fbpx

Во комплицирана операција спасен животот на 38-годишен пациент

17.12.2018

Тимот на проф. д-р Александар Николиќ уште еднаш докажа дека кардиохирургијата во „Аџибадем Систина“ е подготвена да ги реши и најголемите и најтешките предизвици кога се работи за здравјето на срцето. Во тешка и комплицирана кардиохируршка интервенција, 38-годишниот Бесир Ибрахими доби нова шанса за живот. Пациентот кој веќе 10 години имал проблеми со срцето и бил во терминала фаза, со значително проширено срце и срцеви залистоци по двете кардиохируршки интервенции  денес е во стабилна здравствена состојба.

Успешниот подвиг на д-р Николиќ значеше живот за Бесир

Десет години. Толку време трае голготата на 38-годишниот Бесир од Тетово. Болките во градите и падот во бессознание и ова лето биле сигнал дека повторно нешто не е во ред. А за младиот тетовчанец проблемите со срцето не се новина, тоа бил неговиот живот со години. Пробувал да се лечии во странство, но третманите биле скапи. Благодарение на тимот кардиохирурзи во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, сега тој има нов живот. Во септември му се заменети срцевите залистоци со што му е обновена работата на срцето. Операцијата ја изведе кардиохирургот Александар Николиќ. Бесир раскажува дел од својата приказна. Тој е благодарен и среќен што го одбрал вистинскиот тим кој му ја вратил довербата во животот.

Неизлечен грип, причина за ослабување на работата на срцето

На 28 години Бесир имал проблеми  со респираторни инфекции. Целосно неизлечениот грип носи страшни  последици за него. Првите знаци што укажуваат дека дошло до значително оштетување на срцето се болка во градите, неправилна работа на срцето, изнемоштеност, отекување на нозете. Ако воспалението на срцевиот мускул не се открие навреме и не се лекува на соодветен начин, може да дојде до трајно оштетување на срцето, како хронична срцева инсуфициенција, а може да заврши и фатално, предупредуваат лекарите.

„Ми се слошуваше неколку години. Во Тетово првпат пред десетина години, па лежев во Скопје. По некое време ми рекоа дека проблемите се такви што треба трансплантација на срце. Бев во Турција, чинеше околу 500.000 евра, но секако требаше да се чека две-три години и да живеам таму за да ме следат. Потоа отидов во Германија, ми ставија дефиблиратор. Но, и тој требаше да се смени по две-три години. Потоа се видов со д-р Иван Трајков од ‘Аџибадем Систина’ и решив вториот да го ставам тука, во оваа болница. Оттогаш бев добро, сè до летово кога пак ми се слоши“, раскажува Бесир.

Агонијата продолжува, проблемите стануваат посериозни

Во февруари утрото Бесир се буди со обилно крвавење од носот. Пукнале вените во носот, итно го хоспитализираат во градската болница во Тетово. Поради слабото работење на неговото срце и загубата на многу крв, таму го задржуваат пет дена. Се враќа дома, кај сопругата и трите деца, но проблемите и натаму го мачат. Чувствува болки во градите, несвестици, нема сила да се движи ниту волја да јаде.

Бесир станува депресивен, се плаши дека нема да живее уште долго

Сопругата на младиот тетовчанец низ солзи се навраќа на неизвесните денови, вели дека нејзиниот сопруг се плашел да замине во болница мислејќи дека нема да се врати дома. Поддршката од семејството била клучна. Во јуни повторно на Бесир му се слошува,  итно го носат на прегледи во Скопје.

„Докторите од државната болница ми рекоа дека немам никаков проблем, инцидентот, според нив, ми се случил поради стрес, поголема нервоза. Ми предложија да се опуштам“, вели младиот тетовчанец.

Сепак, Бесир одлучува повторно да оди во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Се среќава со доктор Николиќ.

Д-р Николиќ се одлучува за тешка и сложена  операција

Тој има таканаречено проширено срце, проширени залистоци. Кардиохирургот Александар Николиќ вели оти првата операција била поправка на залистоците. Но, набрзо морала да се направи и нова затоа што проширувањето кај Бесир било позначајно.

„Кога пациентот дојде кај нас беше во лоша состојба, слабото срце  предизвикало проширување на залистоците. Првата операција кај него беше поправка на тие залистоци и беше многу успешна. По три месеци, поради преголемото ширење на срцето попушти левата страна на срцето, па моравме да направиме втора операција. Последната операција беше многу тешка и сложена, срцето беше многу ослабено и тоа придонело пациентот да биде во лоша состојба. Операција помина добро и сега Бесир е жив и здрав, супер функционира“, вели доктор Николиќ.

Николиќ е човекот кој во Македонија изведе две операции на вградување на целосно вештачко срце со што земјава и „Аџибадем Систина“ станаа лидер на овие простори. Николиќ вели дека срцевите заболувања се сè почести, не само во Македонија туку и во светот има недостиг на органи за пресадување. Ова е новата реалност, но во „Аџибадем Систинаа“ има и нова иднина. Таква доби и Бесир.