fbpx

Д-р Каламарас: ЕКМО методата која за прв пат се примени во „Аџибадем Систина“ е врвот во лекувањето на најтешките пациенти со коронавирусот

24.10.2020

Работата на двете места ќе биде голем предизвик за мене и за тимовите со кои ќе работам, потребно ќе биде многу енергија и сила која се надевам сите ќе ја имаме за да ја издржиме оваа борба, вели д-р Каламарас.

Patricija Kalamaras
 

Доктор Патриција Каламарас од неодамна е консултант во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а работи и како инфектолог во Градската општа болница „8 Септември“. Од почетокот на епидемијата со ковид-19 таа заедно со нејзините колеги е во првите борбени редови и во секојдневна битка за спас на животи кои се загрозени од новиот вирус, кој сѐ уште не им целосно познат на научниците. Во ова интервју Каламарас зборува за тоа дека медицинскиот кадар делува сплотено во борбата против вирусот и апелира до сите, дека колку и да се трудат, лекарите не можат да ја добијат оваа битка сами ако сите други не ги почитуваат мерките.

Како доктор и искусен инфектолог прв пат се соочувате со ваква појава на пандемија. Kое е вашето искуство со истото?

– Оваа пандемија дојде премногу неочекувано за сите нас. Ние како инфектолози низ годините сме се соочувале со бројни ситуации на заразни болести, но сме имале третман и соодветен одговор на истите кој знаеме дека е применлив и проверен. Во овој случај, се соочивме со една целосно непозната појава. Одеднаш требаше да застанеме пред еден голем предизвик во кој одговорноста на инфектолозите е огромна и клучна. Верувајте дека тежината на одговорноста која ја носиме добива друга димензија кога во погледите на пациентите ќе го видите стравот со кој тие се соочуваат и помошта која ја бараат од вас. Ние сме буквално постојано над пациентите, се бориме со сета своја сила, знаење и потенцијал и знаеме дека секоја секунда е важна иако во тие моменти секундите се чинат како часови. Имаме и многу тешки и тажни исходи, кога пациентите, а и ние како доктори ги губиме битките, но за нас борбата секогаш продожува. Секој спасен живот, секој излечен пациент ни дава нова надеж, го брише сиот наш умор и тежина и ни дава сила да продолжиме да се бориме и да го оствариме дури и она што понекогаш се чини невозможно.

Сведоци сме дека големи и силни здравствени системи не го положија тестот кога беше во прашање справувањето со оваа пандемија и сѐ уште бараат начини за истото. Како кај нас се справуваше и се справува системот со овој притисок?

– Се согласувам дека оваа пандемија беше и сѐ уште е голем удар како за здравствените системи секаде во светот така и кај нас. Светот не беше подготвен, никој не беше подготвен. Застрашувачки е фактот што големи, моќни држави не успеваат да најдат решение како да одговорат на овој притисок. Темелите на здравствениот систем се секако здравствените работници што кај нас сметам дека се оние кои апсолутно ја имаат целата заслуга во оваа ситуација.

Можам да кажам дека како никогаш досега делуваме сплотено. Целиот медицински кадар ги здружи своите профили и експертиза во оваа борба. Здравствените работници достојно и одговорно застанаа пред целата ситуација. Ова беше и сѐ уште е единствениот начин да се спротиставиме на оваа пандемија. Вложуваме сериозен, макотрпен труд, се откажуваме од нашиот нормален тек на животот, од тоа да го гледаме нашето семејство и се посветуваме целосно на работата.

Ова нека биде и апел до сите, сакаме да знаете дека колку и да се трудиме, оваа борба ние не можеме да ја добиеме сами доколку не се почитуваат мерките. Помислете само дека секое ваше непочитување некого може да го чини живот. Ова е борба и реалност која што ќе трае и може да станува уште потешка, имајте висока свест бидејќи само така можете да си помогнете себеси, на луѓето околу вас, на нас како и на целиот здравствен систем во овој огромен предизвик со кој се соочува.

Од неодамна сте консултант во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Што значи тоа и како се одлучивте на овој чекор после толку години поминати во јавното здравство?

Како е организирана вашата работа во двете установи и како успевате да постигнете да бидете присутна на двете места?

– Моментално сум консултант во КБ „Аџибадем Систина“ и редовно ја посетувам ГОБ „8 Септември“ каде што се наоѓа целиот тим со кој ја започнавме оваа борба и со кој и покрај мојот ангажман во „Аџибадем Систина“, ја продолжуваме. Како што споменав овие две улоги со себе носат и голема одговорност, бараат огромна посветеност и сила. Среќна сум што наидов на големо разбирање од страна на г-динот Јордан Камчев и г-динот Ѓун Ѓунсој кои ми дадоа поддршка да бидам дел и од тимот во јавното здравство. Од друга страна, благодарна сум и за разбирањето кое го покажаа министерот д-р Венко Филипче и директорот на ГОБ „8 Септември“ за мојот ангажман и одлуката да работам во двете установи. Ова ќе биде голем предизвик за мене и за тимовите со кои ќе работам на двете места, потребно ќе биде многу енергија и сила која се надевам сите ќе ја имаме за да ја издржиме оваа борба.

Како активна во двете установи веќе можете да го споделите различното искуство кое го доживувате. Што е она по кое тие се разликуваат?

– Третманот на пациентите заболени со ковид-19 не е универзален и тоа значи дека одлуката како ќе биде третиран пациентот не зависи од тоа дали тој се наоѓа во приватна или во државна установа туку директно од неговата состојба. Во секој случај, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ секако е инфраструктурно, кадровски и технолошки подготвена да одговори целосно на потребите на пациентите. Како приватна болница која е дел од една од најголемите здравствени групации во светот, покрај сѐ останато, предност е и што ги следи примерите и ја има поддршката и од „Аџибадем“ од Турција. Има мултидисциплинарен пристап, искусен тим лекари и капацитети со кои активно ги следи промените и трендовите на пандемијата и брзо и ефикасно ги имплементира сите нови процеси за лекување. Активно применува методи кои во јавното здравство не се достапни за пациентите, како што е методот на хемофилтрација и ЕКМО методата за кои можам да кажам дека сум многу среќна бидејќи се имаат покажано како успешни при лекувањето на пациенти заболени од ковид-19 и даваат надеж и за најтешките случаи на инфекција од овој вирус.

Бевте дел од тимот кој за прв пат на Балканот спаси 45-годишен пациент со примена на ЕКМО методата. Како ќе го коментирате тоа искуство?

– Секој спасен живот на кој било начин претставува успех за сите нас и надеж за сите битки со кои понатаму ќе се соочуваме. ЕКМО методата која за прв пат се примени во „Аџибадем Систина“ можам да кажам дека е врвот на технологијата во лекувањето на пациентите кои се соочуваат со најтешки, животозагрозувачки компликации од коронавирусот. Кога кај пациентот дури ни на респиратор не може веќе да се обезбеди доволна оксигенација на организмот останува само ЕКМО апаратот, кој всушност е замена за белите дробови на организмот и практично е единствената машина која може да му подари живот на пациентот. Заедно со искусниот тим на доктори од „Аџибадем Систина“, условите и врвната опрема која ја поседува болницата бевме единствени и први не само во земјата, туку и на целиот Балкан во лекувањето со овој метод.

„Аџибадем Систина“ отсекогаш била револуционер кога станува збор за инвестиции и поседување на опрема и технологија. Тоа е случај и сега, во оваа пандемија кога болницата поседува ваков тип на машина што на моја голема радост како доктор е достапна на сите пациенти.