fbpx

ВРАБОТЕНИТЕ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОНИРАА НАД 180 КРВНИ ЕДИНИЦИ

19.07.2024

Над 180 вработени во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја покaжаа својата хуманост на дело и даруваа крв. Во соработка со општинската организација на Црвен крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина успешно беа спроведени две крводарителски акции.

Клиничка болница „Аџибадем Систина“ е особено горда на своите традиционални крводарители, кои досега дарувале крв повеќекратно. Еден од нив е и д-р Димитар Душкоски, специјалист по кардиологија, кој вели дека е среќен што може на ваков начин да помогне на некого на кого навистина му е потребно.

 „Сите знаеме дека во лето се намалуваат резервите на крвни единици, па особено сум среќен што со моето дарување денес ќе можам да помогнам некому. Дарувам крв од 2005 година и по секое дарување се чувствувам многу убаво. Крводарител се станува, пред сè, само ако се има желба за тоа. Главниот мотив е да се помогне некому!“- изјави д-р Димитар Душкоски, специјалист по кардиологија.

Медицинската сестра Радица Милошевска има дарувано крв над 15 пати досега.

„Дарувам од хумани причини, а чувството по дарување е прекрасно. Би им препорачала на сите што се во можност да даруваат крв, бидејќи со подарувањето крв, се подарува живот“ – вели сестра Радица.

Од Институтот за трансфузиона медицина велат дека не се посебни потребни подготовки, освен крводарителите да ги исполнат основните услови, да пополнат прашалник поврзан со нивното здравје, да се исконтролира нивото на хемоглобин во крвта и крвниот притисок, да имаат консумирано повеќе течности пред дарување и сл.

Со негување на традицијата на крводарителски акции, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште еднаш ги потврдува својата заложба и посветеност за унапредување на корпоративната општествена одговорност. Првата крводарителска акција во нашата болница беше организирана во 2010 година и оттогаш во континуитет се одржуваат по неколку крводарителски акции годишно.