fbpx

ПО 16 ГОДИНИ БОРБА СО СТЕРИЛИТЕТ ДЕНЕС ГОРДИ РОДИТЕЛИ НА МАЛИОТ ТРАЈЧЕ

29.05.2020

Борбата со стерилитетот не секогаш изгледа едноставна, но кога вербата во докторот е голема, а желбата да се има дете е императив, тогаш годините не се никаква пречка. Доказ за тоа се брачната двојка Лазови, Билјана и Борче, кои 16 години живееја со истата желба – да станат родители. Денес тие велат дека ја имаат нивната најголема животна радост, малиот Трајче, кој секојдневно ги потсетува дека животот е убав!

ДИЈАГНОЗА СТЕРИЛИТЕТ И БЕЗБРОЈ ИСПИТУВАЊА

„Битката со стерилитет ја почнавме во далечната 2002 година во тогашната приватна болница ‘Мала Богородица – Систина’, кога за првпат се сретнавме со д-р Слободан Лазаревски, кој ни даде голема поддршка и ни вети дека заедно со него ќе ја извојуваме битката и ќе добиеме дете. Од тогаш кај мене силно се разгоре желбата да се остварам како мајка, бев нетрпелива сакајќи што побрзо да го допрам тоа малечко суштество и да го земам во моите прегратки. Започнавме безброј испитувања, кои ги правевме со голем ентузијазам и за кои мислевме дека штом ќе завршат ќе го добиеме долгоочекуваното бебенце. Но, со испитувањата почнаа и првите искушенија. Зачекоривме по една трнлива патека исполнета со големи искушенија, која беше толку долга што никако не се гледаше крајот“, се потсетува Билјана за почетоците на нивната долга борба.

lazarevski

НАЈТЕШКИОТ ДЕЛ ОД СЕКОЕ ИН ВИТРО БЕШЕ ДЕНОТ КОГА ТРЕБАШЕ ДА НАПРАВАМ ТЕСТ ЗА БРЕМЕНОСТ

„На почеток на 2003 го направивме и првото ин витро. Бев сигурна дека ја завршивме најголемата задача, сè уште не знаејќи дека сум на сам почеток од една голема битка. Дојде и првиот негативен тест за бременост, кој, да бидам искрена, не ме скрши толку многу затоа што бевме на почеток и сметав дека треба да се проба барем неколку пати за да се добие најочекуваното. Решив дека нема да се откажам, во мене сè повеќе гореше желбата да се остварам како мајка. Веднаш по првото ин витро, за 6 месеци направивме уште едно, за кое се надевав дека ќе биде успешно. Го направивме и тестот за бременост, кој беше негативен. Бев целосно скршена и обесхрабрена. Овој период е тежок за брачната двојка, а особено за жената, која минува низ многу тежок период зашто покрај негативниот резултат таа е форсирана и со многу хормони кои дополнително ја отежнуваат и така тешката ситуација. Скршени како птици без крилја и безнадежни во големо очајание, веднаш донесовме одлука, одиме понатаму сигурно и Бог ќе се смилува па ќе нè награди“, вели Билјана. По неколкуте неуспеси, Билјана и сопругот одлучуваат да направат подолга пауза до следното ин витро, да се ослободат психички и да се посветат на исполнување и на други планови во животот, но, како што вели Билјана, со тоа само подлабоко во себе ја потиснуваш тагата, а желбата во душата да бидеш мајка сè повеќе се разгорува.

„Каде и да се свртев погледот секогаш ми застануваше на малите дечиња, на нивните мали детски очиња, на малите рачиња кои силно се обвиткуваат околу своите мајки. Посакував што побрзо и јас да ја почувствувам таа детска топла прегратка. И тогаш во тие тешки мигови си велев себеси дека мора да бидам силна и истрајна и мора и јас еден ден да бидам мајка“, со многу емоции раскажува Билјана.

Д-Р ЛАЗАРЕВСКИ БЕШЕ МОЈАТА НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА

Покрај нејзината голема желба и истрајност, за силната волја на Билјана низ сите овие години е заслужен, како што таа вели, најдобриот професионалец, д-р Слободан Лазаревски, кој иако знаејќи дека се соочува со сериозна пречка за да се постигне бременост, никогаш не се откажа да го исполни нивниот сон.

„Д-р Лазаревски никогаш не се откажа од битката, од самиот почеток тој имаше позитивен став и неговите зборови секогаш беа истите: ‘Ќе успееме, мора да успееме!’ Иако тој најдобро знаеше колку е тежок мојот случај, никогаш не дозволи тоа да допре до мене, не дозволи да ме обесхрабрат долгите години на исчекување“, вели Билјана.

sardzovski

ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ УСПЕЕМЕ, ВО 2018 ГИ ВИДОВ ДВЕТЕ НАЈУБАВИ ЦРТИЧКИ НА ТЕСТОТ ЗА БРЕМЕНОСТ

И по низа испитувања и лекувања, веќе во 2018 година во мај повторно направивме обид за оплодување, сега веќе во најголемата и најсовремена болница „Аџибадем Систина“. Се чувствував пријатно и сигурно. Знаев дека ќе успееме, бев опуштена, имав безрезервна поддршка од целиот тим на д-р Лазаревски. Сите бевме сигурни, беа употребени најсовремените методи од страна на д-р Лазаревски и неговиот тим. Кога заврши и трансферот на ембрионите, зборовите на д-р Лазаревски беа: ‘Сега Бог да биде со сите нас за да успееме’. На лицата на Боби и Анета, најдобриот тим на ембриолози, видов насмевка. Како да прочитав на нивните лица дека е готово, ја завршивме најголемата задача. Веќе поминавме многу, така што сега надежта ми беше голема, си велев и да не успеам, повторно ќе се обидам, нема откажување. Таков ни беше договорот со докторот и неговиот тим. И кога по 15 дена ги видов за првпат двете најубави цртички на тестот за бременост, не можев да си поверувам ниту да се радувам зашто бев сè уште во страв дека нешто може да ми се случи.

ЗА БРЕМЕНОСТА СЕ ГРИЖЕШЕ НАЈДОБРАТА, Д-Р ГОРДАНА ПЕТРОВСКА

„Толку долго ја чекав оваа бременост, а за да бидам сигурна и спокојна одлучив за бременоста да се грижи д-р Гордана Петровска, која секогаш беше позитивна и насмеана, а тоа ми беше најпотребно низ целата бременост – да бидам спокојна и релаксирана, сигурна дека сè ќе заврши најдобро. По толку поминат тежок период нормално е да се чувствува страв, страв да не го загубиш тоа за кое најмногу си се борел. Како растеше плодот во мене така сè повеќе гореше желбата што побрзо да се сретнемe со нашето најмило сонце. Кога требаше да се породам целата бев во грч и страв. Но кога ги видов насмеаните лица на д-р Гордана Петровска и д-р Бобан Сарџовски се успокоив. Знаев дека сум во рацете на еден високостручен тим на доктори кај кои не постои грешка. И додека бев во грч, исплашена да не му се случи нешто на моето малечко, зашто повеќе немав сили за повторни обиди, го слушнав и првиот детски плач и за првпат го допрев обравчето на малото бебенце. Тогаш, чувствувајќи ја топлината на едно детско топло обравче, сфатив дека заврши долгата битка. Фала ти Господе“, раскажува Билјана.

petrovska

ТРАЈЧЕ Е ЗДРАВО И СИЛНО МОМЧЕ, Д-Р СТАНКА Е СЕКОГАШ ТУКА ЗА НАС

Д-р Станче Танчева е нашата докторка која и денес несебично се грижи за растот и развојот на Трајче. Како мајка имам милион прашања, на која таа секогаш има одговор. Буквално во секое време е тука за нас, со вистинските совети за да ја решиме секоја ситуација.

БИЛЈАНА СИЛНО ВЕРУВАШЕ ВО УСПЕХОТ, И ТОЈ СЕ СЛУЧИ

Во досегашното искуство д-р Слободан Лазаревски успеал да го исполни сонот на илјадници семејства. Голем број двојки успеале веднаш, но некои, за жал, морале да го одат потешкиот пат до успехот. Тие се и најголемиот предизвик за д-р Лазаревски, кој вели дека е горд и среќен затоа што ја оправда силната доверба која Билјана ја имаше кон него и кон целиот тим.

stanka

„Довербата во докторот е многу важен фактор за успех, нормално онаму каде постојат шанси да дадеме сè што знаеме за да постигнеме бременост. Затоа и никогаш не се откажавме со Билјана. Таа и сопругот поминаа долги години во неизвесност, на почетокот ги направивме сите можни испитувања и заклучивмме дека ин витро оплодувањето е единствената опција за да постигнеме бременост. Билјана и покрај неколкуте неуспеси, сè уште силно веруваше во мене и во нашиот тим, ги следеше нашите препораки, заедно поминавме низ сите падови. Тоа и сакам да го потенцирам, дека релацијата пациент – доктор во нашата работа е исклучително битна, психолошкиот момент исто така. Довербата во докторот, институцијата, тимот е она што ги тера двојките да не се откажуваат и да одат до крај. По низа неуспеси, сите многу се израдувавме на бременоста на Билјана и бевме со доза на страв на почетокот, но со секоја контрола бременоста напредуваше одлично. Денес е среќна мајка, а јас сум задоволен кога долгогодишната борба ќе заврши со среќен крај“, вели д-р Лазаревски.

——–

Сè уште не можам да поверувам дека заврши нашата голгота. Поминавме една прекрасна година со Трајче, година исполнета со многу љубов, топлина, безброј прегратки, бакнежи и насмевки. Сфатив дека вреди човек да биде трпелив па колку и долго тоа да трае. Бог секогаш ја наградува трпеливоста. Таква награда добивме и јас и мојот сопруг. Денес кога ќе ја почувствувам топлината на таа искрена детска прегратка и кога секојдневно го слушам најубавиот збор МАМА заборавам на сè низ што сме поминале и со голем елан и гордост чекориме понатаму низ животот, целосно исполнети и среќни, држејќи го в раце најсаканото, за кое се боревме со години.