fbpx

Успешна интервенција – Отстранет голем тумор од црниот дроб кај 37-годишна пациентка

01.10.2021

Голема и сложена интервенција е изведена на Одделот за дигестивна хирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Хируршкиот тим предводен од д-р Владимир Аврамовски, дигестивен хирург, по повеќе од 8-часовна интервенција во операциона сала извади голем тумор од црниот дроб на 37-годишна пациентка.

„Стануваше збор за млада пациентка, на која големата туморска маса комплетно и го имаше нарушено секојдневното функционирање. Поради големината на туморот, црниот дроб беше комплетно изместен од своето лежиште, па пациентката имаше секојдневни проблеми во живеењето и големи здравствени тегоби. Направивме сложена интервенција врз големите крвни садови на црниот дроб и долната шуплива вена, со успешно презервирање на голем дел од црнодробното ткиво. Станува збор за ретки тумори во овие димензии и оваа интервенција не е стандардна хируршка постапка на црниот дроб. Работевме напорно и посветено да го зачуваме младиот живот, во овие интервенции има голем ризик со многу критични места“ – вели д-р Аврамовски.

Avramovski Vladimir

Големата туморска маса била од бенигна природа со димензија 20х19 сантиметри и со потекло од 4. и 8. сегмент од црниот дроб. Во оваа сложена и долга интервенција од особено значење е искуството на тимот доктори, а дел од тимот во операциона сала покрај д-р Владимир Аврамовски, беа вклучени и дигестивните хирурзи д-р Фросина Адамовска и д-р Моника Симоновска. Поради специфичностите на црнодробната хирургија големо значење во овие интервенции има и анестезиолошкиот тим, а дел од него во оваа интервенција биле и д-р Емилија Мирчевска и д-р Емилија Мариноска. „По интервенцијата направена е репозиција на црниот дроб во неговото природно лежиште. Со оваа интернација решен и целосно проблемот, пациентка е испишана од болничко лекување со уреден постоперативен тек, а на пациентката и препорачавме редовни контроли’- објаснува д-р Аврамовски.

crn drob

 

Хирургија на црн дроб – комплексен процес кој се изведува во високо специјализирани центри

Црниот дроб е голем паренхиматозен орган со богато крвоснабдување и една од неговите главни карактеристики е дека многу крвави при повреда и за време на хируршка интервенција. Поради неговата специфичност и комплексност, секој дигестивен хирург не е стручен да изведува хируршки интервенции на црн дроб. Хирургијата на црниот дроб се работи во високоспецијализирани центри екипирани со медицински персонал и медицинска опрема која е неопходна во овој тип хируршки процедури. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ хирургијата на црниот дроб е рутинска хируршка процедура.