fbpx

PREMIUM „AЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ТЕНИСКИ ТУРНИР НА КОЈ УЧЕСТВУВААТ 84 ТЕНИСЕРИ ОД СВЕТОТ

07.06.2021

Меѓународниот турнир кој во периодот од 7 до 13  јуни годинава се одржува на терените на Тенискиот клуб „Југ “од Скопје се одигрува под името Premium, во чест на Премиум центарот за здрав живот и физикална рехабилитација што од неодамна функционира во склоп на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. На овој турнир му претходеа уште два меѓународни тениски турнира на кои исто така златен спонзор е токму „Аџибадем Систина“ и се во организација на Тениската федерација на Македонија. Овие меѓународни турнири се дел од календарот на Интернационалната тениска федерација и припаѓаат на Светската турнеја (World Tennis Tour) со награден фонд од 15.000 американски долари.

На турнирот Premium, кој стартува од денеска, ќе учествуваат 84 тенисери од кои 60 во квалификациите кои ќе играат за 8 позиции во главниот турнир и 24 тенисери кои директно ќе влезат во главниот турнир. Покрај тенисери од Македонија, на турнирот ќе учествуваат и тенисери од 25  држави Италија, Аргентина, Тунис, Франција, Чешка, Бугарија, Словенија, Белгија, Холандија, Црна Гора, Хрватска, Германија, Велика Британија, Австралија, Ирска, САД, Колумбија, Кина, Молдавија, Романија, Русија, Норвешка, Јапонија, Србија и Словачка.

Од нашите тенисери учество во главниот турнир ќе земат Калин Ивановски, Горазд Србљак, Томислав Јотовски, Стефан Мицов и Обрад Марковски, додека во квалификациите ќе учествуваат Берк Бугариќ, Иван Манасов, Шендрит Деари, Фидан Агуши, Дарко Колевски, Стефан Чаловски, Ѓорѓи Јанкуловски, Амар Хусеиновиќ и Борјан Стефановски, кои ќе се борат за влез во главниот турнир.

Финалните натпревари се планирани за в сабота, 12 јуни, во двојки, односно недела, 13 јуни, во поединечна конкуренција, а главен судија е Димитрис Сарацидис од Грција. Истите ќе се одиграат на терените на Тенискиот клуб „Југ“, под посебни ковид-протоколи кои гарантираат безбедност за сите учесници на турнирите. „Аџибадем Систина“ за време на натпреварите ќе се вклучи и со дополнителна медицинска поддршка и ќе обезбеди доктори и  физиотерапевти кои во текот на натпреварите ќе пружат медицинска грижа за тенисерите.