Како и секој родител, така и родителите на тригодишниот Тео ја барале најдобрата грижа за своето дете. Малиот херој Тео, роден со вродена циста на жолчните патишта, ја доби својата шанса за здраво детство токму во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Благодарение на искуството и посветеноста на доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, операцијата за отстранување на вродената циста помина успешно. Три месеци подоцна, Тео повторно се врати, овој пат со насмевка и полни раце љубов, за да го поздрави докторот со големо срце.
Моника, мајката на Тео, вели дека во последните три години, од неговото раѓање, постојано пребарувале информации на интернет за решавање на состојбата на Тео во земјава или во странство. Токму преку тоа пребарување, до нив допрела успешната сторија за малечката Барбара со вродена циста на жолчни патишта, што им го отворила патот до доц. д-р Симеонов и Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Таа вели дека се многу среќни што таков стручен доктор со големо искуство има во нашата земја.
„Мојата бременост беше редовно контролирана кај мојот матичен гинеколог. За време на една од рутинските контроли беше забележано дека кај бебето постои некаква циста меѓу црниот дроб и жолчниот канал. Веднаш по породувањето, беше направен ехо- преглед, кој потврди дека станува збор за циста на заедничкиот жолчен канал. Потоа нѐ упатија на Универзитетската клиника за детска хирургија. Тео таму беше под редовен надзор цели три години, а ехо-прегледи правевме на секои три месеци, заедно со биохемиски анализи, бидејќи примаше терапија уште од денот на раѓање поради зголемените ензими на црниот дроб“, раскажува Моника, мајката на Тео.
Тео бил асимптоматски случај, а препораката за операција ја добиле од докторот кој за време на редовниот преглед забележал промени кај цистата, односно дека таа почнала да расте. Откако дознале дека е неопходна хируршка интервенција, родителите стравувале да не се појави некаков симптом во меѓувреме. Сепак, по разговорот со д-р Симеонов, сите дилеми исчезнале и тие биле уверени дека токму тој е вистинскиот избор.

„Во тие моменти исполнети со страв и грижа, д-р Симеонов ни влеа огромна сигурност и доверба. Ни даде позитивно чувство дека сè ќе биде во ред, нешто што денес е навистина реткост. Имајќи ги предвид неговото големо искуство и знаење, а пред сè тоа што е човек со големо срце, знаевме дека Тео го доверуваме во сигурни раце. Како родители, што и да кажеме е малку во споредба со сè што докторот направи за Тео и за нас, со неговиот пристап исполнет со љубов, внимание и смиреност. Веќе вториот ден по операцијата, Тео беше како ново дете. Искрено сме благодарни што токму тој застана зад Тео, ја прифати неговата состојба и без двоумење ја изврши операцијата“, вели Моника.
Доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, објаснува дека вродените цисти на жолчните канали се ретки аномалии кои можат да ги зафатат екстрахепатичните или интрахепатичните жолчни канали. Денес, благодарение на напредните дијагностички методи, овие цисти на билијарниот систем можат да се откријат уште пренатално, но и постнатално, со помош на ултразвук.
Од семејството Алексовски упатуваат голема благодарност и пофални зборови и до целиот тим на Одделот за педијатрија. Тие велат дека нивните насмеани лица, позитивниот дух и посветеноста им дале огромна поддршка во текот на престојот на Тео во болницата.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.