fbpx

САМИР АДРОВИЌ ДОБИ НАЈМНОГУ ПОФАЛБИ ОД ПАЦИЕНТИТЕ

16.01.2019

Пациентите се секогаш во право и нивното мислење и став се прва задача за болничарот Самир. Нивните желби и барањата го водат Самир низ секојдневните обврски и така секој ден, во минатите девет години. Толку време тој работи во стационарот на одделот хирургија, практично од првиот ден на Клиничката болница. И во годината што измина, како и претходната тој доби најмногу пофалби од пациентите. А скромен е и добар, хуман. Неговата човечност го двои меѓу колегите. Доказ за тоа се пофалниците, ама и усните заблагодарувања, убавите зборови.

Според податоците, Самир во 2018 година добил 48 комплименти, доктор Оливера Лековска има 26 комплименти, а сестра Јасмина Русмир 25 пофалници.

Самир на работата ѝ приоѓа искрено и безрезервно се обидува на секаков начин да им помогне на пациентите. Вели дека човек кој работи со луѓе мора да биде внимателен, да знае да процени карактери, но и да најде начин како да им пријде. Не крие дека се среќава и со поспецифични пациенти.

„Потребно е да се биде толерантен, да си смирен. Пациентите заслужуваат да ги слушаш и јас тоа го правам. Се ставам во нивна кожа и разбирам како се чувствуваат. Кон сите пациенти подеднакво се однесувам, без оглед какви се нивните ситуации. А сите различно реагираат, има некои пациенти кои имаат поголеми барања, но има и такви кои се поповлечени“, вели Самир.

Вели дека пациентите му се заблагодаруваат и лично, му се обраќаат со убави зборови, како и тој ним. Му годи кога им угодува и позитивните вибрации се заемни. Неговата мисија е да помогне оти никој во болницата не дошол затоа што му е добро. Го води помислата дека пациентот не смее да е оптоварен повеќе па вели дека секојдневно се обидува да го намали нивниот проблем.

„Одлично е чувството, но морам да кажам дека јас и приватно сум ваков. Во ‘Аџибадем Систина’ сум од самиот почеток. Ова е деветта година, и тоа на хирургија сум цело време. Тоа е најсериозниот дел каде што нема простор за грешка“, вели Самир.

Сепак, не е сам во обидот да помогне, и на одделот работат тимски. Сите секојдневно ги води обидот да им помогнат на пациентите, за кои вели дека се секогаш во право. Дури смета дека нивната болка е и негова.

„Сум решил да го работам ова и ќе помагам. Се ставаме во нивна кожа, целосно да ги разбереме. Многу е значајна тимската работа, тоа е најважна, ако сакаме да функционираме добро и ефикасно“, раскажува Самир.

Самир продолжува со својата работа и годинава. Секој комплимент му е нов поттик, нов предизвик.