fbpx

ДОСТИГНУВАЊАТА ВО 2018 ГОДИНА

02.01.2019

Крајот на годината е секогаш посветен на оние кои го дале најдоброто од себе, за оние кои постигнале најдобри резултати и заради кои денес „Аџибадем Систина“ е пример на здравствена институција која има тим со кој што се гордее. На почетокот од новата година, ги издвојуваме клучните успеси на болницата, професионалните успеси на поединци и на тимови.

КОНТИНУРАНА ЕДУКАЦИЈА НА ТИМОТ, ЈА ПОДИГНАВМЕ СВЕСТА ЗА ГРИЖАТА ЗА ЗДРАВЈЕТО  

Eдукативниот тим на „Аџибадем Систина“ изминатава година работеше на стручно усовршување на персоналот за специфичните знаења од медицинските гранки, но се насочи и кон споделување на знаења и искуства надвор од болницата. Тимот беше присутен на голем број стручни средби и конференции, а наши доктори и медицински сестри беа предавачи на повеќе настани каде беа споделени знаења и вештини, како со здравствени установи од јавниот, така и со приватниот сектор. Едукативниот тим со стручни предавања надвор од рамките на болницата го одбележа  Меѓународниот ден на медицинските сестри, техничари и акушерки, месецот на машкото и женско здравје. Годината ја заокружи со поставување на Информатички систем за едукација по електронски пат, со што персоналот од болницата ќе има полесен и подобар начин за континуирана едукација.

ГО ПРОШИРИВМЕ SISTINA RUN ТИМОТ, ОСТАНАВМЕ ПОДДРШКА НА ГОЛЕМИОТ „ВАРДАР“

На полето на спортски настани, на прво место го истакнуваме ентузијазмот и неуморниот дух на Acibadem Sistina RUN тимот кој брои повеќе од 80 вработени кои се дел од сите спортски настани во градот. Тука ќе ја истакнеме и нивната хуманост, преку учеството на голем број хуманитарни трки. Нивната посветеност го крева тимскиот дух и е поттик за здрав начин на живот. Од поголемите настани ќе го истакнеме учеството на Скопски маратон, Женска трка, Business Run 2018,  Вилсон трката, Трката за поддршка на лицата со Даунов синдром и др.

Во 2018 година, „Аџибадем Систина“ остана поддржувач на најголемиот ракометен и фудбалски тим ВАРДАР, КК МЗТ Скопје, како и на бројни индивидуални спортисти.

ИНВЕСТИРАВМЕ ВО ПЕТ ВРВНИ ТЕХНОЛОГИИ

Од поголемите технолошки инвестиции во 2018 ќе ја истакнеме новата 4К и 3Д технологија за изведување на абдоминалните лапароскопски интервенции, гинеколошки 3Д систем за лапароскопски интервенции, ECMO- апарат на Одделот за кардиохирургија, апарат за CO дифузија и апарат за неинванзивна вентилација на Одделот за пулмологија.

КАРДИОХИРУРГИЈАТА НÈ ПОСТАВИ НА ВРВОТ ВО СВЕТСКИ РАМКИ

Во 2018 година подемот на пионерски интервенции се случи на Одделот за кардиохирургија. Со вградувањето на првото вештачко срце во Македонија, „Аџибадем Систина“ стана првата болница која го има достигнато овој голем успех. Проф. Николиќ изведе и две пионерски интервенции кај бремени жени, од кои првата беше интервенција на трудница со тешка форма на дисекција на аорта,при што беа спасени и мајката и бебето. Втората интервенција беше отстранување на тумор на срцето на трудница, која истотака резултираше со успех.

НАСТАН НА ГОДИНАТА

На 9. јуни 2018 година, „Аџибадем Систина“ беше домаќин на меѓународен стручен симпозиум „Трансплантација на ткива и органи – дилеми и предизвици“ на која  стручни презентации имаа доктори од нашата болница, Универзитетската клиника за хематологија во Скопје и Здравствената групација Аџибадем. Ова е и првиот настан организиран од отворањето на болницата поддржан од Министер за здравство кој беше дел од симпозиумот.

НАД 200 БЕСПЛАТНИ ПРЕГЛЕДИ, ДОНАЦИИ, ИНТЕРВЕНЦИИ

Во 2018 година, „Аџибадем Систина“ се приклучи во глобалната кампања Pay it Forward при што доделивме 100 бесплатни прегледи и воедно ги поттикнавме вработените меѓусебно да направат некое добро дело. Традиционално, организиравме 100 бесплатни прегледи на бенки, по повод месецот на меланом. Бевме учесници во меѓународен хуманитарен базар и во голем број работилници за подигнување на свеста за здравјето. Годинава ја организиравме досега најмасовната крводарителска акција, со донирани 181 крвни единици. Благодарение на нашиот хуман гест, преземање на трошоците на дете со тумор на мозок, овозможивме 11-годишниот Филип денес да се радува на животот. Хуманата мисија ја продолжуваме и во новата година!

Најважно од сè, е што во 2018 година целиот колектив работеше како едно, со што уште еднаш докажавме дека нашата болница е болница на професионалци кои сакаат да работат заедно и да си помагаат еден со друг. Благодарение на тимскиот дух, соработка и заедничка помош, „Аџибадем Систина“ докажа дека е пример за позитивна работна организација и меѓусебно почитување.