fbpx

УСПЕШНА ИНТЕРВЕНЦИЈА КАЈ СЕДУМMЕСЕЧНО ДЕВОЈЧЕ СО РЕТКА СРЦЕВА АНОМАЛИЈА

16.01.2020

Вистински шок за семејството Селими од тетовското село Слатино била дијагнозата за нивното седуммесечно бебе. Кога мислеле дека има само бронхит, по проверките дознале дека нивното дете има сериозен проблем со срцето – отвор меѓу двете преткомори кој прави отпор на белите дробови. Срцевата аномалија предизвикала проблеми, па бебето не јадело доволно, слабеело. Таа има брат осум години постар, нема член од семејството со каков било кардиолошки проблем. Сознанието ги преплашило родителите па по прегледите ги упатиле кај д-р Владимир Чадиковски во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Аномалијата требало да се реши веднаш, а така препорачал и д-р Чадиковски. Една недела по интервенцијата малечката е пуштена дома и сега добро заздравува. Првичниот страв е заменет со оптимизам дека таа може да има безгрижен нормален живот. А такви се очекувањата и на доктор Чадиковски.

storija cadikovski

СПАС СО ОПЕРАЦИЈА

Имале доверба и отворен однос со докторот, а таткото Џемаледи вели дека поминале тежок емотивен период, кој, за среќа, сега е зад нив. „Прво беше хоспитализирана на детската клиника неколку недели, па по прегледите ни рекоа дека треба да се направи операција, дека станува збор за специфична интервенција, но во странство или во некоја приватна болница. Детето имаше проблеми со дишењето, многу се потеше, не можеше да јаде, почна да слабее. Тогаш стапивме во контакт со д-р Чадиковски. Веќе знаевме за него и решивме да дојдеме. По контролите, се договоривме да направиме операција. Впрочем, препораките на докторот беа дека подобро е да се интервенира што побрзо. Д-р Чадиковски беше многу коректен, многу отворен и пријатен за соработка. Задоволни сме од целиот персонал, од сите кои работат во ‘Аџибадем Систина’”, вели Селими. Една недела по операцијата нивното дете било пуштено дома и сега е подобро. „Пресреќни сме и нема зборови со кои можам да го објаснам ова чувство“, вели таткото.

storija cadikovski

КОМПЛИЦИРАНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Д-р Чадиковски сведочи за нивната загриженост. Но се реагирало веднаш. Пo направеното ехо утврдено е дека станува збор за срцева аномалија. Проблемот всушност бил што кај малото имало отвор што се наоѓа меѓу двете преткомори на срцето кој предизвикува зголемен притисок во белите дробови. Итност била нужна, а подготовката траела само најмногу еден месец, период во кој била прегледана од повеќе кардиолози во „Аџибадем Систина“. „Се стави посебен материјал за да се затвори тој отвор. Оваа интервенција се изведе во неколку фази. Прв дел беше анестезиолошката подготовка, потоа самата фаза на бајпас, па фазата кога во интервенцијата детето не дише со сопствените бели дробови, туку машината дише за детето и последна фаза во тек на операцијата кога се става клема, се аплицира дозирано калиум за срцето да престане да чука . Тогаш треба да реагирате многу брзо, да сошиете. Во момент кога ќе се затвори отворот се трга и клемата и се чека срцето да се врати и самостојно да почне да работи“, објаснува д-р Чадиковски. Вели дека во тек на интервенцијата температурата на детето се спушта до 32 степени. „Детето се носи на хипотермија за да се заштити мозокот оти срцето не чука, па потоа сè се враќа во нормала. Детето сега заздравува многу брзо“, вели д-р Чадиковски.

ДЕТЕ БОРЕЦ

Операцијата траела неколку часа. Д-р Чадиковски вели дека станува збор за дете голем борец, но потенцира дека во случајот била важна и поддршката од родителите и нивната доверба. Тоа е една од првите интервенциии изведена на Одделот за детска кардиохирургија во Клиничката болница „Aџибадем Систина”. Д-р Чадиковски е предводник на тимот и единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава. „Тука има одличен тим, но и опрема која навистина ни овозможува да бидеме одлични и да остваруваме успеси. За оваа операција имавме логистика од тројца професори од „Аџибадем“ од Истанбул кои го следеа процесот. Д-р Тајар Сариоглу е основоположник на детската кардиохирургија во Турција и сакаше да види како ќе изгледа сето тоа“, вели д-р Чадиковски. Пред операцијата била направена и симулација на кукла за да може тимот да биде подготвен и координиран целосно. Инаку, девојчето моментно е под терапија. Ќе се прават контроли, но д-р Чадиковски се надева дека таа ќе има нормален живот. „Детската кардиохиргија е многу специфична гранка. Разликата помеѓу детски кардиохирург и кардиохирург за возрасни е огромна. Во никој случај не смее кардиохирург за возрасни да оперира деца. Детскиот кардиохирург мора да биде обучен и да има големо искуство зад себе. Не само кај нас, и во Европа и во целиот свет за да оперираш бебе или дете мора да бидеш специјалист за детска кардиохиругија“, објаснува Тајар Сариоглу.

storija cadikovski

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА” ПОЧНА СО КАРДИОХИРУРШКИ ИНТЕРВЕНЦИИ НА ДЕЦА ПОКРИЕНИ ОД ФЗО

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина” почнаа да се вршат кардиохируршки интервенции на деца (од 0 до 18 години) со кардиоваскуларни болести кои се покриени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Овие интервенции ги извршува искусен тим од доктори предводен од д-р Владимир Чадиковски, кој е единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава, заедно со доктори од „Аџибадем“ од Турција кои зад себе имаат повеќе од 15 илјади интервенции. Станува збор за тим од десетмина доктори кардиохирурзи, кардиолози, анестезиолoзи, перфузионисти и педијатри за кардиолошки интервенции кај деца, едни од најдобрите во регионот. Предност е што искусниот тим на доктори кои доаѓаат од Турција ќе бидат достапни секоја недела во земјава и ќе бидат вклучени во третман на кардиолошки заболувања кај деца. Целта е во следниот период „Аџибадем Систина” да стане референтен центар за третман на вродени срцеви заболувања кај деца не само во Македонија туку и на целиот Балкан.