fbpx

Недела на медицински сестри: Цела година посветени на здравјето и хуманоста

10.05.2019

Гости од странство, посети и предавања, размена на искуства и знаења – овие активности беа дел од неделата на медицинските сестри, која се одбележува традиционално и во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Да се зголеми свеста на граѓаните да го чуваат здравјето, но и да се зголеми едукацијата се клучни предизвици и цели на здравствените работници. Оваа година мотото под кое се одбележува Интернационалниот ден на акушерките, 9 Мај, и Интернационалниот ден на медицинските сестри, 12 Мај, е „Глас што води, здравје за сите“. Директорката на медицинските сестри во „Аџибадем Систина“, Билјана Дилевска ,вели дека активностите кои се одржале даваат голем придонес кон развојот и унапредувањето на здравствените програми, но и негувањето на здравјето на граѓаните, што е клучна цел на сестрите во болницата.

Како дел ова одбележување, прво група од 60 ученици од средно медицинското училиште ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола и група од 30 ученици од средно медицинско училиште од Шведска беа гости во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.  Дилевска им одржа ориентационо предавање за работата на медицинските сестри и нивните активности, како и мотивационо предавање за развојот на професијата медицинска сестра во нашата држава.

 

„Бевме предавачи и на Секцијата на сестри за анестезија каде го претставивме единствениот информативен систем за едукации на медицински сестри во Македонија и начинот на едукации и проверки на знаења на истите. СОС-селото, пак, беше местото каде екипата од Одделот за детски болести на Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’  одржа предавање кое ги опфати сите теми поврзани со правилен раст и развој на децата од различна возраст. Низ разговор и примери се воспостави конекција со децата и згрижувачите и на задоволство на сите беше договорена наредна работилница со која низ стручни совети ќе пробаме да придонесеме за посреќно и побезбедно детство“, вели Дилевска.

Таа заедно со тимот за едукација одржаа и едукативна работилница на IBU (International Balkan University), на која ги запознале професорскиот кадар и студентите со начинот на работа на медицинските сестри, активностите и одговорностите кои ги имаат во болницата. Таква работилница, вели Дилевска, имало и за вработените од Стопанска банка а.д. Битола, на која за здравјето на вработените се дискутирало и за потребата од индивидуални и групни сиситематски прегледи, како и значењето на самосвесност во поглед на заштита на здравјето.

Дилевска вели дека неделата на медицинските сестри содржела и активности поврзани со општествена одговорност и хуманитарни настани и активности.

Инаку ,во контекст на здравјето и здравите животни навики, медицинските сестри од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во текот на целата година вршат промоција на спортските активности кои освен здравствен аспект исполнуваат и хуманитарна цел.

„Освен што редовно се дружиме и спортуваме, учествуваме и на трки и настани за поткревање на свеста на околината. Оваа година традиционално учествувавме на трката за Даунов синдром, Авицена женската трка, со која праќаме порака за свесноста за женското здравје, трката за заболени од Вилсонова болест и Визер скопскиот маратон, каде веќе неколку години освен што учествуваме како учесници, имавме и штанд каде што медицински сестри даваа совети за учесниците пред трката, како и корисни информации за здравјето на посетителите додека траеше трката“, вели Дилевска.