fbpx

Ви благодарам што ми го продолживте животот

25.10.2017

menduh mula ademi 0

Мојата приказна почна со случајна средба со мој пријател, кој е доктор. Кога ме виде, веднаш побара да направам испитувања. Се сеќавам, ми кажа, имаш чудна боја на лицето, мораш да се прегледаш. Јас и претходно чувствував изнемоштеност и промени во бојата на урината, но си велев не е страшно, ќе помине. По препорака на пријателот, сепак, решив да одам на лекар. Кога ги добив резултатите следуваше шок, ми поставија дијагноза тумор на панкреас. Кога првпат ја дознав дијагнозата сè ми беше како во магла, не бев свесен. Претходно кога за некој ќе кажеа има тумор, секогаш си велев со него е завршено. Кога јас се најдов во истата ситуација, не беше сè завршено, добив неверојатна сила да се борам бидејќи го сакав животот и сакав да живеам. И покрај тоа што ми рекоа дека шансите се многу мали да живеам. Едноставно, докторите дигнаа раце од мене бидејќи ми кажаа дека со ваква дијагноза, моите шанси да преживеам се
помали и од 1 процент.

За моја среќа, ја одбрав клиничката болница „Аџибадем Систина“

Следниот чекор беше да одберам болница. Со семејството ги разгледавме сите можности за повеќе болници од целиот регион. Нај крај одлуката беше моја лекувањето да го продолжам во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Ме прими д-р Тони Јосифовски, ми направи дополнителни испитувања и поради сериозноста на состојбата за два дена бев во операциона сала каде што д-р Јосифовски се бореше за мојот живот. По операцијата се чувствував тешко, изнемоштено. По 13 дена во болница, д-р Јосифовски ми соопшти дека мора да се направи уште една операција.

menduh mula ademi

По втората операција се почувствував подобро

Му верував со целото мое срце дека ќе ме спаси, што и на крајот се случи. Со двете интервенции ми извадија дел од панкреасот, желудникот и дванаесетпалачното црево, а комплетно беше отстранета и жолчката. По втората операција се чувствував како нов човек. По болничкиот престој, продолжи моето домашно лекување. Секој ден си давав мотив и сила и полека успеав повторно да се издигнам. Драстично го сменив начинот на живот.

Повторно се радувам и го славам животот

Во целата оваа приказна има уште еден лик на кој сум посебно благодарен, а тоа е сестра Сашка Ленц. Ѝ благодарам на комплетната поддршка во текот на целото мое лекување. За што и да ми беше потребно, таа секогаш наоѓаше време за мене. Целиот персонал имаше еден посебен однос кон мене. Ме бодреа, внимаваа на мене, едноставно беа целосно посветени. Не знаев како да им заблагодарам на целиот персонал во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои се виновни што јас повторно се радувам и смеам, бидејќи сега имам сè во животот. Имам семејство, деца, внуци и пред сè здравје.

Целата моја борба вредеше

Јас денеска живеам втор живот. Доказ за тоа е и една симболика. Првата операција ми беше направена на 11 мај. Втората операција се случи на 25 мај, на мојот роденден. Ден на кој јас по вторпат се родив, но се роди и поинаква личност, која сака да живее до последен здив, личност која знае што сака со целото свое битие. Внимавам како се хранам и секојдневно пешачам по 10 километри, и можам да кажам дека никогаш не сум се чувствувал подобро. Станав позитивна личност. Размислувајќи од оваа дистанца и присетувајќи се на целото мое патешествие, низ сè што поминав, можам само да кажам дека вредеше. Затоа мојот совет до сите кои се пронашле во иста или слична ситуација е – сакајте се себеси и борете се зашто секогаш има шанса за секого.

menduh mula ademi1

Д-р Јосифовски е мојот херој

За големината на д-р Јосифовски, немам зборови со кои можам да ја опишам. Тој човек има посебно место во мојот живот. Неговите стручност, знаење и пред сè човечност се причината за тоа што денеска јас сèуште сум жив. Му благодарам што ми подари живот, и што го постигна невозможното. Направи вистинско чудо и сум пресреќен што го направив вистинскиот избор.

Се борев како лав, не ѝ се предавав на болеста. Едноставно сакав да живеам. За моја среќа, зад мене стоеше тим од професионалци на чело со д-р Тони Јосифовски. Им благодарам за сè бидејќи со еден процент шанса за преживување, три години подоцна јас го пишувам ова писмо.

Со почит,
Мендух Мула Адеми