Оваа мала хероина, тешка само 610 грама – помала од дланка, имаше сила поголема од секоја наша замисла. Родена со тежина и гестациска старост на самата граница на невозможното, таа од првиот миг ја започна најтешката животна битка. Во такви моменти секогаш се раѓаат прашањата: дали вреди да се направи сè, дали шансите постојат и дали треба да се продолжи со лекување? Особено затоа што преживувањето, а уште помалку преживување без сериозни последици е исклучително ретко кај овие кревки новородени.

Но токму во тие најнеизвесни, најкритични мигови се раѓа и најсилната надеж. Малата Рита чекор по чекор ја победи неизвесноста. Се избори, преживеа и стана најмалото живо родено бебе во „Аџибадем Систина“ и едно од најмалите во нашата земја – доказ дека понекогаш силата на животот го надминува и она што медицината го смета за невозможно.
Тоа што таа денес е во прегратките на своите родители е доказ дека медицинскиот тим правилно постапил кога решил да се вложи максимално и направил с
è за таа да добие комплетен третман. Тоа таа го покажа уште со првиот свој здив и со сите битки што потоа ги доби во текот на лекувањето на Одделот за неонатална интензивна нега во КБ „Аџибадем Систина”.

„Рита ни покажа и докажа дека вредеа целиот труд, посветеност, стручност и знаење кои беа вложени за нејзина нега и терапија од страна на тимот доктори и сестри од овој оддел. Помина 96 дена на нашиот оддел, од кои речиси еден месец дишеше со помош на респираторна поддршка од апарати, а два месеца имаше потреба од кислородна поддршка. Се радувавме на секој нејзин здив, на секој добиен грам во тежина, на секоја нејзина голтка повеќе на мајчиното млеко, а се плашевме и тагувавме секогаш кога ќе видевме дека нејзините витални параметри не се задоволителни, нејзината боја на кожа не е најдобра или кога ги добивавме наодите кои укажуваа на ризик од оштетување на нејзините очиња и на нејзиниот вид. За мене лично, по 37 години работа и посветеност на проблемот на предвремено родените деца и по многу вакви успешни, но и некои, за жал, помалку успешни приказни, Рита претставува мојата најуспешна приказна и врв во мојата работна кариера, но и доказ дека нема ништо невозможно и дека не треба никогаш да се откажуваме предвреме во намерата да им се помогне на овие толку мали, но воедно и многу силни суштества, како што се предвреме родените деца. Вложениот труд, знаење и средства во нив повеќекратно се враќаат кога ќе добиеме уште едно дете кое е живо, здраво и со голем потенцијал за убав и успешен живот. Таа засекогаш ќе биде нашата најголема инспирација и нашата најсветла ѕвезда која ќе ни дава сила со несмален интензитет да ја работиме најтешката, но воедно и најубавата работа – да се бориме за животот и здравјето на најмалите деца“, објаснува прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, специјалист по педијатрија и докторот кој прв застанал покрај неа.

Но големиот борец Рита успеа. Ги надмина сите компликации и покажа желба за живот што инспирира. На денот на испраќањето, кој се совпадна со светскиот ден на предвремено родените деца, родителите тешко ги задржуваа солзите од радост. Со искрени зборови на благодарност им се обратија на сите доктори и медицински сестри кои секојдневно се бореа за нивното дете.
„Нашата благодарност е навистина неизмерна кон сите доктори и медицински сестри кои со љубов, трпение и професионализам се грижеа за нашето мало чудо. Посебно сме благодарни на д-р Фидановски, кој вложи огромно срце и знаење за нашата Рита да ја почувствува и да ни ја подари најчистата и највозвишена љубов – родителската“, раскажува мајката на Рита.
Таа упатува длабока благодарност и до својот гинеколог, д-р Слободан Дракулевски – докторот што ја водеше низ целата бременост и кој со врвна посветеност ја породи. Искрена благодарност упатува и до д-р Младен Ристески, кој бил дежурен вечерта на приемот и вложил максимални напори да ги смири нејзините болки. Но, бидејќи болките не престанувале, единствениот можен чекор бил итно да ја однесат во родилната сала, каде што д-р Дракулевски ја завршил интервенцијата и го овозможил раѓањето на нивната Рита.

„Пациентката имаше високоризична бременост поради претходната гинеколошка историја. И покрај тоа што за време на целата бременост примаше соодветна и целосна терапија, сепак дојде до пукање на воденикот, што доведе до предвремено породување во 24. гестациска недела. Бебето се роди во добра општа состојба и веднаш беше префрлено на Одделението за неонатологија, каде што доби комплетна нега соодветна за неговата гестациска возраст“, објаснува д-р Слободан Дракулевски, специјалист по гинекологија и акушерство.

Породувањето донесе многу неизвесност и страв кај родителите, но и огромна надеж дека нивното бебе ќе се избори.
„Никој не е подготвен за ваква ситуација, но кога ќе се случи – единствено нешто што ни останува е да се бориме. Стравот беше голем, неизвесноста уште поголема, но знаевме дека сме во најдобри раце и дека до крај ќе останеме тука“, додава таткото на Рита.
Приказната за Рита нè потсетува на едно:
да не се откажуваме никогаш, бидејќи чудата навистина постојат. И најмалите борци понекогаш пишуваат најголеми приказни.