fbpx

НАЈСОВРЕМЕН ТРЕТМАН НА ОРТОПЕДСКИ БОЛЕСТИ СО TРАНСПЛАНТАЦИЈА НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ

30.03.2023

Од јануари годинава на Одделот за ортопедија во клиничката болница „Аџибадем Систина“ почна да се применува нова метода за третман на ортопедски болести со апликација на сопствени матични клетки (мезенхимални матични клетки), што се смета за значаен чекор напред во областа на ортопедијата и развојот на ортобиологијата во земјава. Д-р Борислав Илиев, специјалист по ортопедија, ја воведе оваа техника под менторство на проф. д-р Филип Шетле, меѓународно признат ортопедски хирург од Германија, специјалист за хирургија на колено и еден од водечките лекари во регенеративната медицина. Терапијата со матични клетки се користи за поддршка на природните процеси на телото во третманот на повредите, дегенеративните болести и хроничните заболувања на зглобовите. Оваа метода може да се применува конзервативно или во текот на хируршки интервенции. Предност на оваа метода се минималната инвазивност и брзата рехабилитација.

Transplantacija

ПРВА САМОСТОЈНА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ

На Oдделот за ортопедија од воведувањето на оваа метода досега се направени 10 трансплантации, а во февруари д-р Илиев самостојно ја изведе и првата трансплантација на матични клетки заедно со д-р Филип Видоевски, доктор по општа медицина. „Заедно со д-р Филип Видоевски, самостојно ја изведовме првата трансплантација на матични клетки кај пациент на 63-годишна возраст со артроза на колено. Оваа метода се воведува како редовна во секојдневната практика на нашата клиничка болница и се применува кај пациенти што страдаат од артроза на зглобови (колена и колкови) и оштетување на меки ткива, пред сè, тетиви, така што ја стимулира репарацијата на ‘рскавицата и најчесто со една апликација за долг временски период, проблемот е решен“, рече д-р Илиев.

„Новиот метод за лекување на ортопедски заболувања е најсовремен пристап во ортобиологијата. Со апликација на мезенхималните матични клетки се стимулира природниот процес на зглобовите за обновување на ‘рскавицата, се спречува нејзино понатамошно оштетување и се овозможува побрз процес на закрепнување“, вели д-р Борислав Илиев, специјалист по ортопедија.

За третман со матични клетки, прв чекор е правилната индикација за терапија со матични клетки, која се заснова врз детална анамнеза и прецизен преглед со проценка на РТГ-снимки од зглобовите, МРИ и КТ, а потоа се прави подготовка на регијата за аспирација на масното ткиво под анестезија. За оваа постапка се користат специјално дизајнирани сетови за правилно и безбедно собирање и администрирање на матични клетки. По пат на липоаспирација, се аспирира одредена количина масно ткиво од пациентот која понатаму се обработува. По обработката, потребната количина мезенхимални матични клетки се вбризгува најчесто под ултразвук во делови од телото каде што има индикација за нивна примена.

Transplantacija

ПРОФ. Д-Р ШЕТЛЕ ДЕЛ ОД ТИМОТ НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

 Проф. д-р Шетле важи за еден од најдобрите специјалисти за третман на проблеми со колено, а во своето долгогодишно искуство извршил над 1000 трансплантации на матични клетки. Од 2002 година проф. д-р Шетле интензивно се занимава со третман на болести на патела и има добиено највисоко меѓународно признание во областа на нестабилност на патела. Во декември минатата година во клиничката болница „Аџибадем Систина“ одржа предавање на тема „Модерен третман на нестабилна патела“. Тој е пионер во областа на ортобиологијата и еден од првите лекари што користеле ортобиолошки производи од крвна плазма (PRP, ACP) за лекување на спортски повреди од 2006 година. Терапијата со матични клетки во моментов претставува највисоко ниво на развој во регенеративната медицина и најчеста примена во ортопедијата има во третман на дегенеративни промени на големите зглобови. Во клиничката болница „Аџибадем Систина“ на Одделот за ортопедија покрај интервенции за трансплантации на матични клетки, тој извршува и други ортопедски хируршки интервенции.

Според него матичните клетки се „тимот за одржување“ во човечкото тело, кои се привлекуваат и се активираат од воспалено, ослабено или оштетено ткиво и потоа го применуваат своето регенеративно дејство на тоа место. „Матичните клетки се сите клетки кои, од една страна, се способни да се делат во својата неспецијализирана форма (да се обновуваат), а од друга страна, се способни да се развијат во специјализирани видови клетки. Последниот процес се нарекува диференцијација. Диференцијацијата е процес на развој на незрели клетки во високо специјализирани клетки на возрасен организам кои се насочуваат кон соодветна посебна функција. Матичните клетки подобруваат, регенерираат, имаат силно антиинфламаторно дејство, имаат позитивно влијание врз имуномодулацијата и не предизвикуваат никаков несакан ефект, бидејќи тие се составен дел на телото“, вели проф. Шетле.

Во случај на повреда на кожата, активираните матични клетки започнуваат да ги зајакнуваат делумно оштетените клетки и ги заменуваат целосно оштетените клетки. Според тоа, матичните клетки се клучни за обновување на кожата. Според проф. Шетле матичните клетки развиваат различни механизми кои се неопходни за совршено заздравување и регенерација.

„Мезенхималните матични клетки од сопственото масно ткиво на телото формираат особено високо моќна и успешна алтернативна терапија без несакани ефекти. Матичните клетки можат да се размножуваат и да се развијат во различни видови ткиво (мускули, ‘рскавица, тетива, коска, нервни или масни клетки) и да ги регенерираат. Терапијата со матични клетки ги третира слабите точки на телото кои не можат да се регенерираат сами по себе или со помош на други третмани. Благодарение на минимално инвазивната процедура се избегнува операција, а со тоа и послаба појава на отоци, се намалува ризикот од инфекција како резултат на избегнувањето операција, се обновува оштетеното ткиво (кожа, ‘рскавица, тетиви, интервертебрални дискови). Станува збор за едноставна, брзо изводлива постапка, која може да се изведе и во амбулантски услови, а нејзина предност е побрзо закрепнување и брзо враќање на физичките активности“, вели проф. Шетле.

Оваа метода може да се комбинира и со операции за побрзо заздравување. Третманот со матични клетки отвора големи можности за негова примена, а искуството на лекарите е од клучно значење за да се избегне поврзаноста на матичните клетки со патологии, каде што употребата на матични клетки веќе е премногу напредната и ортобиолошкото заздравување/регенерација веќе не е можно. Според тоа, проф. Шетле вели дека многу важно е да се донесе претпазлива одлука за постигнување на успешни цели. Професорот од Германија е импресиониран од современите и напредни медицински процеси кои се одвиваат во „Аџибадем Систина“ и смета дека со отворениот пристап и големиот интерес за примена на овие современи опции за третман, оваа болница успешно прави обид да ги вметне како рутина во секојдневната клиничка практика, додавајќи дека е среќен што е дел од системот „Аџибадем Систина“.