fbpx

Во „Аџибадем Систина“достапен  најсовремен тест за дијагностика на болести на мочен меур  

12.03.2019

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е достапен брз неинванзивен тест, кој обезбедува дополнителни информации што може да помогнат во изборот на најдобрата стратегија за дијагностика и следење на пациентите,кај кои постои сомнеж или индикација за можно постење на карцином на мочен меур. Станува збор за Xpert Bladder cancer Detection CE-IVD тестот, кој е неинванзивен биомаркер тест со докажана клиничка сензитивност и специфичност за детекција на низок и висок градус на рак на мочниот меур.

Инаку, развојот на молекуларни анализи кои би можеле да го дијагностицираат ракот на мочниот меур точно и во рана фаза е значаен, затоа што доколку се открие рано, пет годишната стапка на преживување е приближно 94 проценти, па навремената интервенција и третман на ракот на мочниот меур може драматично да ја зголеми веројатноста за преживување на пациентот.

„Xpert Bladder cancer Detection  CE-IVD тестот е неинванзивен биомаркер-тест со докажана клиничка сензитивност и специфичност за низок и висок градус на рак на мочниот меур. Анализата се изведува целосно автоматизирано на Cepheid GeneXpert инструмент, при што со методот RT‐PCR се мери експресијата на пет мРНК целни секвенци во примерок од 4.5ml урина. Во специјално дизајниран  затворен контејнер е автоматизиран и интегриран процесот на обработка на примерокот, амплификацијата  на нуклеинските киселини и детекцијата на целните секвенци. Времетраењето на изведување на анализата изнесува околу 90 минути, обезбедувајќи брз  резултат. Ова е  дополнителен тест кој може да му помогне на лекарот да утврди дали пациент со  хематурија има рак на мочниот меур, вели доц. д-р Катерина Кубелка-Сабит,  специјалист по патолошка анатомија.

Доц. д-р Кубелка   вели дека молекуларните анализи како оваа се неинванзивни и се изведуваат на телесни течности (урина). Тие се дизајнирани не само за дијагноза, туку и за следење на евентуална појава на рецидиви на болеста и одговор на третманот.

Инаку, ракот на мочниот меур е еден од почестите карциноми во светот, со годишна инцидеца од над 430 000 случаи. Најчест тип е уротелниот карцином, кој е всушност приближно 95 % од сите случаи.

Најчест симптом на ракот на мочниот меур е хематурија, или крв во урината.

Сепак, д-р Кубелка вели дека постојат многу причини за хематурија, вклучувајќи инфекција на уринарниот тракт, нефролитијаза (камчиња), полицистична бубрежна болест, траума, бенигна хиперплазија на простатата кај постари мажи или, во некои случаи, дури и енергични вежби.

„Така, процентот на пациенти со хематурија кои всушност имаат рак на мочниот меур е многу мал. При дијагностицирање, мнозинството или 80 отсто од случаите се не-мускулно-инванзивни папиларни тумори  и тие имаат многу поповолна прогноза од оние кои покажуваат докази за инвазија на мускулниот слој од мочниот меур, вели Доц. д-р Катерина Кубелка-Сабит,  специјалист по патолошка анатомија.

Затоа и во нашата болница „Аџибадем Систина“ е достапен и овој брз, неинванзивен дијагностички тест.