fbpx

Со рана интервенција и посебни  методи, во „Аџибадем Систина“ успешни третмани кај децата со пречки во развојот

12.03.2019

Успешни приказни, многу емоции и заемна среќа се секојдневие во Центарот за развојно следење на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Сè поголем број деца доаѓаат овде, а стручниот тим го следи и го стимулира нивниот развој. Дефектолог  Соња Јорданова-Цацаноска,  дефектолог, со посебен ентузијазам зборува за својата работа, за радоста од успехот на децата со кои работи. Овде секојдневно среќава мали деца кои имаат одредени отстапувања во развојот – предвремено родени деца, деца со аутизам, со невролошки проблеми, но и деца со воспитно-образовни проблеми, со хиперкинетски растројства или деца со пречки во развојот кои имаат потреба од бихевиорален пристап, окупациона терапија, говорна терапија, рана интервенција, специјална едукација и рехабилитација.

Дефектологот  Соња Јорданова-Цацаноска вели дека „Аџибадем Систина“ е болница во која успешно се третираат овие проблематики и се пишуваат случаи со успешен крај. Таа вели дека раната интервенција е значајна, или пресудна за резултатот на третманот. Раната детекција најуспешно се одвива меѓу породилиштето, семејството и развојното советувалиште. Развојното советувалиште е местото каде што се регистрира детето родено со фактор на ризик кое понатаму треба да се опсервира и следи. Последиците по развојот на личноста на детето зависат од видот и степенот на попреченоста.

Во секојдневноста се соочувам со загрижени родители кои ме прашуваат дали да почнат со вежби пред третата година или по третата година. Најголема предност на раната интервенција започната во раното детство е пластичноста на мозокот. Неврофизиолошкото гледиште за ваквиот пристап се базира на феноменот на пластицитет, кој постои во раните фази на развој, додека диференцијацијата и функционалната организација на мозочните структури сè уште не е завршена и додека постои можност за прилагодување и компензација на функциите кои ги преземаат неоштетените делови на централниот нервен систем. Зголемувањето или намалувањето  на  активноста  на  синаптичките  патишта  по  лезијата зависи од видот и количината на информациите што ги примаат, што дава можност за периферни фацилитациски функции. Затоа програмите почнати пред деветтиот месец на хронолошка возраст резултираат со поголем напредок во моторните, говорните, но и во сите други вештини, отколку програмите кои почнуваат подоцна, вели дефектологот  Соња Јорданова-Цацаноска.

Таа е децидна дека поради тоа што третманите се новитет и за децата и за родителите има специфики на работата. На родителите и на децата им се даваат задачи во областите во кои детето е најслабо. На овој начин преку вежби и стимулација се развиваат  неразвиените функции. Дефектологот  вели дека овој начин на работа е сложен за децата, но улогата на терапевтот и родителот е да ја олеснат таа адаптација. Родителите е потребно да ги почитуваат истите правила и да го стимулираат своето дете создавајќи му позитивна слика за третманот. Да го наградуваат со емоција за секое негово позитивно однесување со терапевтот.

„Терапевтот за време на сеансите се соочува со ситуации во кои детето негодува и плаче, но тоа не треба да биде причина за да се прекине сеансата, туку да се прифати ова однесување и да се продолжи со соодветна стимулација, земајќи предвид дека детето има задачи кои се над неговите можности. Само на овој начин детето ќе може да напредува. Добриот стимул, смеењето, скокањето, скокоткањето, пеењето од страна на терапевтот се доволни да ја срушите бариерата возрасен-дете и да му пружите сигурност на детето, истакнувајќи го секој негов успех, радувајќи се и повеќе од потребното. Тоа е единствениот начин да создадете сигурна и успешна личност“, вели Цацановска.

Инаку, таа смета дека современиот начин на живот, развојот на технологијата, преголемото отсуство на родителите од дома доведуваат до зголемено влијание на околината и социјалната средина врз развојот на децата, а со тоа и до развојни проблеми. Тврди дека поради технологијата сè повеќе деца имаат проблеми во когнитивниот, говорниот развој, вниманието, покажуваат агресивност, имаат зголемена телесна тежина, несоница. Препораката е децата под две години воопшто да не користат мобилни телефони, од 3 до 5 само еден час дневно, од 6 до 18 не повеќе од два часа дневно. Родителите се клучните во поставувањето на реалната граница на  користење на телефоните, компјутерите, телевизорот.