спектакл, со многу луѓе, саемски дел на кој беа изложени модерни радиолошки апарати, многу сали со интересни предавања во кои се зборуваше за нешто за кое делумно бев подготвен да го разберам како студент по медицина. Потоа кон крајот на студиите, дојдоа два подолги престои како студент во летните месеци на кои бев на размена на студенти преку студентската организација на Медицинскиот факултет, едниот во Виена, а другиот во Братислава, каде што имав можност да присуствувам на одделите за интервентна кардиологија и интервентна радиологија и да се запознам со можностите на овие две модерни дисциплини. Тогаш сфатив дека со минимално-инвазивен пристап преку катетеризација на крвните садови, можат да се направат многу дијагностички и терапевтски процедури за кои јас и не знаев дека постојат. Видов како се поставува пејсмејкер, како се прават срцеви катетеризации, како се поставуваат стентови на срце, како се прават мозочни ангиографии и како се третираат тумори со емболизација. Тогаш мислам дека ми стана јасно дека ќе одам на радиологија, ама не за да бидам само дијагностички радиолог, туку да се обидам да го правам тоа што го правеа тие доктори во Виена и Братислава. Потоа кога завршив медицински факултет и го положив стручниот испит, почнав да волонтирам на Клиниката за радиологија, најмногу на Одделот за ангиографија каде што веќе се изведуваа интервентни процедури, се вклопив во тимот некако, иако не бев вработен таму и така продолжив на специјализација по радиологија.

Вие сте и претседател на Асоцијацијата на радиолози. Што значи оваа функција и колкава е одговорноста за Вас?

Да, од 2021 г. сум претседател на Македонската асоцијација на радиолозите – МАР. Функцијата претседател на МАР е одговорна и важна за радиологијата во државата, се разбира, но најчесто не ми претставува никаков товар, туку напротив, задоволство и со голем ентузијазам работите одат во некаква добра насока, барем јас така гледам засега. Целта е да се унапредат и унифицираат работните активности на радиолозите низ државата, да се подобри квалитетот на услугите што им ги даваме на нашите пациенти, да се подобри стручноста и да се воспостават правила на игра што ќе се почитуваат. Попатно, се разбира, има и други работи, организирање на едукативни настани, како работилници, симпозиуми и конгреси.

CAN f

Што е она што Ве исполнува надвор од медицината, што е тоа што Ве прави среќен и исполнет на крајот од денот?

Не би можел да се замислам без да спортувам нешто, така што да, имам хоби. Можеби една од моите најголеми пасии, покрај работата, е спортот, и тоа: планинарење, велосипедизам, скијање, трчање, а во последните неколку години, бидејќи имам сѐ помалку слободно време, најмногу се занимавам со фитнес. Имам свој тренер и се трудам барем 5 пати неделно да вежбам активно по 1 ч. дневно. Тоа ме опушта од работниот стрес, но и ми дава енергија за да можам да го завршам денот со друга активност. Некогаш сум толку уморен што навистина се колебам дали да влезам во теретана или да продолжам дома по работа, но најчесто преовладува некоја скриена сила во мене и штом ќе завршам со тренингот, сум си благодарен сам на себе за одлуката. Надвор од работата често читам трудови и се трудам да пишувам нешто што е дел од мојата работа, како дел од академската кариера. Голем дел од времето посветувам на учење нови работи од областа на интервентната радиологија. Сакам и музика, секаков вид музика.

Семејството е мојата најголема поддршка

На крајот од денот најмногу сакам да се дружам со мојата ќерка, Камелија, која е единствената постојана светла ѕвезда во мојот живот. Некогаш ми е доволно само малку да си поразговарам со неа пред да заспие или да ја слушам како свири клавир, тоа многу ме опушта, а пак кога имаме време за подолго дружење, тоа позитивно чувство ми трае со денови. Нејзината прегратка во мене побудува некое чувство што не можам да го опишам. Едноставно, тоа е нешто посебно и колку и да сум тажен или уморен, сѐ поминува. Тука е и сопругата Милена, која ми е голема поддршка за многу работи во животот и можам да кажам дека голем дел од моите досега постигнати работи се должи на силната поткрепа од нив две.

Во последно време најголем дел од Вашите пациенти се онколошки. Дали тоа значи дека посебен интерес Ви се онколошките интервенции?

Во основа сум интервентен радиолог, кој прави васкуларни и неваскуларни интервенции, но точно е дека во последните години најголемиот број од моите пациенти се болни со канцер кај кои лекуваме многу работи и мојата потесна област е интервентната онкологија. Правиме уништување на тумори на црниот дроб и на други органи во телото, како белите дробови, бубрезите, надбубрежните жлезди, коските и други органи, а техниките што ги користиме се: емболизација, хемоемболизација и разни видови термални аблации како: радиофреквентна аблација, микробранова аблација и во најново време, криоаблација. Третираме и бенигни состојби како што се: аблација на остеоми и остеобластоми на коските, потоа правиме емболизација на миоми на матка кај жените, емболизација на хемангиоми на црн дроб, бенигна хиперплазија на простата и варикоцела кај мажите, како и аблација на специфични состојби, како што е болна ендометриоза на предниот абдоминален ѕид и многу други.

Новитет што ве прави единствени во земјава и регионот е методот на криоаблација на тумори и аблација на нодуси на тироидна жлезда.

Точно, криоаблацијата е термална аблација, која уништува туморски клетки по пат за замрзнување на екстремно ниски температури. Преку неколку циклуси на замрзнување и топење на мразот, туморските клетки изумираат и тоа нам ни овозможува по минимално-инвазивен пат да таргетираме тумори и на комплексни локализации во телото како што се: бубрезите, белите дробови, коските, меките ткива, па во одредени случаи и на панкреасот. Навистина сме единствени во регионот со криоаблација и во државата, па и во регионот, бидејќи ова е модалитет што не е достапен ниту во Албанија, Косово, Србија, Бугарија. Горд сум на нашиот оддел и на тимот за интервентна радиологија, кој е сочинет од доктори, технолози, медицински сестри, болничари, кои за многу краток временски период ја совладаа и оваа техника и сега сме далеку подобри. Исто така, кога е во прашање криоаблацијата, потребно е да се има и многу добра и навремена логистика од страна на техничките лица во болницата, кои во „Аџибадем Систина“ се исклучително професионални и прецизни и секогаш ни излегуваат во пресрет, без нив не би можеле да функционираме. Во однос на аблацијата на нодуси на тироидната жлезда, од април ќе започне и оваа техника во нашата болница во соработка со колегите од Одделот за нуклеарна медицина и торакална хирургија, кои секојдневно лекуваат пациенти од оваа патологија. Накусо, тоа е амбулантска процедура со која се третираат симптоматски нодуси на тироидната жлезда, чест проблем особено кај женската популација, но го има и кај мажите. Интервенцијата е еднодневна, се изведува само со локален анестетик и под ехо и пациентот во истиот ден си оди дома.

Колкави се одговорноста и предизвикот да се раководи цел тим?

Во моментов сум раководител на Одделот за радиологија во „Аџибадем Систина“ каде што засега навистина сум среќен. За човек како мене на кого работата му претставува голем и важен дел од животот, мислам дека е од неизмерна важност работата да ме исполнува. Сметам дека засега Одделот функционира добро, имаме 10 доктори на радиологија, како и поголем број технолози и медицински сестри, но убаво е и дека сме една целина со одделите за онкологија и нуклеарна медицина, нешто што е тренд и во други европски земји. Сметам дека е многу важно персоналот да е среќен и задоволен, особено во медицината бидејќи само така може да се испорачуваат врвни и квалитетни услуги за нашите пациенти и мислам дека засега успеваме во тоа, но моето мото е дека „секогаш може и подобро“.