fbpx

Д-Р СИМЕОНОВ ИЗВЕДЕ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА БУБРЕГ ВО „АЏИБАДЕМ“ ВО ТУРЦИЈА, „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Е КОМПЛЕТНО ПОДГОТВЕНА ЗА ОВИЕ ИНТЕРВЕНЦИИ, НО СÈ УШТЕ ЧЕКА ЛИЦЕНЦА

27.05.2020

Д-р Ристо Симеонов, детски хирург, изведе успешна бубрежна трансплантација на пациент со вродена аномалија – валвула на задна уретра. Интервенцијата ја изведе заедно со проф. д-р Хамди Каракајали во болницата „Аџибадем Атакен“, Истанбул. Два месеци по трансплантацијата, пациентот е во одлична здравствена состојба.

Д-р Симеонов е единствениот лиценциран доктор за бубрежна трансплантација на деца во земјава. Во 2009 година завршил едукација за трансплантација на бубрег во Анкара под менторство на проф. Каракајали и досега во Македонија има изведено десет трансплантации на бубрег кај деца.

 

storija simeonov darko

„Аџибадем Систина“ ги има сите потребни ресурси да биде центар за бубрежна трансплантација на деца и возрасни

„Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ ги има сите потребни капацитети, инфраструктура, опрема, кадар и услови за да почне да изведува бубрежна трансплантација кај деца и возрасни, меѓутоа сè уште нема добиено лиценца од Министерство за здравство. Болницата е комплетно подготвена да ги следи овие пациенти од самиот почеток, да изведе трансплантација и потоа да ги прави сите потребни контроли. Со отворањето на новиот педијатриски центар, сигурен сум дека ‘Аџибадем Систина’ ќе биде единствената болница која може да понуди врвна здравствена услуга од овој тип“, вели д-р Симеонов.

Трансплантацијата на бубрег го спаси Дарко од доживотна дијализа

Дарко Митков е роден со валвула на задна уретра, вродена аномалија на задниот ѕид на уретрата пред влезот во мочниот меур. Оваа аномалија довела до отежнато мокрење и развој на секундарен везикоуретерален рефлукс при што под притисок, урината од мочниот меур се враќа преку уретерите назад во бубрезите. И покрај сите интервенции и напори, оваа аномалија направила големо оштетување на бубрезите и било причина за појава на бубрежна инсуфициенција, а Дарко морал да почне со дијализа.

„Трансплантацијата на бубрег беше единственото решение, бидејќи неговите бубрези се нефункционални. Откако неговата мајка се пријави за донатор на бубрег, Дарко го подготвувавме за трансплантација. Интервенцијата ја изведовме со проф. д-р Хамди Каракајли и помина во одличен ред. За време на трансплантацијата констатиравме дека потребно да се извади и другиот бубрег на Дарко, и откако се врати од Турција, тука, во ‘Аџибадем Систина’, го отстранивме. Сега пациентот функционира со донираниот бубрег од неговата мајка. Доаѓа на редовни контроли на кои според лабораториските анализи ја одредуваме имуносупресивната терапија. Со редовни контроли и дисциплина Дарко може да има сосема нормален живот “,  вели д-р Симеонов.

 

storija simeonov darko

 

Дарко е бескрајно благодарен на д-р Симеонов

Дарко Митков е пациент на д-р Симеонов уште од самото раѓање и дијагностицирање на аномалијата. Тој вели дека докторот бил неговата најголема поддршка.

„Нема зборови што можат да го опишат докторот Ристе Симеонов. Тој беше во најтешките моменти со мене, ми даде голема надеж за подобра иднина. Д-р Симеонов е човек со огромно срце и добрина. Тој е човек со огромна позитивна енергија со својата насмевка и ведар дух едноставно кога си со него не мислиш на болеста. Прекрасен и огромен човек со неговото знаење, искуство и добрина. Има уште многу да се пишува за него, едноставно огромна благодарност докторе мој“ со многу емоции Дарко зборуваше за својот доктор и херој.