fbpx

Бошко Дуковски

08.10.2014

Кога на 64 години заминав во пензија и решив најубавите години од животот да ги поминам мирно и спокојно со семејството, почнаа моите проблеми. За само три месеци ослабев 17 килограми, а никој од докторите не можеше да открие која е причината за наглото слабеење. Решение барав низ многу клиники, од хематологија, радиологија па сè до онкологија. Секој следен ден чувствував сè поголеми болки, не можев ниту да се движам. И додека траеше потрагата по дијагноза и кога докторите кренаа раце, решив да го организирам мојот погреб, кој очекував дека ќе се случи наскоро. На 5 декември дојдов во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на колоноскопија кај проф. д-р Васко Василевски, кој веднаш дијагностицираше туѓо тело во дебелото црево. Пред да ми кажат за што се работи ги молев докторите да ми ја кажат дијагнозата без оглед на тоа дали станува збор за карцином или не. Низ смеа проф. д-р Василевски ми објасни дека во дебелото црево се заглавила чепкалка за заби. Веќе следниот ден д-р Ален Јовчевски ја изведе операцијата, а јас не можев да верувам каков пресврт се случи во мојот живот. Една чепкалка за заби ме донесе до работ на животот, ме натера да мислам дека дошол крајот. Од тогаш 5 декември е мојот втор роденден, ден кога повторно се родив. Нема зборови со кои можам да ја искажам мојата благодарност до проф. д-р Василевски, д-р Јовчевски и целиот тим во болницата. По пронаоѓањето на чепкалката за заби ми се смени животот. Ниту во еден момент не ме оставивте сами, вечно ќе ви бидам благодарен за тоа што ми го продолживте животот и ми пруживте толку многу грижа.

Бошко Дуковски,

65 години