fbpx

ПРОФ. Д-Р НИКОЛИЌ – ВИРТУОЗ ВO КАРДИОХИРУРГИЈАТА: ПЕТЧАСОВНА ОПЕРАЦИЈА НА ОТВОРЕНО СРЦЕ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

26.10.2020

Голема и сложена хируршка интервенција на отворено срце е изведена на Одделот за кардиохирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, при што е спасен животот на 89-годишен пациент. Оперативниот зафат, кој траел околу 5 часа, го изведе шефот на кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ, поставени се 3 бајпаса кај пациентот, направена е замена на аортната валвула и поправка на митралната и трикуспидната валвула.

Даме Секуловски бил примен во болница со силна и неиздржлива болка во градите. Веднаш е упатен на кардиолошки преглед и по направената коронарографија му е дадена препорака за хируршка реваскуларизација на миокардот. Кардиохирургот проф. д-р Николиќ вели дека станува збор за една од најдолгите и најтешки операции направени досега.

„Кај пациентот е направена голема операција, опериравме 3 срцевите залистоци (валвули) и поставивме 3 бајпаса. Операција беше со огромен ризик не само поради возрасната граница 89 години,  туку и поради 3-те бајпаса и 3-те валвули. Направивме сè што можевме, немаше што повеќе од тоа.  Јас сум задоволен, сè помина одлично и ми е драго што пациентот се чувствува добро“, потенцира д-р Николиќ.

AcibademSistina

Најважно е сега пациентот да ги слуша препораките кои ги давааат докторите, а кои се објаснети и на неговото семејство, каква грижа е неопходна од нивна страна и како тој да се однесува за сè да функционира  во најдобар ред.

Даме Секуловски вели дека веќе 10 години  има проблеми со срцето. Цел живот бил активен, сè до последната година кога дури и при пешачење чувствувал силна болка во градите. Вели дека пред операцијата болката ја регулирал со терапии.

„Проблемите со срцето ми почнаа во 2010 година. Во слободното време се занимавам и со пчеларство и постојано сум во движење, оперативец, не можев да седам во канцеларија. Работев како проектант на енергетски објекти, работата ме храни, сè уште станувам и ноќе ми доаѓаат идеи, цртам. Проблемите почнав да ги забележувам додека се движев, на пример ќе пешачев 200 метри и веднаш чувствував силни болки, многу силни болки. Морав да застанам, да се одморам и за 15 минути ќе ми поминеше.  Не можев да носам потешко од 2-3 килограми, така некако се крпев. Не сум имал претходна интервенција како оваа што ми беше направена сега. Регулирав сè со терапија, таблети, инјекции“, раскажува 89-годишниот пациент.

AcibademSistina

За проф.д-р Александар Николиќ, Даме Секуловски вели дека е виртуоз кој токму на неговото срце ја направил најтешката операција. Имал целосна доверба во него и упатува огромна благодарност што му го продолжил животот.

„На внуката ѝ реков дека мојот хирург е виртуоз. Ја изврши најтешката операција на срцето на мое срце. Навистина голем човек. Јас сум многу благодарен, и мојата фамилија исто така. Сите ме прашуваат каде се оперирав, што оперирав и кој те оперираше. Им велам, само виртуози може да ме оперираат и благодарение на тоа сега се чувствувам многу добро“, вели тој.

Господинот Секуловски со носталгија раскажува дека од 30 другари му останале само уште тројца, Љупчо Србиновски – Србо, Фикрет и Миле Мозокот, со кои, како што вели, сè уште другаруваат. Иако е во деветтата деценија од животот, Даме Секуловски сè уште едукациски се надоградува, пред една година завршил курс по англиски јазик, а има уште доста проектантски идеи кои би сакал да ги реализира.

„Додека престојував во болничката соба 4409, каде што на sидот имаше цветови, добив инспирација за пишување, сите болки ги заборавив, читам многу книги и навистина сакам да читам. На времето студирав во Загреб, во Скопје немаше електро-машински, само градежен, земјоделски, медицина и учевме руски јазик. Сакав да научам и некој светски јазик и пред една година се запишав на курс по англиски, па асистентот ме праша колку години имам, му велам девет на квадрат +7, 88 години, па ми рекоа дека не треба да платам“, се присетува Секуловски.

89-годишниот Даме неколку недели по операцијата вели дека се чувствува многу добро. Нема никакви болки и сега слободно може да се движи и да пешачи. Вели дека без никаков проблем си ги извршува домашните работи и редовно пишува. Упатува огромна благодарност за целокупниот третман кој го добил во „Аџибадем  Систина“, за посветеноста и грижата која ја добил од персоналот.