fbpx

Приказната на Василиј и предизвиците со кои се соочуваат предвременородените бебиња

17.11.2021

„Предвремено родено бебе. Не, не можеш никогаш да бидеш спремен за тој предизвик. Денот којшто чекаш да биде твој најсреќен ден наеднаш станува најсреќниот и најстрашниот ден истовремено, бебето е упорно да дојде на овој свет, а ти не си спремна за тоа, исплашена и возбудена, ти доаѓаат многу различни мисли и безброј прашања, дали ќе се роди живо, здраво, дали ќе остане во овој за него нов свет!? Среќа, радост, тага, болка, страв, солзи. Тој ден не само што јас го родив него туку и тој ме роди мене како мајка, ми роди толку многу чувства дотогаш за мене непознати, тој ден е денот кога започнуваат најголемите предизвици за малиот борец и целото семејство. Василиј е роден во 28. недела од бременоста на 25.3.2021 со 1.320 грама и 44 цм долг. Тој ден и секој нареден веќе забораваш дека постои сè друго, вратата од неонатална интензивна нега, иако звучи страшно, тебе ти е омилена, бидејќи штом влезеш во неа знаеш дека следи твојата кратка средба со тој мал дел од тебе, со твојата душа која лежи во инкубаторот со толку многу црева и кабли на кои не им ја знаеш намената. Дури и ханзапластот на неговото раче те боли повеќе од сè, а камоли да го гледаш така. Толку мало, толку убаво и невино бебенце, полно со љубов, го гледаш и се полниш со среќа и страв. Страв да го поставиш првото прашање за него, страв од секој одговор што ќе го добиеш, ти дури не знаеш ни што да прашаш, ама нему му велиш преку стаклото „Добро е сине, да знаеш само колку си прекрасен, ќе се бориме и ќе се гушкаме наскоро, ќе си дојдеш дома со мама”. Првиот ден ги бараш докторите за информација, но кога ќе ги сретнеш ги избегнуваш бидејќи се плашиш од одговорот, но земаш длабоко воздух и се сретнуваш со докторот. За почеток се соочуваш со неразвиени бели дробови на бебето, долга борба во која ќе се бориме до крај, мама знае дека тој ќе успее, се смееш пред него, го гледаш, го допираш стаклото од инкубаторот мислејќи дека го галиш него, му даваш храброст да се бори… и потоа излегуваш од болницата и плачеш и врескаш и не можеш да престанеш… и така секој ден додека да го прифатиш тоа. Но тоа не е сè, тука веќе се соочуваш со проблеми со срцето на Василиј коишто бараш начин да ги прифатиш надвор од болницата за кога ќе влезеш на интензивна повторно да бидеш полна со позитивна енергија за него и надеж дека ќе успее. И тамам си успеал сам со себе да се избориш дека тоа е тоа, дека сега веќе ќе чекаш да биде добар, наеднаш доаѓа и нов предизвик, крвавење во тоа мало главче коешто не се знае какви последици ќе остави. Ама јас како мајка, иако мислев дека нема да можам да најдам начин да поднесам, дека сум слаба и не можам да издржам, сепак успеав, успеав да прифатам сè и решив дека до крај ќе се борам за моето бебе, дека секој проблем ќе го надминеме заедно и дека нема нешто што ќе може да нè турне. Огромна благодарност до хероите во бело, особено до д-р Корнелија Трајкова и д-р Радица Муратовска, кои први ја почнаа нашата борба, и сите останати. Ѝ благодарам и на мојата мајка, која беше упорна како лавица, со двете раце ме влечеше да не паднам во безизлезната дупка, а сопругот, сестра ми и целото семејство ми градеа ограда околу таа дупка.

vasilij sajt
 

Така полни со позитивна енергија секој ден полека напредувавме заедно. По долги и тешки 57 дена на NICU дојде денот заедно со нашиот син да си дојдеме дома. Борбата продолжува и дома бидејќи сите тие дијагнози се сè уште присутни, сега ти стануваш медицинска сестра која целодневно ќе му подготвува терапии и ќе му прави вежби на бебето, но тоа е за тебе супер, сепак бебето ти е дома, задоволство ти е да правиш сè за него. Наредните 2 месеца не спиеш воопшто затоа што се плашиш, седиш и го слушаш секој негов здив, знаеш дека машината не е тука да свири доколку нешто не е ок, кога не си сигурна го будиш да видиш дека е добар па го заспиваш наново. Но сè тоа поминува со текот на времето, заедно учите како да си олеснувате, го гледаш како расте и се радуваш на секоја наредна контрола кога ќе кажат дека е подобар. И по 6 месеци од раѓањето конечно можевме да земеме здив, нашиот јунак Василиј успеа да се избори, ги надминавме проблемите, ги намаливме лекарствата и терапиите, сите велат еве сега опуштете се и уживајте, но ти не знаеш како личи тоа да се опуштиш. Се надевам другите мајки на предвремено родени бебиња ќе го научат тоа чувство, но, за жал, јас не можам. Само што успеа да победи сè, мојот јунак Василиј овој пат доби нова борба, една од најтешките.

Сега останува да верувам само во него бидејќи тој е толку силен борец и огромен јунак, посилен од сите луѓе што ги познавам. Останува да верувам дека ќе се избори повторно, за мама и тато да бидат уште посреќни и да се радуваат на него целиот живот. Василиј ќе успее, ќе го победи и ова, затоа што предвремено родените бебиња се вистински херои.

Сите родители на предвремено родени деца бидете храбри бидејќи тие се најголемите борци што може да ги сретнете во животот.“-напиша Симона.

Ве сака Василиј и мама Симона