fbpx

ЉУБОВ КОН ПРОФЕСИЈАТА И ХУМАНОСТ – ХЕРОИТЕ ОД ДРЖАВНИОТ КАРАНТИН „ИБИС“ ВО СЕКОЈДНЕВНА МИСИЈА ЗА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

15.04.2020

ibis naslovna

Одлуката да се работи во услови на државен карантин, која вклучува работа од дванаесет часа во целосна заштитна опрема, мора да биде поткрепена со силна желба за безрезервно хумана мисија. Предизвикот да се работи тука за многумина би бил навистина голем, меѓутоа за медицинските сестри од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ тоа претставува едноставно извршување на работата на која се посветени и која, најважно од сѐ, ја работат со љубов.
Медина Касумовиќ Абдурахман, Јована Јаневска, Ана Стојановска, Димитрија Стевковски, Сандра Илиевска, Ивона Касниоска, Ирена Ќурчиеска и Ана К. се нашите херои чија задача е целосна грижа за лицата кои треба да поминат четиринаесет дена во изолација во државните карантини, хотелите „Ибис Центар“ и „Ибис стајлс“.

Со нив разговараме за досегашното искуство, и пред сѐ за мотивот да се биде хуман човек.
„Од првиот ден кога дознавме дека ќе бидеме дел од тимот кој ќе работи во државен карантин бевме подготвени да дадеме сѐ од себе за да помогнеме да го зачуваме јавното здравје.  Чувството на исполнетост кое го имаме на крајот од денот е тоа што нè движи и ни дава сила да го издржиме уморот. Горди сме што сме ја одбрале оваа професија и што нашите сограѓани ни даваат почит и благодарност“, вели Ивона.

„Можноста што нам ни се пружа да се грижиме за лица од различни култури, со различни обичаи и верувања, за нас е непроценливо! Секој еден е приказна  за себе и дел од таа приказна останува врежана во нашите животи.  Како што веќе знаеме сите, се бориме со пандемија од светски размери и е навистина предизвик кој со себе носи многу!“ надополнува Медина.
Нивната улога е голема, се грижат за сите лица во карантинот, ја следат нивната состојба и честопати се нивна најголема поддршка.
„Нашите задачи како медицински сестри е секојдневното мерење телесна температура, следење на нивната здравствена состојба и следење дали има појава на некој од симптомите како што се покачена телесна температура, сува кашлица, болки во мускулите, отежнато дишење итн. Важен дел кој не смее да се изостави е психолошката состојба на лицата. Исклучително важен е начинот на кој ги третираме, смирувајќи ги нивните стравови, разбирајќи ја нивната состојба, емпатично приоѓајќи кон нивните потреби, не заборавајќи дека Ковид-19 е предизвик кој треба колективно да го надминеме“, вели Јована.

Како мерки за превенција на инфекција за Ковид-19 во здравствени установи, тимот кој работи во државните карантини носи посебна лична заштина опрема и ги почитува сите препораки за заштита.
„Многу сме горди што сме дел од тимот на ‘Аџибадем Систина’, коишто секогаш максимално се грижат за своите вработени. Секогаш ни е достапна целосна заштита како што се: заштитни маски, ракавици, скафандери, визери, капи, калјачи, очила, мантили, секогаш чисти униформи и дезинфицирани кломпи. Покрај правилната употреба на заштитната опрема,  од клучна важност е и соодветната хигиена на раце, избегнување допир на очите, носот, устата или маската во секое време“, вели Сандра.

Медицинските сестри кои се дел од тимот на „Аџибадем Систина” и тимот од хотел „Ибис” велат дека се  горди што нивните „гости” не се чувствуваат запоставено, туку напротив, убаво си го поминуваат времето во овој 14-дневен карантин.
„Можеби помислата кога ќе се спомне државен карантин звучи по малку застрашувачки, меѓутоа сите луѓе што се сместени во хотелите ‘Ибис’ имаат одлични услови за нормален секојдневен живот. Условите кои ги нудат хотелите и грижата на медицинските лица ја менуваат сликата за тоа што значи карантин. Имаат три топли оброци на ден, средства за хигиена и дезинфекција, ТВ, интернет…  Се грижиме за нивните секојдневни потреби… Имавме неколку родендени коишто со задоволство им ги одбележавме со торта и роденденска песна. Имавме гости коишто ни праќаа видеа како пеат и свират. Ние сме тука да се грижиме за нивното здравје, а тоа е најважно“, вели Димитрија.

Карантин не значи да се биде само „затворен и изолиран“, истовремено значи и дека даваш надеж за посигурно утре! Ова е пораката која ја испраќаат хероите од „Аџибадем Систина“.