fbpx

УСПЕШНО ИЗВЕДЕНА ХИРУРШКА ОПЕРАЦИЈА КАЈ БЕБЕ СТАРО 24 ЧАСА

22.07.2023

Стефан е првата среќа, која мама и тато со нетрпение очекуваа да ја земат во своите прегратки. Убавата вест дека малиот Стефан дојде на свет и конечно ќе го запознаат им донесе моменти полни со неопислива радост, но набргу по среќната вест родителите добија уште една неочекувана вест, која предизвика голем страв и загриженост кај нив. Од Одделот за неонатологија на родителите им било соопштено дека брзо по раѓањето, кај Стефан забележале хиперсаливација (зголемено лачење на плунка) преку устата и носот, по што било поставено сомнение за езофагеална атрезија, вродена аномалија на хранопроводот, неможност за слевање на плунката надолу, при што таа излегува преку устата. Само 24 часа по раѓањето на Стефан, поставена е дијагноза за итен оперативен третман на атрезија на езофагус со трахеоезофагеална фистула.

AS Simeonov SocialMediaAssets FBPost

 „Стефан е роден во 39. недела од бременоста со родилна тежина од 3220 грама, од здрава и редовно контролирана бременост без никакви компликации. По приемот на новороденчето се забележани отежнато дишење, одложена адаптација и хиперсаливација преку уста и нос, по што се постави сомнение за постоење на вродена аномалија, еден вид атрезија која не може да се дијагностицира за време на бременоста. Сомнението за езофагеална атрезија беше потврдено со контрасна езофагографија и се постави дијагноза за атрезија на езофагус со трахеоезофагеална фистула. Состојбата беше ургентна и мораше веднаш да се реши за да не дојде до поголеми компликации. Стефан беше веднаш префрлен на Одделението за неонатална интензивна нега, за понатамошен третман и потребна терапија, по што беше консултиран и детскиот хирург д-р Ристо Симеонов, кој индицираше итен оперативен третман“, вели д-р Станка Танчева-Крстевска, неонатолог.

Родителите беа веднаш информирани дека новороденчето мора да помине низ сериозен хируршки зафат, бидејќи се работи за вродена аномалија, која се решава само по хируршки пат и во тие моменти на измешани чувства на страв, радост и несигурност, на родителите им преостана само да му веруваат на искусниот медицински тим на „Аџибадем Систина“. Брзата реакција по поставувањето на дијагнозата од страна на д-р Станка Танчева-Крстевска, до изведувањето на операцијата од страна на детскиот хирург, д-р Ристо Симеонов и анестезиологот д-р Милчо Мицевски, го спаси животот на овој мал борец.

ОПЕРАЦИЈАТА НА СТЕФАН ТРАЕЛА НЕКОЛКУ ЧАСА

Интервенцијата траела неколку часа и ја изведе доц. д-р Ристо Симеонов, кој вели дека тоа е една од посериозните хируршки интервенции од областа на неонаталната хирургија и колку што побргу ќе се направи, шансата за понатамошен успех е поголема. Тоа што во светот се среќава кај едно на 3 000 деца било детектирано токму кај Стефан. Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ досега се изведени повеќе од 10 операции од овој тип.

„Само 24 часа по раѓањето на Стефан, поставена е дијагноза за итен оперативен третман на атрезија на езофагус со трахеоезофагеална фистула. Овој тип аномалии се дијагностицираат по раѓањето, кога кај детето се јавува неможност за слевање на плунката надолу и таа излегува преку устата. Постои опасност ако не се направи интервенцијата, детето да ја проголта плунката и таа да отиде до трахеата и да доведе до нефункционалност во белите дробови поради исполнување со течност. Направена е деснострана торакотомија, екстраплеврално е дојдено до двата краја на езофагусот, подврзана е фистулата од дисталниот езофагус со трахеа, отворен е проксималниот езофагус, направена е Т-Т анастомоза и поставен е торакален дрен. Оперативниот тек кај пациентот помина уредно и по иницијалните анализи беше отпочнат третман со потребната терапија. По операцијата малиот Стефан беше префрлен на детската кардиохируршка интензивна нега и по 9 дена престој на детската кардиохируршка нега го испишавме во добра општа и локална состојба, со дадени совети за понатамошен третман“, вели доц. д-р Симеонов.

Родителите на Стефан, кои го поминаа овој тежок период полн неизвесност, велат дека се неизмерно благодарни за посветеноста и брзата реакција на медицинскиот тим.

 „Немаме зборови со кои би можеле да ја искажеме нашата благодарност кон целиот медицински тим, почнувајќи од д-р Симеонов и д-р Танчева-Крстевска за нивната стручност и брза реакција за решавање на овој проблем со кој се соочивме. Висококвалитетна нега, посветеност, беспрекорни услови се она што направи да веруваме во професионалноста на докторите, медицинските сестри и преостанатиот персонал во ‘Аџибадем Систина’, кои деноноќно се грижеа за Стефан. Два месеца по направениот хируршки зафат, Стефан напредува одлично и се храни без проблем преку уста“, велат родителите на Стефан.

Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ се изведуваат најсложените операции кај новороденчиња со тешки вродени аномалии. Станува збор за тешки операции (атрезија на езофагус, атрезија на дуоденум, анална атрезија, дијафрагмална хернија, мезентеријална циста, циста на холедох) кои ги изведува доктор Ристо Симеонов, детски хирург, со стручен тим од болницата. „Аџибадем Систина“ е единствена приватна клиничка болница која хоспитализира деца со здравствени проблеми од сите специјалности.