fbpx

ДОКТОР ПЉАКОСКА ЈА ПРЕТСТАВУВАШЕ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НА КОНГРЕС ЗА ДЕРМАТОЛОШКА ХИРУРГИЈА ВО АТИНА

29.01.2019

На покана од Стручно-научниот одбор на Панхеленскиот конгрес за дерматолошка хирургија, естетска дерматологија и ласери, кој се одржа во Интернационалниот конференциски центар во Атина, доктор  Весна Пљакоска  имаше ексклузивна можност  да  учествува како   предавач, заедно со еминентни предавачи од целиот свет. Научната програма беше фокусирана на најактуелните и најконтроверзние прашања во нашата струка. Целта беше да се дадат релевантни информации за последните научни достигнувања и да се пресретнат предизвиците и можностите што се појавуваат во секојдневната пракса.

„Моето предавање беше на тема Melasma – состојба на кожата што  се манифестира со темни хиперпигментирани дамки, најчесто на лице. Зборував за последните научни теории кои ги објаснуваат причините за појава на Melasma, ветувачката ефикасност на новата фармацевтстка терапија и моето лично искуство во третирање на оваа состојба. Имено, овој естетски проблем, кој особено ја засега женската популација, е комплексен во однос на третманот и ефикасноста од истиот. Постои листа од третмани, лекови и процедури, која постојано се зголемува, но искуствата од секојдневната пракса се контроверзни. Тоа е затоа што резултатите се видливи најмалку по еден месец на  каков било третман, а трајноста на истиот не може да се предвиди. Јас го презентирав моето позитивно искуство кај моите клиенти што го применувам на нашиот естетски оддел во болницата, со комбиниран третман на eCO2-ласер и дополнителна апликација на PRP ( aвтологен серум) како мезотерапија“, вели д-р Весна Пљакоска, специјалист по дерматовенерологија.

Присуството на ваков настан е од исклучителна важност за работата на секој лекар. Можноста да се биде меѓу експерти во својата фела е можност за учење од врвно искуство, а воедно споделување и согледување на сопствените успеси во работата, како и надоградување на нови знаења, вели д-р Пљакоска.

„Да се биде дел од тимот  ’Аџибадем Систина’ за мене е особена чест, постојан предизвик, но  и  интимна среќа. Работењето во услови кои се по светски стандарди, можноста за примена на најнови апарати за кои добиваме специфични едукации и соработка со колеги и тим кој пред сѐ има благороден однос кон луѓето, сметам дека се магична формула за успех во работата и задоволство на нашите клиенти и пациенти„ вели д-р Весна Пљакоска, специјалист по дерматовенерологија.

Во мај минатата година во Будва, исто така,  беше поканета како  предавач на Европската асоцијација за козметска и естетска дерматологија.