Аџибадем Систина

ПРИКАЗНАТА ЗА ЕДНО МАЛО ЧУДО И ГОЛЕМИТЕ СРЦА ОД NICU

26.12.2025

„Три години поминаа, а јас сѐ уште јасно го носам во срцето моментот кога мојата Бисера реши да дојде на овој свет порано, нежна и малечка, но со дух поголем од сите стравови што ги имавме. Родена во 29. гестациска недела со само 950 грама и 33 сантиметри, таа беше нашето мало чудо. Во тие тешки и неизвесни денови, кога секоја секунда беше нова надеж, а секоја вечер нова молитва, болницата ’Аџибадем Систина’ стана наш дом.

Докторите, неонатолозите и сестрите не беа само медицински лица – тие беа ангели во бели мантили, луѓе со огромни срца, кои ги носеа нашата болка, нашата надеж и нашата љубов како да се нивни сопствени.

Во очите на тимот од ’Систина’ гледавме сила, искуство, но и топлина што ти кажува „ќе биде добро“, дури и кога твоето срце е обвиткано со страв. Таа таму ја водеше својата прва битка, но никогаш не беше сама. Со нивната силна посветеност, несебичност и искуство, тие ѝ подарија шанса за живот, а нам ни подарија надеж – она најскапоценото нешто што секој родител го чува со душа.

И денес кога ја гледаме како расте во радосно, здраво и неверојатно прекрасно детенце, со насмевка што освојува и срце полно љубов, знаеме дека дел од таа светлина ја носи од таму - од ’Аџибадем Систина’ каде што беше заштитена, згрижена и помогната да ја победи својата прва голема битка. Не постојат зборови доволно силни да ја опишат нашата благодарност. Благодарност за секоја непроспиена ноќ за да можат да спијат нашите деца. За секој допир што беше нежност и сила во исто време. За секое чудо што го создавате – не само со знаење, туку и со љубов. Благодариме што сте светлина, за најмалите борци и што подарувате надеж таму каде што најмногу треба. Благодариме што сте дел од нашата приказна – приказна што ќе ја раскажуваме цел живот со полни срца.

Нашата ќерка денес е доказ дека љубовта, науката, посветеноста, професионализмот и хуманоста прават чуда! И тоа чудо започна во ’Аџибадем Систина’.“

 

                                                                                                                        Од мама, тато и Бисера 

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.