fbpx

КАЈ 82-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА ИЗВАДЕН ТУМОР СО ГОЛЕМИНА НА КОШАРКАРСКА ТОПКА

23.06.2023

Цели шест месеци траеше голготата на 82-годишната пациентка Марија Терзиева од Скопје, талкајќи по државните здравствени институции барајќи решение и спас за својата здравствена состојба. На Марија Терзиева ѝ бил дијагностициран огромен тумор во стомакот со големина колку кошаркарска топка, за што ѝ била предложена операција за негово отстранување, но земајќи ги предвид нејзината возраст и големината на туморот, операцијата била ризична и Онколошкиот конзилиум на ГАК одлучил без оперативен зафат да ја препрати на Клиниката за онкологија. Поради крвавење од матката, се почнало лекување со зрачна и хемотерапија, без да се има каков било патохистолошки или цитолошки наод од туморот. Во текот на овие шест месеци кај Марија се извршени и дополнителни испитувања како магнетна резонанца, ултразвук, рендген на бели дробови, лабораториски анализи со тумор-маркери. Додека траел процесот на примање хемотерапија, Марија добила препорака да побара мислење за својата состојба од д-р сци. мед. Никола Баџаков, специјалист за гинекологија и акушерство во „Аџибадем Систина“, за кој таа првпат слушнала тогаш, а денес вели дека благодарение на него и неговото искуство се ослободила од проблемот, кој ѝ претставувал огромен товар и пречка во извршување на секојдневните активности.

„Не чувствував никакви тегоби, немав никакви болки, но мојот стомак видливо се зголемуваше, стануваше сè поголем и поголем. Отидов на гинеколог за преглед и ми дијагностицира огромен цистичен карцином за кој ми беше кажано дека треба да се отстрани со операција. По сите направени испитувања, конзилиумот на Клиниката за гинекологија и акушерство донесе одлука дека не можат да ме оперираат бидејќи станува збор за ризична операција, а најголем проблем за тоа беше мојата возраст. Оттука конзилиумот одлучи да ме испрати на Клиниката за онкологија каде што примив циклус зрачна терапија поради појава на крвавење од матката. Благодарение на едно медицинско лице од Клиниката за онкологија, добив препорака да побарам мислење за мојата состојба од докторот по мед. науки Никола Баџаков во ‘Аџибадем Систина’“, вели Терзиева.

NewArtboard copy

ВОЗРАСТА НЕ БЕШЕ ПРЕЧКА ЗА ДА СЕ ИЗВЕДЕ ОПЕРАЦИЈАТА

Пациентката Марија, по своја иницијатива, со целосна медицинска документација дојде во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ на преглед кај д-р Никола Баџаков и како што вели таа, доволно биле само еден преглед и разговор со докторот за да ѝ каже дека ќе ја направи операцијата за отстранување на тумор, без оглед на нејзината возраст, бидејќи туморот мора да се извади.

„Марија Терзиева е пациентка на 82-годишна возраст, кахектична (слаба), која дојде со огромен оваријален тумор во стомакот (со големина колку една кошаркарска топка) дијагностициран на државната Клиника за гинекологија и акушерство. По извршен гинеколошки и ултразвучен преглед, во соработка со шефот на Одделот за анестезиологија д-р Милчо Мицевски, одлучено е со соодветна предоперативна подготовка да се изведе абдоминална гинеколошка радикална операција. Во текот на операцијата, која ја изведовме следниот ден, извадени се два големи оваријални тумори со тежина од околу 20 килограми и минимална количина асцитна течност (250 мл), кои ги испративме за патохистолошка анализа“, вели д-р Никола Баџаков.

Според д-р Баџаков за среќа на Марија патохистолошката анализа на доставениот материјал покажа наод за бениген тумор, без да има потреба за дополнителна хемо и зрачна терапија која е отпочната предвреме.

ИНТЕРВЕНЦИЈАТА ТРАЕШЕ ЧЕТИРИ ЧАСА

 Оваа сложена операција за отстранување на туморот, која траеше четири часа, беше успешно изведена од страна на докторот по медицински науки Баџаков, заедно со хируршкиот тим во кој учествуваа: Снежана Тимчева-Цветковска, специјалист по гинекологија и акушерство, Милчо Мицевски, специјалист по анестезиологија со реаниматологија, Јована Топенчарова, специјализант по гинекологија и акушерство и Анета Јордановска, медицинска сестра, инструментарка. Постоперативниот тек кај Марија помина во најдобар ред, а уште по првиот ден од операцијата таа рече дека се чувствува одлично.

Одделот за гинекологија и акушерство во „Аџибадем Систина“ е пионер во изведување бројни гинеколошки интервенции со применување на нови хируршки техники, постојано инвестирање во најмодерна технологија за дијагноза и третман и е единствена приватна здравствена институција во Европа која изведува минимална инвазивна хирургија кај онколошките пациенти со презентирање на своите резултати.