fbpx

Ново во „Аџибадем Систина“ – дијагностика и лекување деца со хематолошки и онколошки заболувања

24.12.2018

Со воведување на детската хематоонкологија  „Аџибадем Систина “ стана првата приватна болница која нуди дијагностика и третман на хематоонколошки заболувања во детската возраст откако со години детска хематоонкологија имаше само на Универзитетската клиника за детски болести. Доц. д-р Билјана Чонеска Јованова, педијатар хематоонколог,  вели дека е среќна што своето знаење и искуство ќе го почне најпрво со дијагностика и лекување деца со хематолошки проблеми, а во иднина се надева дека ќе се третираат и деца со онколошки заболувања.

„Убаво е да се биде дел од тимот на ‘Аџибадем Систина’, тука се голем број мои драги колеги и пријатели. Задоволство е да се работи овде бидејќи има одлични услови за работа. Болницата може да се спореди со европските болници во кои сум престојувала, пред сè поради начинот како е организиран амбулантскиот дел, ургентниот центар,  приемот и третманот на пациентите на педијатриското одделение, компјутерскиот систем за евиденција на податоците за иследување и лекување пациенти, современата лабораторија“ – вели д-р Чонеска-Јованова.

На Одделот за педијатрија во „Аџибадем Систина“ д-р Чонеска Јованова доаѓа по 17 години работа на Одделот за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската клиника за детски болести.

„Во областа на детската хематологија постои можност за дијагностика и третман на сите заболувања од оваа област, почнувајќи од нарушување на еритроцитната лоза, сите видови анемии, потоа нарушувања  на леукоцитната лоза во смисла на леукоцитози и леукопении, нарушувања на тромбоцитната лоза меѓу кои најчести се тромбоцитопениите, акутни и хронични воспаленија на лимфните јазли и нарушувања  на коагулацијата“, вели докторката.

Во онколошкиот дел постои можност  за дијагностика на  малигни заболувања во детската возраст, тоа се најчесто  акутните лимфобластни леукемии, а од солидните тумори  кај децата најчести се туморите на централниот нервен систем.

„Акутната лимфобластна леукемија може да се јави во која било возраст кај децата, но најголема инциденца е меѓу втората и петтата година. Причините за настанување на леукемијата  се  сè уште непознати,  се претпоставува дека се должи на комбинација на генетската предиспозиција и влијание на надворешни фактори.  Се манифестира клинички најчесто со бледило, појава на модринки по телото, зголемени лимфни јазли, покачена температура и болки во коските“, вели докторката Чонеска – Јованова.

Таа вели дека дијагнозата се поставува со цитоморфолошко иследување на препарат на коскева срцевина кој се добива со аспирациона биопсија или трепанобиопсија. Биопсијата се прави најчесто од карличната коска или градната коска, додека кај бебиња се прави од потколеничната коска. Секако за одредување на видот на леукемија неопходни се дополнителни имуноцитохемиски, молекуларни и цитогенетски иследувања.

За дијагноза на солидните тумори во детската возраст во „Аџибадем Систина“ постои современа апаратура за дијагностика, можност за одредување на специфични тумор-маркери, кор-биопсија и патохистолошка дијагноза, можност за хируршка интервенција од страна на детски хирург и неврохирург, како и најсовремен акцелератор за зрачна терапија.