fbpx

ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ОД ПАЦИЕНТКА УСПЕШНО ИЗВАДЕН ТУМОР ТЕЖОК 8 КИЛОГРАМИ

04.01.2022

Педесет и петгодишната Нафиjе Мустафа закрепнува  по тешката операција која успешно била изведена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Станува збор за специфична операција при која е изваден тумор тежок 8 килограми и долг 60 сантиметри, лоциран во пределот меѓу абдоменот и бубрезите, односно во т.н.  ретроперитонеален простор. На пациентката, која пред да дојде во Скопје се обратила и во најдобрите болници во Приштина, каде што живее, ѝ бил  дијагностициран тумор. Откако по препораки дошла во Скопје, вели дека добила нов живот. Си оди дома и се чувствува добро.

Мустафа се обратила во „Аџибадем Систина“ кон средината на декември, откако претходно видливо ѝ пораснал стомакот. Првите сомнежи биле дека има проблем со бубрезите па затоа била на уролошки преглед во Приштина. Ехопрегледот покажал дека не станува збор за проблем во бубрегот туку во ретроперитонеумот.

dimov

„Подоцна направивме компјутерско снимање, при кое се откри дека има тумор и дека е навистина многу голем. Побаравме некој доктор во Приштина за да ја направи интервенцијата, но поради големината на туморот не се нафатија на тоа. Ни укажаа дека треба да побараме добар доктор и така дојдовме во ‘Аџибадем Систина’. Се видовме со професор Владимир Димов и операцијата набрзо беше изведена“, вели Мустафа.

Професор д-р Димов вели дека станувало збор за тешка интервенција на малигна неоплазма на ретроперитонеумот со делумен продор во перитонеумот, односно тумор кој се наоѓал на просторот меѓу стомакот и бубрезите. Таму често се откривале тумори, но во овој случај специфична е големината. Бил тежок околу осум килограми или колку пациентката да носи две деца.

„Таму е многу специфично место, поради присуството на големи крвни садови, мочните канали, бубрезите и панкреасот. Интервенцијата треба да се изведува внимателно затоа што може лесно да се направи компликација. При изведувањето цревата на пациентката беа качени горе, а целата операција траеше три часа“, вели проф. д-р Димов.

Тој потенцира дека туморот настанал од масно ткиво и растел една година, а единствен начин да се надмине проблемот била хируршката интервенција, која била специфична најмногу поради димензиите и местоположбата.

dimov

„Немаше загуба на крв, бевме многу внимателни. Таа продолжува со третман кој ќе го препорачаат онколозите“, вели проф. д-р Димов.

Мустафа вели дека стравот што го имала при доаѓањето овде и при сознанието дека има тумор долг 60 сантиметри поминал уште веднаш при пристигнувањето во болницата. Сега, вели, ѝ е многу полесно и има надеж, а се чувствува одлично.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и со оваа интервенција  покажува дека со својата опременост, кадровска екипираност  и мултидисциплинарен пристап е место каде што се решаваат извонредно комплицирани хируршки интервенции кои по принцип  се изведуваат  само во многу големи центри во светот. Во оваа опасна и ризична операција исклучително важно беше искуството на тимот доктори, а во интервенцијата освен проф.д-р Димов вклучени беа д-р Ален Јовчевски, абдоминален хирург, и д-р Моника Симоновска, како дел од абдоминалниот тим, како и анестезиологот д-р Благоја Велковски.