fbpx

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДЕЛ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ КОНГРЕС НА ГИНЕКОЛОЗИ И ОПСТЕТРИЧАРИ

16.05.2023

Клиничка болница „Аџибадем Систина“ беше дел од петтиот Конгрес на гинеколози и опстетричари кој од 11 до 14 мај се одржа во Охрид. Станува збор за конгрес со меѓународно учество каде што своите знаења и искуства од најразлични области на гинекологијата и акушерството ги споделија експерти од нашата држава, Италија, Турција, Малта, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија.

n

Предавачи од Клиничка болница  „Аџибадем Систина“ беа:  д-р Александар Бојаџиев со излагање на тема „Што е ново во подобрување на ендометријалната рецептивност и спречувањето на имплантациониот неуспех од ендометријално потекло: преглед на етиологијата, дијагнозата, третманот и идните насоки“ и доц. д-р Корнелија Трајкова, која ги сподели најновите истражувања на тема „Микроорганизми во репродуктивен период и бременост – дилеми и препораки“. Стручно излагање имаше и д-р Ирена Шуплиновска на тема „Креација на неовагина кај MRKH-синдром: вагино-лапароскопска техника по Давидов“.

mago

На свеченото отворање на Конгрeсот беа доделени благодарници за повеќегодишна поддршка во развојот и остварувањето на целите на Асоцијацијата на гинеколози и акушери. Вакво признание добија нашите гинеколози: д-р Слободан Дракулевски, д-р Слободан Лазаревски, проф. д-р Глигор Димитров, д-р мед. науки Никола Баџаков и д-р Павле Димчев за нивната континуирана посветеност и споделување на искуства на досегашните активности на здружението.

WhatsApp Image at

Организатор на конгресот е Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, во соработка со Македонското лекарско друштво. Клиничка болница „Аџибадем Систина“, покрај едукативниот придонес со излагање на стручни презентации од страна на тимот гинеколози акушери, оваа година беше и еден од главните поддржувачи на конгресот.

WhatsApp Image at

Со тоа, уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за поддршка на едукативни настани кои имаат за цел да го подигнат нивото на едукација и доусовршување на тимот. На настанот беше присутен тим од 16 гинеколози акушери од нашата болница  кои имаа можност да го споделат своето искуство, но и се запознаа со најновите достигнувања во областа на гинекологијата и акушерството од страна на врвни експерти од земјава и регионот.