fbpx

Катја Тодоровска

30.09.2014

Со самото соочување со проблемот за забременување почна и нашата голгота за исполнување на сонот на секој човек – да се стане родител. За д-р Слободан Лазaревски како мој гинеколог се одлучив уште во 2007 год., а кога околностите беа такви да мораме да се одлучиме за асистирана репродукција, знаев дека сме на вистинското место. Се чувствував сигурно и верував дека д-р Слободан Лазаревски ќе најде решение за нашиот проблем. Заедно поминавме многу. Од мојата прва интервенција сè до првото ин витро коe се случи во 2010 година.

Бевме возбудени, полни со надеж и очекувања. По две недели добивме позитивен резултат. Помислив дека тука е крајот на борбата. Но, не можев ни да замислам колку всушност сум далеку од исполнувањето на желбата. Некаде околу 20. недела од бременоста почувствував болки и веднаш отидов на контрола. Вестите кои ги слушнавме беа разочарувачки. Докторите направија сè, но, сепак, по седум дена се случи најтешкиот момент во мојот живот, го изгубивме бебето. Траума што засекогаш го промени нашиот живот. Си заминавме дома со празни раце и празнa душа. Следеа тешки месеци низ кои едвај успевавме да ги составиме нашите скршени души. Но, надежта полека се враќаше, како и силата да се почне сè одново. Во текот на следните две години следеа уште две ин витра со позитивен тест за бременост, но уште во првите недели завршија со неуспех. И покрај сите лоши вести, сите дотогашни тешки искуства, решивме да не се откажеме, тврдоглаво продолживме напред со мислата дека еднаш мора да успее!

Во 2013 дојде на ред четвртото ин витро. Повторно со д-р Слободан Лазаревски рака под рака влеговме во нова борба. Повторно две недели чекање, овој пат за првпат решив да не го земам лично резултатот. Го испратив сопругот. Некако мислев дека чекањето дома ќе биде полесно отколку во болница. Но, не беше… Телефонот заѕвоне… Дарко: Бета 281! Уште еден позитивен резултат.

Без разлика колку пати го доживеавме тоа, секогаш плачев од срце.

На првиот преглед го слушнавме како чука срценцето на Катја. Малиот јунак веќе беше зачнат. Мало олеснување, бевме еден чекор понапред. Бременоста напредуваше, но стравот беше присутен во секоја клетка од моето тело. Се молев секој ден Господ да го чува ова бебенце. Бременоста беше патолошка и иако бев во целосно мирување, во текот на целата бременост се соочував со проблеми.

Во 20. гестациска недела д-р Слободан Лазаревски ме препушти во рацете на д-р Гордана Петровска како специјалист за ризични бремености. Тешко се разделив од д-р Слободан Лазаревски, но неговата работа беше до тука. Првата средба со д-р Гордана Петровска беше многу пријатна за мене. По сè, односот со мојот доктор ми беше многу важен. Сигурноста која ја чувствував со д-р Лазаревски ја најдов и кај д-р Петровска. Некаде околу 22. недела се соочив со сериозен проблем поради кој постоеше можност повторно да го преживеам мојот најголем кошмар. Некако ја дочекавме следната контрола во 24. недела од бременоста и добивме позитивни вести. Но, токму кога мислевме дека сме ја поминале кризата, се случи најлошото. Ден петок, 25. гестациска недела и 5 дена од бременоста бев хоспитализирана во Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Чувствував дека дојде крајот на мојата бременост… И повторно сè е исто како првиот пат, повторно истата траума, само некоја недела подоцна. Не можев да верувам дека повторно го преживувам мојот најголем кошмар. Веќе немаше враќање назад, веќе немаше спас. Бебето мораше да се роди.

Ми рекоа дека иако можноста бебето да преживее е многу мала, сепак, постои. Во мојата душа, пекол. Сè што успеав да составам во душата повторно се урна. Ме однесоа во родилна сала, Дарко беше со мене. Болката во мене беше многу посилна од физичката болка. Немав сила да го пребродам ова уште еднаш. Тогаш за првпат ја запознавме д-р Симонида Спасевска. Дојде да нè праша како сме, а Дарко ѝ поставуваше прашања за бебето. Тој никогаш не ја изгуби надежта за нашето јуначе кое се спремаше прерано да дојде на овој свет и од првиот миг беше решено да ја добие битката за својот живот. Длабоко во мојата душа имаше надеж, но ја потиснав. Така беше полесно. Беше полесно да не се надевам.

На 4 февруари 2014 година пристигна Катја, во 26. гестациска недела од бременоста. Едвај ја ѕирнав. Видов едно мало модро бебенце. Д-р Симонида Спасевска ја прифати, а јас ја стискав раката на Дарко најсилно што можев. Одеднаш слушнавме нешто неочекувано. Катја со своите 830 гр. имаше сила да го земе првиот здив и да заплаче. Не знаев што значи тоа, не знаев што да очекувам, не знаев што да прашам… па затоа не прашав ништо. Се разбудив од анестезијата, а сестрата ми стави гумена белезица на раката. Ми рече: „И ќерка ти има иста белезица, со ист број“. Си помислив… Жива е! Белезиците останаа на нашите раце уште долги 100 дена… Д-р Симонида Спасевска ни ја објасни ситуацијата, што може да очекуваме. Ни кажа дека ова е долга, тешка и многу неизвесна борба. Во наредните месеци го искусивме секој нејзин збор.

Следното утро отидовме да ја видиме Катја. Измешани чувства. Со Дарко се упативме кон неонаталната интензивна нега. Тогаш толку непознато и туѓо ми изгледаше сè. Денеска таму се чувствувам како дома. Ни ја отворија вратата, маски, мантили, миење раце. Не можев да земам воздух и гледав магливо низ солзите.

Катја сместена во првиот инкубатор на десната страна. Видов едно мало црвено бебе. Речиси целото лиценце ѝ беше покриено од очилата за заштита на очињата. Толку беше малечка. Мали тенки рачиња и ноџиња. Приклучена со многу кабли, цевки, тубус. Не верувам дека има родител што е спремен на таква слика за своето бебенце… Тоа мало човече го чекавме толку време. Внатре останавме кратко. Немав зборови…не знаев што да кажам…Но, откако ја видов Катја сфатив, ќе бидеме тука уште долго време.

Ден за ден времето многу полека минуваше. Секој ден ја посетувавме Катја. Како минуваа деновите сè повеќе се сврзувавме со неа. Од една страна се плашевме зошто не знаевме што сè може да се случи, од друга страна, сепак, бевме родители, веќе одамна вљубени во нашето мало среќиче. Секој ден почнуваше исто, 7 часот наутро Дарко се јавува да праша како поминала ноќта. На секое јавување срцето ми замрзнуваше. Се јавувавме неколкупати во денот бидејќи знаевме дека ситуацијата може во миг да се промени. Не знам дали тие денови, месеци нашиот живот можеше да се нарече живот. Единствено што правевме беше чекање, чекањето на позитивни информации во врска со Катја.

Помина еден месец, Катја беше стабилна, но сè уште многу далеку од крајот на борбата. Едно утро, како и секое друго, стоев надвисната над инкубаторот на Катја. Влезе д-р Симонида. До тогаш веќе добро ја познавав за да прочитам на нејзиното лице дека има некоја лоша вест. Дуктусот на срценцето на Катја не се затворил, лекарствата кои ги примила не ѝ помогнале, најверојатно, ќе треба да се интервенира хируршки. Што друго може мајка во тој момент да направи, почнав да плачам во неверување. Како ова мое мало кревко бебенце од 855 грама ќе издржи операција?! Никогаш нема да ги заборавам зборовите на д-р Симонида: „Има решение, додека има решение немој да се грижиш“. Откако поразговаравме малку, ме смири, не знам како ќе го преживеев цело ова искуство доколку не беше д-р Симонида. Таа беше и уште е мевлем за мојата душа. Во сите најтешки моменти на ова пеколно искуство ја барав неа и нејзините зборови.

Дојде денот на операцијата, од проф. д-р Салис Таџер зависеше животот на Катја, а заедно со нејзиниот и нашите. Ни рече: „Ако сте спремни, да почнеме! Не бевме спремни, ни тогаш, ни никогаш не би биле. Но, имаше само еден избор, операцијата мораше да се направи. Сите влегоа внатре, а ние останавме пред вратата. Помислив, денеска нема да биде денот кога последен пат ја гледам Катја, и не беше. Волшебните раце на проф. д-р Салис Таџер, заедно со храброста и жилавоста на малото јуначе вродија со успешна операција. Д-р Симонида Спасевска заедно со сестра Милена нè пречекаа со широки насмевки. Катја со полуотворени очиња веќе будна нè пречека. Сакав да ја гушкам и гушкам. Но, единственото нешто што можевме беше да ѝ се радуваме преку инкубаторот.

Пополека Катја почна да расте и да добива на тежина. Најтешката работа по операцијата беше Катја да научи да дише сама. Тоа беше пат на кој никако не можевме да дојдеме до крајот. Пополека, по долги месеци поминати со тубус, Катја успеа да дише сама. Почна да се наѕира крајот на престојот на Катја во „Аџибадем Систина“. Еден ден по посетата на Катја, како и секогаш отидов да поразговарам со д-р Симонида, која ме пречека со убава вест, ми рече: „Утре дојди околу 12 часот, сакаме да ти ја дадеме Катја да ја подржиш“. Моментот што го чекав долги години, моментот што трпеливо го чекав посебно откако се роди Катја – да го гушнам моето дете.

Следниот ден беше 23 април. Се собравме сите во интензивна радосни што, конечно, го дочекавме овој момент. Д-р Симонида и сестра Милена полека ја повиткаа Катја, ја извадија од инкубаторот и ми ја подадоа. За првпат меѓу нас немаше стакло, ја гушнав и само прашував да не правам нешто погрешно од страв да не ја повредам. Толку беше чудно да ја видам повиткана и во моите раце. Беше неверојатно. Конечно, го гушкав моето дете. Момент што никогаш нема да го заборавам. Дојде и денот кога Катја требаше да си дојде дома, 14 мај, 2014. Возбудени и исплашени до бескрај. Испраќање со солзи, тешко ми беше да се разделам од сите, знаев дека ќе ми недостасуваат. Речиси беше сон. Катја по поминати долги 100 дена на Одделот за интензивна нега во „Аџибадем Систина“, конечно, си дојде во својот вистински дом.

Првите моменти дома полни со среќа, радост и страв. Сега ние треба да бидеме очите и рацете на сите доктори и сестри. Времето минуваше, а ние брзо се навикнавме на сè. Уживавме во секој момент, а стравот полека исчезнуваше. Катја веќе 4 месеци е дома. Има 7 месеци и тежи 5 килограми. Таа е наш голем смешко, весело бебенце кое секојдневно ги топи нашите срца. Јас сум горда мајка вљубена во своето дете, ние сме горди родители на еден мал јунак.

Мајки, родители, сите вие кои сте во слична ситуација како нашата..

Најпрво посакувам неизмерна среќа и среќен крај. Имајте верба во вашите малечки, навистина се многу појаки од што изгледаат. Имајте доверба во вашите доктори бидејќи тие ќе направат сè за безбедно да си одите дома. Бидете силни. Нема зборови напишани што можат да ја искажат нашата благодарност до сите, до целиот тим доктори од „Аџибадем Систина“.

Д-р Слободан Лазаревски, Ви благодариме за сите битки поминати заедно со нас, благодарам на сите сестри од Одделот за асистирана репродукција, на тимот ембриолози, за сите години поминати кај вас чувствувајќи се како дома. Од срце ѝ благодариме на д-р Гордана Петровска, за нејзината стручност и грижа поради што Катја безбедно стигна на овој свет. Д-р Симонида Спасевска, не знам како Вам да Ви се заблагодариме, за целата Ваша посветеност и родителска грижа кон Катја, за Вашата професионалност, за Вашата поддршка, за силата што ни ја дававте во ова неверојатно искуство. Вие засекогаш ќе бидете дел од животот на Катја…

Неизмерно им благодариме на целиот тим неонатолози во „Аџибадем Систина“- д-р Александар Сајковски, д-р Антони Христовски, д-р Душко Фидановски, д-р Станка Танчева, д-р Светлана Крстевска и д-р Драшко Димески. Посебна благодарност до проф. д-р Салис Таџер, што го поправи малото срценце на Катја.

Сето ова не беше возможно без сестрите Мери, Милена, Тина, Весна, Сузе и сите други, ви благодариме и вам за секојдневната грижа кон Катја, за целата утеха во сите тешки моменти.

Вие сите, заедно, сте нашето големо семејство- засекогаш.

Со љубов, почит и бескрајна благодарност

Катја, Марина и Дарко Тодоровски