fbpx

Тимот на Аџибадем Систина едуцираше за машкото здравје

04.12.2018

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и оваа година се приклучи на глобалната хуманитарна акција „Мовембер“, месец посветен на машкото здравје. За таа цел, како општествено одговорна компанија, во текот на ноември болницата формираше тим за едукација кој имаше за цел да ја подигнале свеста кај мажите за нивното здравје, како и потребата од превентивни прегледи. Едукативниот тим составен од д-р Даниел Петровски, хирург специјалист по урологија, Александар Стојковски, медицински техничар за превенција од интрахоспитални инфекции, Андроники Бибовска, медицинска сестра за едукации, и Влатко Илиески, физиотерапевт, одржаа едукативни работилници за различна возраст на мажи. Тимот од стручни лица имаше средба со Специјалната единица на МВР „Тигри“, како и со вработените од Спортскиот центар Synergy Fitness & Spa и со вработените од Olympia Motors.

Д-р Даниел Петровски на работилниците зборуваше како се врши преглед и самопреглед на пенис и тестиси, им објасни за нормалната функција на машките репродуктивни органи и нивните нарушувања, им даде совет за редовни контроли на матичен лекар, контрола на ПСА (тумормаркери за рак на простата) по 45. година од животот, безбеден сексуален живот и справување со физиолошки и психолошки проблеми.

На едукативните работилници се зборуваше и за важноста на редовните контроли на крвниот притисок, справување со стилот на живот и секојдневните обврски, поврзаноста на срцевите проблеми. Стручниот тим на Аџибадем Систина потенцираше дека лошите животни навики, како што се алкохолот, цигарите и стресот, влијаат негативно на здравјето. Препораките се да се практикува повеќе спортување. Што се однесува до начинот на исхрана, користењето суплементи може да биде понекогаш опасно, ако истото е без соодветна контрола, а употребата на хормони, како тестостерон, може да го наруши здравјето. На слушателите им се објасни правилната употреба на суплементите, зависно од начинот на живот и потребите на поединците.