fbpx

ЈАКОВ Е НАЈМАЛИОТ, НО НАЈХРАБАР БОРЕЦ НА 10 МЕСЕЦИ МУ Е ИЗВАДЕН ТУМОР СО ГОЛЕМИНА НА РАКОМЕТНА ТОПКА

19.05.2020

naslovna

Ден пред Нова година на малиот Јаков му бил дијагностициран релативно редок тумор на бубрегот. За среќа, бил откриен навреме, кога Јаков имал само девет месеци, и отстранет кога наполнил десет месеци. Туморот со големина на ракометна топка е отстранет со ретка и сложена интервенција, која за првпат во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја изведе детскиот хирург д-р Ристо Симеонов. Родителите на малиот Јаков, Елена и Илија, неколку месеци биле во потрага по конкретна и точна дијагноза за болеста на нивното 10-месечно бебе. Сè почнало кога на редовна контрола во нивното родно место Кочани забележале оток на стомакот на Јаков, по што следувале повеќе погрешни дијагнози. „Јаков неколку месеци постојано се разболуваше, но го лекуваа од настинки, пневмонија. Не ни насетувавме дека станува збор за нешто посериозно, сè додека не забележавме деформитет на десната страна од стомакот. Кога првпат го видоа на ехо ни рекоа дека станува збор на тумор на хепар, по што нè препратија на дополнителни испитувања во Скопје“, раскажува мајката на Јаков. Како што вели таа, ништо не укажувало дека малиот Јаков се борел и соочувал со толку сериозен вид тумор, кој брзо прогрeсирал. Дијагностицирањето траело долго. На Клиниката за детски болести Јаков бил хоспитализиран цели две недели, кога со компјутерска дијагностика било откриено дека станува збор за тумор на бубрег. Корбиопсијата, која била клучна, на Јаков му е изведена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. „Биопсијата ја направивме на 30 декември, ден пред Нова година, кај проф. д-р Зоран Трајковски. Се вративме со Јаков дома каде ги поминавме новогодишните празници и со нетрпение ги чекавме резултатите. Кога ги добивме, со нив отидовме кај д-р Симеонов и д-р Чонеска–Јованова. Сфативме дека мора итно да го оперираме Јаков, во наредните три дена, бидејќи стануваше збор за прилично голем и специфичен тумор“, посочи мајката Елена. Туморот морало итно да се извади бидејќи капсулата на туморот можела да пукне во секој момент. При интервенцијата пресудни биле навремената интервенција и стручноста, особено затоа што туморот бил позади цревата, а исклучително важно било да се извади целиот тумор и да не пукне капсулата на туморот.

ОПЕРАЦИЈАТА БИЛА СПЕЦИФИЧНА И ЗА ПРВПАТ ИЗВЕДЕНА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

simeonov matej

Д-р Симеонов вели дека станува збор за редок тумор кој се јавува кај децата уште при самото раѓање. „Интервенцијата е специфична и ваков тип интервенција всушност е изведен за првпат во ‘Аџибадем Систина’. Сложена затоа што се бара прецизна хирургија поради тоа што туморот се наоѓаше позади цревата, во конкретниот случај од десната страна. Требаше да се направи мобилизација на дебелото црево, да се зачува васкуларизација на цревата, да се стигне до крвните садови на бубрегот и да се внимава да не се повреди капсулата на туморот“, вели д-р Симеонов. Тој додава дека, за среќа, туморот бил во прв стадиум и интервенцијата била успешна.

МАЛИОТ ЈАКОВ ЗАКРЕПНАЛ ЗА КРАТКО ВРЕМЕ, СЕГА СО НАСМЕВКА УЖИВА ВО ЖИВОТОТ

simeonov matej

Мајката на Јаков вели дека била шокирана бидејќи туморот што бил изваден од нејзиното дете бил огромен, односно со големина приближна на ракометна топка. Но, Јаков, како што вели таа, иако бебе на 10-месечна возраст, бил многу силен и борбен. Закрепнал за релативно кратко време. „Со Јаков си заминавме дома пет дена по операцијата, којашто ја поднесе доста добро иако имаше само 10 месеци. Немам зборови со кои можам да ја опишам благодарноста до доктор Симеонов и целиот персонал од Одделот за педијатрија и на целата болница ‘Аџибадем Систина’. Докторите дадоа сè од себе и одлично се грижеа за Јаков. Тој сега е среќно и задоволно бебе и најважно за нас е што ќе го дочека првиот роденден здрав и жив“, вели мајката. Малиот Јаков сега се чувствува одлично, по интервенцијата му се дадени дополнителни совети за исхрана и терапија. Д-р Симеонов вели дека по хемотерапиите малиот Јаков ќе продолжи да расте и да се развива нормално.

simeonov matej