fbpx

ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ЈА РАБОТЕВ НАЈДОБРАТА РАБОТА НА СВЕТОТ, СЕСТРА МАРИКА СОКОЛОВСКА СО УБАВИ ЕМОЦИИ И СПОМЕНИ ЗАМИНУВА ВО ПЕНЗИЈА

16.10.2019

AcibademSistina SestraMarika

Кога работата е убава, кога ја сакаш, за неа зборуваш со емоции. Со зборови што ги избира, а кои ги будат емоциите и на другите, Марика Соколовска си заминува од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Работниот век го завршува по 42 години посветеност само на оваа работа – на грижата за децата. Соколовска се пензионира од неонатолошкиот оддел во болницата и вели дека ја имала најдобрата работа на светот. Најубавата, најспонтана, но и најодговорна. Бебињата се мали ангели, а работата со нив, иако е тешка, е многу благодарна.

Соколовска вели дека работата во „Аџибадем Систина“ ќе ја памети само по добро. Иако најмногу ќе ѝ недостасуваат децата, сепак не помалку и колегите. Во оваа здравствена установа работи долго, уште од основањето – си оди, ама, вели, посебен дел од неа останува овде.

„Во Клиничката болница  ‘Аџибадем Систина’ сум од 2001 година, од самото постоење на болницата, која тогаш се викаше ‘Мала Богородица’. Си заминувам со многу убави спомени, се дружевме, работевме, ги делевме одговорностите. Ќе ми недостасуваат колегите и работата, оваа работа ја работам 42 години. Работата во ‘Аџибадем Систина’ ќе ја паметам по условите за работа, по колегијалноста, по дружењето со пациентите, со  родителите“, вели Соколовска.

Вели оти им порачува на колегите да се дружат, да бидат професионални.

„Работата на неонаталогија е најубава професија,  да треба да работам уште 40 години повторно би ја избрала истата професија, затоа што е многу благодарно да работиш со бебенца. Голема одговорност, но треба да бидеш совесен за да ја работиш оваа работа. Бебињата не знаат дали и што ги боли и колку. Ваша работа е да утврдите“, додава Соколовска.

Спомените и добрите дела го прават животот богат. Таков работен век имала и таа.