fbpx

Сестра Русмир: На педијатрија функционираме во еден здив

10.01.2019

Ова е професија во која доаѓаат до израз индивидуалните квалитети и способности и вашиот карактер. Децата тоа најдобро го чувствуваат и честопати ми се заблагодаруваат со некој прекрасен цртеж, убава песничка, насмевка, прегратка со бакнеж. Нема поголем подарок на светот кога е тоа од една искрена детска душа, раскажува емотивно сестра Јасмина Русмир од педијатрискиот оддел на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Таа е една од сестрите кои добија најпозитивни оценки од пациентите. Вели дека на работното место се чувствува исполнето и е среќна. Работата во оваа клиничка болница, можноста да се докаже и да ја покаже својата професионалност ги смета за предност. Дополнително затоа што работи со деца кои, како што вели, се најнепредвидливата и најтешка категорија пациенти.

„Секое од нив има свои карактеристики и бара внимание. Токму со нив доаѓа до израз хуманоста, трпението и мојата целосна посветеност само на нив. Првиот контакт секогаш е многу важен. Насмевката и ракувањето за добредојде се најмоќното оружје. Многу е тешко да се добие довербата на родител чие дете е болно. Затоа сме ние тука, вработените на педијатрија, со нашата професионалност и безрезервно внимание, разбирање, љубов. Се разбира, задоволството на родителите е неизбежно. Љубовта кон децата беше пресудна да се одлучам за педијатрија“, вели сестра Русмир.

Дневно во или низ амбулантата на педијатрија поминуваат голем број пациенти. Сестра Русмир вели дека обврските диктираат добра поставеност, добра организација. Секој таму ги знае своите обврски, но има и меѓусебна помош кога тоа е потребно. Токму тимот кој функционира во еден здив е тоа што Русмир го истакнува како предност, како една позитивна енергија. Затоа вели, има прекрасен амбиент на педијатрија.

„Визијата во ‘Аџибадем Систина’ е јасна, пациентот е во фокусот на вниманието и сè што се прави е со цел подобра и поквалитетна услуга за пациентите. Најголема сатисфакција е кога пациентот или родителот ќе почувствува сигурност дека има некој кој се грижи за неговото здравје, а сето тоа дава елан да продолжиш да се надградуваш и да даваш максимум од себе“, раскажува сестра Русмир.

Случајно „прва” или „најдобра” меѓу еднаквите

Во работата ја води мисијата да помага. Тоа, вели, е суштината на професијата. Затоа, сестра Русмир тврди дека во ниеден момент не сака да дозволи некој да се почувствува осамен и да биде загрижен за своето здравје. Според неа, професионалноста, посветеноста, брзината, одговорноста, комуникацијата со тимот, континуираната стручна надградба се клучните карактеристики кои мора да ги поседува секоја медицинска сестра.

Условите на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ги задоволиле нејзините очекувања уште на почетокот.

„Воодушевена бев од организацијата на работата, условите за работа, кои ме прават среќна и задоволна што го направив изборот да бидам дел од овој тим. Да се работи во оваа здравствена установа, која е несомнено лидер во регионот, е голем предизвик, но и одговорност за секој вработен. Потребно е да поседуваш  знаење, стручност, човечки квалитети, позитивна енергија и да имаш голема посветеност не само во работата туку и во односот кон пациентите. Како вработена во ‘Аџибадем Систина’ горда сум на можноста секојдневно да учам од најдобрите и да се надградувам во професионални услови, кои се дополнителен мотив да си ја сакам работата. Верувајте дека секој би посакал да работи во ваква болница“, вели сестра Русмир.

Токму таа е една од сестрите кои имаат најголем број пофали од пациентите. Скромно вели дека е случајно „прва” или „најдобра” меѓу еднаквите.

„Добро е да го работиш тоа што го сакаш, тоа што те прави среќен, те исполнува. Тогаш несомнено, несебично даваш дел од себе. Таква сум и надвор од работната средина, непосредна, позитивна и секогаш насмеана. Приоѓам со љубов и почит и кон колегите и кон пациентите. Големата благодарност искажана преку зборови или пишана во анкетните листови значи премногу, но таа е одраз на мојата стручност, професионалност и исполнителност.  Верувајте дека уживам во сопствениот успех и се радувам.  Тие се мојот стимул за успешна работа“, вели сестра Русмир.