fbpx

Леонид Бошковски

21.08.2014

Да се биде мајка е прекрасно и незаменливо чувство што ниту едно богатство на светов не може да го замени. Мојот син Леон е предвреме родено бебе.Со неговиот развој сè беше во ред, до првиот контролен преглед. По завршување на прегледот, докторката ѝ соопштила дека Леонид има аномалија на урогениталниот систем Hypospadia penilis.  Едноставно не можев да се помирам со реалноста, дека нешто не е во ред со моето дете. Следуваа многу прашања и одговори. Барав објаснувања, што е тоа, дали се лекува, каде да се обратам. Докторката само ми соопшти дека единствено начин е хируршко лекување.

Во тој миг започна мојата битка. Многубројни консултации и мислења во речиси сите здравствени установи во Скопје, но ниту едно решение и одговор. Сите беа со став дека станува збор за сложен проблем, кој тешко може да се реши и дека се потребни повеќе операции.

Мојот најголем страв беше како ќе се чувствува моето деветмесечно бебе, како ќе ги издржи интервенциите. Бев подготвена сè да заменам за здравјето на моето малечко. Многу прашања беа сенка на мојот пат – патот на животот на моето дете. Се прашував дали сите родители кои имаат малечко со оваа аномалија се толку  горди и среќни од една страна и бескрајно тажни од друга.

Поминуваа денови, недели, месеци… но без решение.

По 7 изминати месеци поминати во барање спас моето дете, конечно, добив уште една шанса. Во еден разговор едни пријатели ми ја препорачаа Клиничката болница „Аџибадем Систина“ велејќи ми дека таму доаѓа најпознатиот доктор на Балканот.  

Одлучив. Спасот за моето дете ќе го барам токму кај проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ. Првиот преглед ни беше закажан за во февруари. Со нетрпение ја чекав нашата средба и откако докторот ми соопшти дека Леон треба да се оперира, неизбежно беше моето прашање дали сè ќе заврши со само една интервенција. Во неговиот глас имаше смиреност, сигурност и стручна подготвеност која ми даде силна верба дека сè ќе биде во ред и, конечно, ќе се најде решение за моето малечко. Си помислив дека вредеше што чекав толку долго време.

Кога го однесоа Леонид во операциона сала чекањето беше претешко. Секоја минута  изгледаше како час, а секој час вечност…

Но, за среќа, сè помина во најдобар ред. Болката престана кога крикот се претвори во смеа, горките солзи станаа радосници, темниот облак го снема и Леонид повеќе ја немаше аномалијата.

Од се срце му благодарам на проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ, кој ми дозволи уште еднаш да ја почувствувам оваа радост, кога ништо на светот не е поважно и подрагоцено од здравјето на моето синче. На последната контрола во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ сè беше во најдобар ред и немавме никакви проблеми. Сега Леонид безгрижно ужива во детските денови, а ние сме најсреќните родители гледајќи го како расте и е здрав.

 

Марина Бошковска, мајка на Леонид