fbpx

СЕМЕЈСТВОТО НУШЕВИ ГО ДОБИ МИХАИЛ, НАЈГОЛЕМИОТ БОРЕЦ ВО НИВНОТО СЕМЕЈСТВО

20.01.2024

Животот е непредвидлив и во еден миг може многу работи да се променат. Велат, не знаеш што ти носи утрешниот ден, а тоа најдобро го знае 29-годишната Ангела Нушева од Скопје, мајка на две деца. Во текот на најсреќниот период од нејзиниот живот, полн со убави емоции кои ги носат мајчинството и бременоста, таа ја доживеала и другата страна, во која секој час e вечност, моменти исполнети со страв и несигурност.

CAN

ПРЕДВРЕМЕНО ПОРОДУВАЊЕ ВО 27. ГЕСТАЦИСКА НЕДЕЛА

 За следење на двете бремености и породување, нејзин прв избор без размислување била Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а двете бремености редовно ги контролирала кај д-р Никола Панчевски, специјалист по гинекологија и акушерство во кој имала целосна доверба. Како и првата, така и нејзината втора бременост била сосема нормална и редовно контролирана. Токму на една рутинска контрола во 24. гестациска недела, д-р Никола Панчевски забележал скратување на грлото на матка и пролапс на воденикот во цервикалниот канал, по што поставил индикација за поставување серклаж, односно подврзување на грлото на матката, а откако е направена интервенцијата, на Ангела ѝ била дадена препорака за строго мирување.

„Мојата втора бременост редовно ја контролирав во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ кај д-р Никола Панчевски. Сите прегледи и скрининзи ги правев кај него, во него и неговата стручност имам голема доверба. Тој е голем професионалец, но не е само доктор, туку и пријател, советник. Направи прилично посложена интервенција бидејќи воденикот беше спуштен во каналот. Интервенцијата беше успешно направена и бев пуштена дома со препорака строго да мирувам“, вели Ангела.

Овој период, како што вели Ангела, за неа било ново искуство бидејќи со првата бременост немала никакви проблеми. Во 27. гестациска недела во раните утрински часови таа дошла итно во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ бидејќи ѝ прснал воденикот и веднаш била хоспитализирана.

„На Одделот за гинекологија и акушерство ме прими д-р Младен Ристески, специјалист по гинекологија и акушерство и веднаш ме хоспитализираше бидејќи дојдов со прснат воденик. Ми беше дадена потребната терапија, a исто така примив и една доза за предвремено зреење на белите дробови на плодот. Во текот на овој период размислував позитивно и се надевав дека ќе издржам уште една недела за да ја примам и втората доза за предвремено зреење на белите дробови на плодот, но мембраните не издржаа, нашиот Михаил реши да нѐ израдува многу порано и се породив во 27. гестациска недела на 12.9.2023 во раните утрински часови, а чинот на породување беше воден од д-р Младен Ристески. Се породив спонтано, многу лесно, бргу и без анестезија“, вели Ангела.

СТАКЛОТО ОД ИНКУБАТОРОТ БЕШЕ ЕДИНСТВЕНА ПРЕЧКА ШТО ГИ ДЕЛЕШЕ

Развојот и напредокот на предвремено роденото бебе се исполнети со многу предизвици. Предвремено родените бебиња се борци од првиот момент кога стануваат дел од овој свет, тие ја водат својата борба за живот, а истовремено се и најголемиот предизвик за докторите и медицинските сестри. Малечкиот Михаил се роди со родилна тежина од 1000 грама и 36 сантиметри должина, а по породувањето веднаш беше сместен на Одделот за неонатална интензивна нега поради ризици од прематуритет, така што за неговата состојба се грижеше тимот на неонатолози, но докторката што беше одговорна за него, од раѓањето до исписот, беше д-р Наташа Најдановска-Алулоска, специјалист по педијатрија, неонатолог.

„Михаил се роди в зори, со доаѓањето на новиот ден дојде оваа нова голема радост. Беше мал, но витален и активен, дишеше самостојно и регуларно, веднаш заплака и имаше розова боја на кожата. Поради тоа што е роден како екстремно незрело новороденче во 27. гестациска недела, прими една доза куросурф, молекула што ги држи отворени алвеолите во белите дробови на малите бебиња. Потоа беше поставен на неинвазивна поддршка на дишењето со маска на носето, во текот на следните неколку дена. Михаил бргу покажа дека може да дише сам, без помош. Потоа веднаш покажа дека може да јаде, во почетокот со сондичка, потоа со цуцла. Покажа дека е активно, но спокојно момче, кое сака допир, галење, кое сака зборување. Сака најмногу да ги осети мама и тато, за да видат дека е силен и сладок. Сака да им покаже дека сите го чуваат убаво, дека докторите на Оделот за неонатална интензивна нега се експерти на кои им верува, а секој допир на медицинските сестри што го негуваат е нежен и внимателен. Михаил им го покажа на мама и тато тоа што нашите зборови тешко можеа да го доловат, дека е силен и дека не се плаши од предизвиците што се пред него, дека сите ќе ги надмине и надрасне. Првиот дом на Михаил и на другите предвремено родени бебиња што брзаат да се родат пред да пораснат и созреат е Одделот за неонатална интензивна нега, која е одлично опремена и организирана. Инкубаторот е првото креветче, во кое Михаил порасна и покажа деке повеќе не му треба, дека може во обично креветче зашто е силен сам да си ја регулира топлината. Михаил лесно и спокојно порасна доволно за да оди дома, во домот исполнет со топлина, љубов, грижа и посветеност. Но, остана да се дружи со нас на контролите, на прегледите во нашите амбуланти, да ни покаже како расте, како вежба, како учи. Радоста да гледате бебенце родено толку мало и толку пред време како напредува и се развива, како се смее, таа радост не може да се опише. Таа радост ја делиме со родителите на овие мали бебиња, но најголеми јунаци, таа радост ги надминува грижата и стравот и ги бои во насмевка и љубов“, вели д-р Алулоска.

ТИМОТ НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГО ИСПРАТИ МИХАИЛ ДОМА

По 46 дена престој на Одделот за неонатална интензивна нега, тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го испрати Михаил да ужива во прегратките на мама, тато и сестричката Антонија.

„Дојде денот кога можам да кажам дека миговите на неизвесност, исчекување и страв се веќе зад нас. Верувавме во своето дете, верувавме дека ќе се избори. Благодарение на стручноста и професионалноста на медицинскиот тим, бевме подготвени да се соочиме со овој голем предизвик. Големата доверба што ја имавме во докторите и сестрите, кои деноноќно се грижеа за нашиот Михаил, поддршката што ни ја даваа тие, нивниот пречек со насмевка на лицето и членовите на нашето семејство ни даде сила да бидеме позитивни и да го пребродиме овој период многу полесно. Неизмерно благодарни сме и на д-р Наташа Најдановска-Алулоска, која постојано беше достапна за нас и имаше одговор на секое наше прашање поврзано со состојбата на Михаил за време на целиот престој на Одделот за неонатална интензивна нега“, вели Ангела.

Денот на годишнината од бракот (12 септември) за Ангела и нејзиниот сопруг Ангел годинава доби уште поголема важност, денот на раѓање на нивната втора радост, нивното синче Михаил. Поголемата сестричка Антонија со нетрпение и неизмерна радост го чекаше своето братче Михаил пред вратата на Одделот за неонатална интензивна нега да го прегрне и конечно да си го земе со неа дома.