Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поставува нов стандард во урологијата, воведувајќи ја REZUM-процедурата – минимално инвазивен третман на бенигна простатична хиперплазија (БПХ) изведен со локална анестезија, првпат во земјава. Интервенцијата успешно ја реализираше тимот од Одделот за урологија, составен од искусните специјалисти по урологија, д-р Александар Мицковски, проф. д-р Сотир Ставридис и д-р Владимир Лозановски, следејќи ги најсовремените светски практики.
REZUM-терапијата користи водена пареа за прецизна редукција на зголеменото простатно ткиво. Со помош на специјален трансуретрален апликатор, пареата се аплицира директно во простатата, при што топлинската енергија предизвикува контролирано намалување на ткивото. Во наредните недели, организмот природно го ресорбира третираното ткиво, што доведува до подобрување на уринарниот проток и значително олеснување на симптомите.
Една од најголемите придобивки на оваа процедура е можноста да се изведе без општа или спинална анестезија, што е особено важно за пациенти со зголемен анестезиолошки ризик или за оние што претпочитаат побрзо и полесно закрепнување. Пациентите се будни, целосно обезболени и со минимален дискомфор, а само еден час по интервенцијата можат да си заминат дома. Не се ограничуваат секојдневните активности – дозволено е пешачење, возење автомобил и брзо враќање на работните обврски.
REZUM-терапијата покажува одлична клиничка ефикасност и долгорочни резултати, со стабилно намалување на симптомите на БПХ. Дополнително, методата има минимално влијание врз сексуалната функција и значително помал ризик од ретроградна ејакулација во споредба со класичните хируршки интервенции.
Во Соединетите Американски Држави, над 90% од REZUM-процедурите се изведуваат со локална анестезија, како амбулантна интервенција без хоспитализација. Во Европа, овој пристап бележи континуиран раст, а Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со оваа иновација се приклучува кон најдобрите светски практики. REZUM- процедурата претставува модерно, безбедно и пациентски ориентирано решение за третман на бенигна простатна хиперплазија. Изведувањето со локална анестезија ја прави оваа метода достапна за поширок круг пациенти и претставува значаен исчекор напред во минимално инвазивната урологија во Македонија.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.