По само пет месеци од операцијата на скинат преден вкрстен лигамент и оштетен менискус, младата кик-боксерка Марија Димовска од Битола повторно влезе во рингот – посилна, посмела и поодлучна од кога било. Со неверојатна упорност и непоколеблива волја, таа успеа да го испише своето име со бронзен сјај на Европското првенство во Италија.
Патот до оваа победа не беше лесен – зад медалот стојат месеци исполнети со болка, напорни тренинзи, дисциплина и безрезервна доверба во тимот лекари и физијатри кои стоеја зад нејзиното враќање. Тоа е приказна за силата, вербата и љубовта кон спортот – приказна што инспирира.
„Во јануари, за време на една борба, удирав со десната нога, а левата ми остана исправена. Почувствував дека нешто се случи со неа, но тогаш не знаевме за што точно станува збор. Подоцна се покажа дека дошло до хиперекстензија, односно прекумерно истегнување на лигаментот. И покрај тоа, продолжив со тренинзи и натпревари и дури успеав да го освојам Европскиот куп“, раскажува Марија. „Но, на Светскиот куп во март, при висок доскок, почувствував дека нешто ми ’избега’. Тоа беше моментот кога ми се скинал лигаментот. Иако болката беше силна, успеав и со таа повреда да ја добијам борбата и да го освојам Светскиот куп.“
По враќањето во Битола, магнетната резонанца ја потврдила сериозноста на повредата. „Кога дојдовме во ‘Аџибадем Систина’, без нималку двоумење му реков на мојот татко, кој воедно е и мој тренер по кик-бокс, дека сакам да ме оперира д-р Михајло Ивановски. Тој, заедно со д-р Иван Василев од Бугарија, за кого исто така слушнав многу добри зборови, ја изведоа интервенцијата беспрекорно“, вели Марија.
Операцијата била изведена на 13 април, а само два месеца подоцна, во јуни, Марија веќе се вратила во спортската сала. Со неверојатна упорност, дисциплина и психичка сила, секојдневно тренирала за да се подготви за Европското првенство во септември.
„Операцијата помина во најдобар можен ред. Сепак, најголемиот успех за нас, а и за Марија секако, беше тоа што само по пет месеци успеа да учествува на европското кик-бокс првенство и притоа да го освои и бронзениот медал. Вакви случаи се навистина ретки во медицинската литература, дури и да ги нема, за толку краток период некој толку бргу да закрепне и да може да се натпреварува на едно толку престижно првенство“, објаснува д-р Михајло Ивановски, специјалист по трауматологија.
„До последен момент не бев сигурен дали Марија треба да учествува на ова Европско првенство, едноставно беше премногу рано за таа да се натпреварува. Но нејзината желба беше пресудна. Од првиот ден по операцијата беше решена дека ќе се врати на рингот и дека ќе учествува на тоа првенство. По трипати дневно одеше да вежба, ги извршуваше сите вежби зададени од докторите и физијатарот. Упорноста ѝ беше неверојатна“, раскажува нејзиниот татко и тренер, Александар Димовски.
Со огромна поддршка од д-р Михајло Ивановски и тимот на „Аџибадем Систина“, како и од семејството, Марија го направи невозможното – само пет месеци по операцијата, се искачи на подиумот и го освои бронзениот медал на Европското првенство во Италија.
„Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до целиот тим на Одделот за ортопедија и трауматологија, а особено до д-р Ивановски за феноменалната работа што ја направи. Изборот да дојдеме во ‘Аџибадем Систина’ беше токму поради него, односно поради неговиот пристап, човечност и приземен однос. Ваков доктор со пријателски став ретко се среќава“, додава Александар.
Овој нејзин спортски успех, овој бронзен медал, е симбол на борбениот дух, храброста и непоколебливата волја на една млада спортистка, која не се предаде дури ни кога изгледаше невозможно да се врати на рингот. Но, зад нејзината победа стои и силата на вистинската поддршка – врвниот медицински третман, човечноста и професионалноста на лекарите, кои ѝ помогнаа повторно да застане цврсто на нозе.
„Јас сум им бескрајно благодарна на сите доктори и целиот медицински персонал, кои беа вклучени во овој процес, во третманот на мојата повреда, а и во фазата на рехабилитација. Благодарение на нив, денес чекорам и се борам во рингот без никакви проблеми. Особено сум благодарна на д-р Михајло Ивановски, кој ми беше голема поддршка во целиот овој процес. Тој е еден во милион, вистински пријател кој во секоја ситуација беше искрено со мене, а тоа премногу го ценам“, завршува Марија.