fbpx

Матеј Пехчевски, Скопје

21.08.2014

Поради сложена скршеница на лакот на левата рака и зоната на раст, моето 4,5-годишно синче Матеј претрпе операција. По препорака на детскиот хирург кој го изврши зафатот, постоперативната рехабилитација со физикална терапија ја почнавме и ја добивме на одделот за физикална терапија во вашата ценета клиника „Аџибадем Систина“.

Од самиот почеток случајот го водеше д-р Аница Хаџи- Петрушева Јанкијевиќ, која лично презема да ги работи сите третмани со моето синче, иако тоа можеше да го работи кој било од вработените физиотерапевти.

Ова писмо го пишувам во име на целото мое семејство кое имаше можност да ја запознае и види д-р Аница во работно светло. Имено, сакаме да изразиме огромна благодарност до вашата ценета клиника што ни овозможи третманот да го препуштиме на таков високостручен и вонредно професионален специјалист, и со особена чест и огромно задоволство да укажеме најтопли пофалби и препораки за д-р Аница Хаџи – Петрушева.

Моето минато работно искуство (иако во друга сфера) ме водеше во тесен секојдневен директен контакт и работа со медицински персонал со врвни имиња во елитни клиники во Мелбурн, Австралија, а заради лични семејни потреби сме посетиле и имале искуство и со многу специјалисти во Париз, Франција и со домашни стручни лица по болниците во Скопје.

Меѓутоа, професионализмот и посветеноста во работата, грижата и добриот однос кон моето дете кои ни ги пружи д-р Аница беа толку впечатливи и исклучителни што решив дека би било неправедно тоа задоволство како клиент да не го споделам со вас.

За време на повеќето физиотерапевтски третмани што ги има поминато моето синче јас бев постојано личен сведок на беспрекорниот и топол пристап, но и максимални заложби на д-р Аница и одговорно тврдам дека неговото одлично заздравување, враќање на функцијата на рачето и нормалниот раст на екстремитетот се заслуга на напорите и професионалноста на д-р Аница, која и покрај огромниот страв кој го имаше моето синче по претрпената траума и операција, успеа за многу кратко време да ја придобие неговата целосна доверба, да го натера да соработува најдобро што може, до тој степен што тој сам бараше да оди да „го вежба рачето“ со „тетка“ Аница.

Би сакала најсрдечно да ја поздравам, да ја препорачам како вонредно добар работник и да го изразам задоволство на моето семејство од прекрасната услуга што ја добивме од вашата клиничка болница и од гореспоменатиот специјалист!

Ви благодариме најискрено што ни овозможивте да уживаме во одличните услуги на таков крајно професионален кадар.

На драго срце ќе ги препорачаме услугите на вашиот центар за физикална медицина и рехабилитација!

Со почит,

Ирена Пехчевска