fbpx

ЕДИНСТВЕН И СОВРЕМЕН СИСТЕМ ЗА ПРИМАЊЕ ЦИТОСТАТИЦИ ПРИ ХЕМОТЕРАПИЈА

29.01.2019

Најсовремена опрема и најсовремени методи во лекувањето на заболените од рак се применуваат на онколошкото одделение во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Доктор Дева Петрова, специјалист радиотерапевт, вели дека цитостатиците при хемотерапиите се аплицираат преку посебен таканаречен порт-систем со кој се одбегнува честото пунктирање, односно боцкањето на периферните вени, кое со локалните ефекти на цитостатиците може да доведат до оштетувања, појава на тромбоза и склероза на васкуларниот ѕид. Порт-системот за перманентен венски пристап, според неа, има клучна улога во модерната онкологија.

„Со користењето на порт-системот, имајќи предвид дека терапијата директно се аплицира преку системот во поголем венски крвен сад, се намалува можноста за фиброзирање на истиот, а како резултат на соодветното одржување се намалува и можноста од тромбози“, вели доктор Петрова.

Таа вели дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со можност за поставување на венските порт-системи  и дека можноста за апликација на хемотерапија преку пумпи за континуирана хемотерапија е единствена во државата.

„Ова е од особена важност за квалитетот на живот на онколошките пациенти каде што се користат протоколи за континуирана венска хемотерапија во тек на 24, 46 и 94 часа. Користењето на пумпите за апликација на континуираната хемотерапија овозможува пациентот хемотерапијата да ја прима во домашни услови со што се намалува времето кое овие пациенти го поминуваат во болница. Ова е од особена важност имајќи предвид дека пациентите терапијата ја примаат во интервал од  шест месеци, обично постоперативно, или доколку се работи за метастатска болест, тој интервал може да биде една и повеќе години“, вели доктор Дева Петрова.

Додава дека овие пумпи се мали и може да се носат под облека во соодветен држач, можат да функционираат со помош на мала батерија или континуиран притисок. Цитостатикот во соодветна количина препишана од одговорниот онколог согласно со хемотерапискиот протокол се аплицира во пумпата и онколошката сестра ја поврзува пумпата со венскиот порт-систем. Пациентот добива инструкции за контрола на пумпата за континуирана инфузија и се јавува по точно определен временски интервал за отстранување на истата.