fbpx

ОДБЕЛЕЖАНА СВЕТСКАТА НЕДЕЛА НА СЕСТРИНСТВОТО, ТРИ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОБИЈА ПОФАЛНИЦИ

15.05.2023

По повод одбележувањето на Меѓународната недела на сестринството, Здружението на медицински сестри, техничари, aкушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС) и Здружението на медицински сестри, техничари и aкушерки (ЗМСТАМ) на свечени академии доделија пофалници за медицинските сестри од Клиничка болница „Аџибадем Систина“ – Гордана Илиевска, Павлина Џепиќ и Снежана Јовановска за нивната хуманост и придонес во сестринството.

Sliki veb strana

Гордана Илиевска е медицинска сестра на Oдделот за оториноларингологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ и во својата четириесетгодишна кариера вели дека за добрите дела и хуманоста сè уште главен мотив ѝ се пациентите.

Sliki veb strana

„Хуманоста е врвна вредност на пиедесталот на сите мои искрени, човечни и доблесни особини кои заемно ги споделувам со моите пациенти. Кога човек има моќ да разубави нечиј живот, станува духовно богат, а притоа, правејќи ги другите среќни, се усреќува и себеси. Ова признание за хуманост од срце го споделувам со целокупниот колектив во ‘Аџибадем Систина’, со мојот Оддел за оториноларингологија, кој низ годините стана мое семејство“, вели Илиевска.

Павлина Џепиќ е медицинска сестра на Одделот за неонатологија во клиничка болница „Аџибадем Систина“ со повеќе од 32 години искуство, која вели дека нераскинлив дел од оваа професија се одговорноста и желбата да се помогне.

Sliki veb strana

„Нашата професија бара да се вложиме со цело срце во грижата за пациентите, особено нашите најмали пациенти кои зависат од нашата грижа и нивните мајки кои по породувањето се многу чувствителни и исплашени, а нашиот топол збор и насмевка се многу важни за да ги смириме и охрабриме“, вели Џепиќ. 

Акушерката Снежана Јовановска вторпат добива пофалница и вели дека е особено горда на секое добиено признание, а со своето 38-годишно искуство вели дека е среќна што ја работи најубавата и најхумана професија.

Sliki veb strana

„Акушерката мора да има одлични комуникативни вештини затоа што добар дел од нејзината работа вклучува психолошка поддршка, стручност, треба да е исполнета со љубов спрема професијата, да биде емпатична и да има големо разбирање за трудницата. Многу е убаво чувството да бидете акушерка. Раѓањето на нов живот и спојувањето на новороденчето со мајката е величествен чин кој треба да се доживее“, вели Јовановска.

На свечената академија во Домот на АРМ беше доделена благодарница на ПЗУ „Аџибадем Систина“ за поддршка при организирањето на свечената академија во чест на Меѓународната недела на сестринството и даден особен придонес кон сестринската професија во нашата земја. Во име на болницата, благодарницата ја прими главната медицинска сестра Билјана Дилевска, а поздравен говор одржа и медицинската сестра акушерка Маргарита Шијаковска-Киш. 

Денот на медицинските сестри и техничари е 12 мај и се одбележува секоја година во знак на сеќавање на роденденот на Флоренс Најтингеjл.