fbpx

Угодувајте си себеси без каење и страв!

09.01.2019

Една од најчестите грешки што ги правиме е тоа што кога ќе ни се случи некоја неволја или болест стануваме толку сериозни што тоа дополнително ја влошува ситуацијата. Кога човек е преплашен, тој се затвора наместо да прави работи што го радуваат и го прават среќен, па така уште повеќе се ограничува себеси. Главно, има две причини поради кои се случува тоа – стравот, кој е опозит на љубовта, и суеверието,  кое се крие во сите пори на душата. Верувајќи дека болеста е казна од Бога, човек станува уште поригиден кога нешто ќе му се случи, па како во паганското доба убеден е дека Бог бара жртва и почнува несвесно да тргува со имагинарното божество на кое му придава карактеристики на поткуплив бирократ.

Наместо во тој миг постепено да си ги подигнува вибрациите, така што ќе си угодува себеси со работи што навистина му одговараат и на тој начин ќе го смени фокусот, човекот дополнително се убива изолирајќи се, терајќи се да прави работи што не ги сака. Се обидува да ја поправи ситуацијата казнувајќи се себеси, а всушност на тој начин само ја влошува. Сето тоа фантастично се вклопува со колективните деструктивни уверувања базирани на кредото дека смеењето и изобилието се нешто лошо. Дополнително на ова придонесува и речиси вулгарната перцепција во јавноста на феноменот болест – јавноста, која најчесто не разбира колкава улога има психата во човековиот живот, смета дека е доволно да се зема лекот и терапијата и мошне често поради сопствениот страв го присилува заболениот на емотивен карантин! Овие духовни простаци не разбираат колку радоста, смеењето и угодувањето на себеси се важни и дека психата игра клучна улога во разболувањето, но и во оздравувањето. Кога Анита Мордјијани се врати од клиничка смрт, првото нешто што го направи е да отиде во шопинг и да купи многу чоколадо.

Љубовта кон себеси во мигот кога ќе ни се случи болест не се искажува на тој начин што ќе се малтретираме себеси и ќе се казнуваме со работи од материјална и психичка природа кои не ги поднесуваме, а за кои веруваме дека ќе ни помогнат. Таа се искажува така што ќе почнеме да си угодуваме себеси. Затоа што радоста и среќата се над сѐ. Сето она што го правиме од страв го поништува позитивното дејство на она што го консумираме – било да е тоа одредена храна или афирмација или што и да е друго. Сѐ престанува да биде лековито оној момент кога нешто правиме од страв и во спротивност на нашето добро расположение и суштината на нашето битие. Но, илјадници години постои архетип дека самоказнувањето и мачењето себеси се одличен начин да се изврши метафизичка трговија.

Но Бог не е трговец, универзумот ја препознава само вибрацијата што ја испраќаме. Сето она што е направено од страв, раѓа нов страв. А работата е едноставна – треба да се почне од она што нѐ радува, што ни годи, што нѐ прави среќни – така најбрзо се враќаме во „емитувањето“ на Божјата љубов. Радоста на бидувањето она што сме, а не на она што некој друг ни објаснил дека мораме да го правиме или дека е „паметно“ да го правиме за да ни биде добро на овој или на кој било друг свет! Со Бог не се тргува, тој го разбира само јазикот на љубовта. Но, не се тргува ни со сопствената душа. Затоа секој човек треба да застане пред огледало и, заборавајќи на убедувањата и очекувањата на околината и семејството, блиските и далечните, да почне да живее онака како што сака и да го прави она што му годи – а себеси да се третира како што ги третира луѓето кои ги сака и на кои им угодува. И тоа без грижа на совест, затоа што мошне често личноста која трага по своите радости ќе направи нешто што срцето ѝ го сака, па потоа потполно ќе ја сруши вибрацијата со своето каење и на тој начин ќе поништи сѐ. Значи, најдете време да си го признаете и да си го запишете сето она што ве прави радосни и среќни, но и она што го правите од страв – и почнете да се водите по првиот список…

Знам дека не е лесно да се живее слободно и автентично кога околу вас се наоѓаат програми на страв, самоказнување, вина и немање, но малку по малку, брзо ќе ја осетите промената – само ако сте доволно храбри да излезете од наследените деструктивни програми на страв. Бидејќи радоста и смеењето се најдобриот лек. Радоста и среќата ја менуваат нашата биохемија. Стравот е најлошиот ноцебо што постои! Значи од денес угодувајте си себеси, бидејќи така ќе им сјаете и на другите.