fbpx

БРЗO И ПРЕЦИЗНО СНИМАЊЕ СО НАМАЛЕНА ЗРАЧНА ДОЗА ДО 80%, „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ИНВЕСТИРАШЕ ВО НАЈНОВА ГЕНЕРАЦИЈА НА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФ

01.09.2022

Квалитетна слика во висока резолуција, скратено време на снимање, ултра ниска зрачна доза и помала количина на контрастно средство, единствена можност за снимање на бебиња од најмала возраст, прецизни снимки и кај многу обезни пациенти се само дел од предностите што ги нуди новиот апарат за компјутерска томографија, Revolution Apex CT 512-Slices.  Бројните предности на КТ апаратот се должат на вградениот уникатен систем TrueFidelity кој користи вештачка интелигенција за обработка на сликата со извонредна резолуција при минимални дози на зрачење. Апаратот е еден од најбрзите томографи со 512 пресеци во ротација, со што се овозможува краток преглед, кој се мери во секунди и кој благодарение на технологијата има значително помало зрачење до 80 отсто. Со оваа инвестиција во вредност од 1.600.000 евра, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствената болница во регионот која го поседува Revolution Apex CT 512-Slices, последното медицинско достигнување во дијагностиката од најголемиот светски производител на медицинска опрема „GE Healthcare“.  

FB x

„Брзата и прецизна дијагноза на болестите е клучна за успешен третман, особено за малигните и кардиоваскуларните болести каде е важно да се регистрираат во рана фаза и веднаш да се интервенира. Со гордост можам да кажам дека со најновата инвестиција поседуваме моќен апарат кој нуди голем број предности не само за пациентите, туку и за нас како дијагностичари.  Revolution Apex CT 512-Slices има технологија која се прилагодува на различни категории на пациенти, ја намалува подготовката пред самото снимање и секако е извонредно брз. Сега речиси да не постои лимитирање кај кои пациенти може да се направи снимање на компјутерски томограф. Може да се снимаат пациенти со срцеви болести и нарушен срцев ритам, пациенти со бубрежна слабост, обезни пациенти, мали деца. Најважно е што пациентите добиваат и до 80 % помала зрачна доза во споредба со претходните апарати, помала количина на контрастно средство и анестезија. Од досегашното искуство, можам да кажам дека новиот компјутерски томограф е вистинска револуција во дијагностичката и интервентната медицина. “ вели проф. д-р Зоран Трајковски, шеф на Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија.

Брза дијагноза кај болести на срцето и крвните садови

Со компјутерскиот томограф Revolution Apex CT 512-Slices добивате целосен приказ на целото срце за 3 секунди, а може да се снимаат и пациенти со нарушен срцев ритам. Апаратот прави слика во извонредно добра резолуција дури и кај многу калцифицирани крвни садови, плаки и стентови. Новиот компјутерски томограф овозможува брз и детален приказ кај многу специфични состојби кои бараат итен третман. Уникатниот софтвер се користи и за планирање на интервенции на големите крвни садови како што е TAVI процедурата  со мала количина на контраст и со висок квалитет дури и кај пациенти кои што имаат нарушена функција на бубрезите.

Контрола при изведување на комплексни радиолошки интервентни процедури

Revolution Apex CT 512-Slices  поседува систем за директен мониторинг на пациентот при изведување на комплексни интервентни процедури и нуди можност радиолозите директно да го раководат апаратот без да излегуваат во контролната соба што драстично ја забрзува работата и го намалува времето на интервенција.

Снимање на целото тело за помалку од 1 минута

Моќниот Revolution Apex CT 512-Slices овозможува брзо и безбедно снимање на сите системи одеднаш. Особено е значајна неговата употреба кај пациенти со политрауми, како и при спектрален скрининг на коски за визуелизација на оток во самите коски.

Со новиот компјутерски томограф, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го надополни модерниот Дијагностички-имиџинг центар со уште еден моќен дијагностички апарат. Ваквиот пионерски потег е уште еден доказ за заложбите на болницата да биде во чекор со последните медицински технологии со цел да ја овозможи најдобрата и најбезбедна грижа за своите пациенти.