fbpx

За една недела втора успешна крводарителска акција во „Аџибадем Систина“

18.02.2021

Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во соработка со општинската организација на Црвен крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина успешно ја реализираа втората крводарителска акција неделава. Во денешната акција беа собрани нови 80 единици крв. Преку оваа акција вработените уште еднаш ја покажаа својата хуманост, дарежливост и солидарност.

Крводарителите објаснуваат дека чувството дека сте спасиле нечиј живот, кое на секој кој дарувал крв му е добро познато, е непроценливо, и тоа е всушност главниот мотив поради кој редовно се вклучуваат во овие акции.

Акцијата се спроведе почитувајќи ги сите протоколи и безбедносни мерки за комплетна заштита од SARS-CoV-2 вирусот. Крводарителите беа поделени во повеќе групи со цел одржување физичко растојание и задолжително носеа лична заштита.

Во претходната крводарителска акција, одржана во понеделникот, 15 февруари, се вклучија над 80 крводарители, а поради големиот интерес и одзив од страна на вработените беше закажана и денешната акција.